fbpx

Не е точно дека во Резолуцијата за геноцид во Сребреница, Србите се прогласени за „геноциден народ“

-

Резолуцијата го осудува негирањето на геноцидот и величењето на воените злосторници. Со Резолуцијата се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Во официјалниот текст на Резолуцијата за геноцид во Сребреница никаде не се споменува ниту српскиот, ниту било кој друг народ, а уште помалку се прогласува за „геноциден“, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Србите биле геноциден народ, така се изгласа пред малку во ОН, барем така гласаше и северна. А Грција, Бугарија, Албанија и светот не се ГЕНОЦИДНИ КОН НАС МАКЕДОНЦИТЕ!

Објавата се однесува на Резолуцијата за геноцид во Сребреница, која на 23 мај 2024 беше усвоена од Генералното собрание на ОН со 84 гласови „ЗА“ од 193 членки на Генералното Собрание. Резолуцијата го осудува негирањето на геноцидот и величењето на воените злосторници. Со Резолуцијата се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Оваа резолуција беше спонзорирана од 30-тина земји, а официјални предлагачи се Германија и Руанда. За Резолуцијата гласаа 84 членки, меѓу кои и Северна Македонија, која беше и коспонзор, против беа 19, а 68 беа воздржани.

Не е вистина наведеното во објавата што ја рецензираме дека со Резолуцијата „Србите се прогласуваат за геноциден народ“.

Претставничката на Германија во ОН, Антје Линдертс, која го образложи текстот на резолуцијата, порача дека во Сребреница пред речиси 30 години, систематски биле егзекутирани повеќе од 8 илјади луѓе, а сè започнало на 11 јули 1995 година и траело неколку дена.

Дури и фактот што тоа беше заштитена зона на ОН, не го спречи злосторството. Овој чин на геноцид доведе до трагична смрт на жртвите и до невидено страдање за преживеаните. За оваа резолуција се шират лажни тврдења. Таа не е насочена против никого. Не е ниту против Србија, вредна членка на оваа организација. Таа е насочена само кон извршителите на геноцидот, рече германскиот претставник во ОН.

За Резолуцијата и Црна Гора достави амандмани со кои се нагласува дека одговорноста е индивидуализирана и не може да биде насочена против ниту една заедница.

И советничката на ОН за спречување на геноцид, Алис Ваириму Ндериту оцени дека со Резолуцијата на ОН за Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, Генералното собрание на ОН застанало покрај жртвите на геноцидот и дека таа не е насочена кон ниеден народ. Таа оцени дека ставот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и на претставници на српските власти, дека резолуцијата за Сребреница го инкриминира српскиот народ или го означува како геноциден е „апсолутно неточен“.

Овој тип на колективно етикетирање на целата нација е апсолутно неточен. Многу луѓе од Балканот беа судени за злосторства. И тоа не беа само Србите, туку и луѓето од другите националности во регионот. Никој не ја спомна Србија, рече таа.

Во финалниот текст на Резолуцијата, не се споменува ниту една држава или народ, туку само се воспоставува дека 11 јули ќе биде Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница и дека се осудува негирањето на тој злостор.

Без разлика на тоа што Резолуцијата не носи ништо ново, односно ништо што досега не е потврдено со пресудите од Хашкиот трибунал и Меѓународниот суд за правда, се наметнува дезинформацијата за „колективна одговорност“ или дезинформацијата присутна во објавата што ја рецензираме дека со резолуцијата „Србите се прогласени за геноциден народ,“ што не е точно. Не постои вина на цел народ за злосторства, туку постои само индивидуална одговорност.

Проверувачите на факти од Србија, на порталот „Истиномер“ во анализа истакнуваат дека Резолуцијата за геноцидот во Сребреница во Србија е дочекана со бројни спинови, манипулации и дезинформации, меѓу кои и тој за „колективната одговорност“ на целиот српски народ, а пласирани од политичари.

Во српските медиуми се произнесоа и јавни личности кои тврдат дека фразата „геноциден народ“ не постои, туку е измислица за остварување политички цели.

Oд официјалниот текст на Резолуцијата е евидентно дека во неа Србите не се прогласуваат за геноциден народ, ниту пак тоа се прави за било кој народ во светот. Со неа се решава 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден за сеќавање и комеморација на жртвите од геноцидот во Сребреница од 1995 година, овој ден да се одбележува секоја година. Се осудува без резерва било какво негирање на геноцидот во Сребреница како историски настан и се советуваат земјите членки преку нивниот образовен систем и преку соодветни програми да се посветат на сеќавањето кон овие жртви, да се превенира негирање и извртување на фактите за да се спречат геноциди во иднина. Со Резолуцијата се осудува без резерва било која акција што ги величи оние кои се осудени за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид од страна на интернационалните судови, вклучително и тие што се одговорни за геноцидот во Сребреница.

Во резолуцијата се нагласува важноста да се комплетира процесот на пронаоѓање и идентификување на останатите жртви од геноцидот во Сребреница и достојно да се закопаат. Исто така, Резолуцијата повикува на пронаоѓање на сторителите на геноцидот во Сребреница кои уште не се имаат соочено со правдата. Резолуцијата ги повикува сите земји членки да ги почитуваат своите обврски според Конвенцијата за превенција и казнување на злосторството геноцид. Со неа се бара од генералниот секретар да воспостави програма насловена „Геноцидот во Сребреница и Обединетите Нации“ за да ги почне активностите за 30 тата година на одбележување во 2025 година.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е точно дека со изгласувањето на Резолуцијата за геноцид во Сребреница, Србите биле прогласени за геноциден народ. Ниеден народ не е геноциден, туку за геноцид се одговара поединечно и индивидуално.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...