Триесетината сантиметри снег што викендов наврнаа на Попова Шапка, не беа доволно за официјален почеток на скијачката сезона. Од раководството на центарот велат дека е потребен нов снежен нанос од десетина сантиметри, за да можат добро да се подготват патеките со механизацијата.
– Се надеваме дека во наредните 10 дена ќе паднат нови количества снег. Оваа скијачка сезона, како и минатата, ќе работат шест ски-лифтови и две жичници. Очекуваме успешна сезона – вели Петре Димитриевски, раководител на ски-центарот на Попова Шапка.
Туристите што денеска ја посетија Попова Шапка велат дека центарот не бележи никаков напредок. Секоја сезона е како претходната. Недостига основна инфраструктура за да се привлечат гости.
– Најважно е да се направи паркиралиште за да не мора автомобилите да ги оставаме на улица и потоа да пешачиме некогаш и по половина час за да стигнеме до центарот – вели еден турист.
Друг посетител, пак, додава дека се потребни нови жичници и ски-лифтови бидејќи постојните се стари и по половина век, бавни се и небезбедни.
Централната власт неколку години наназад ветува дека Попова Шапка ќе прерасне во модерен туристички центар. За таа цел има изработено и мастер-план, кој вклучува изградба на големо паркиралиште, модерна шестоседна жичница, нов хотел со бањски центар и сноуборд-парк. Но, од ветеното, на терен досега ништо не е реализирано.
З.Д.