ЕЛЕМ лани заврши со добивка од 29.827.097 евра, што ја прави 2018-та, најуспешна финансиска година од постоењето на компанијата, информираат од таму.

„Големата добивка пред се се должи на ефикасното работење на АД ЕЛЕМ, но и на одлично изведените и синхронизираните продажби на вишоци на електрична енергија со просечна цена за околу 50 проценти повисока од регулираната цена на електрична енергија. Лани ЕЛЕМ оствари приход од 21.051.753 евра од продажба на вишоци електрична енергија. Притоа, продадени се вкупно 353.320 мегават часови енергија, по просечна од 59,58 евра по мегават час“, се вели во соопштението.

Од таму додаваат дека, иако заради изведените ремонти на сите капацитети зголемени се трошоците за резервни делови и материјали и услугите за одржување, сепак остварени се значителни заштедите по други позиции, како што се трошоците за мазут, трошоците за суровини и материјали, останати расходи од работењето.

„Во изминатата година постигнато е намалување на трошоците за ископ на јаглен и јаловина, како и на трошоците за ангажирање надворешна механизација, од 38 милиони евра во 2015 на шест милиони евра во 2018 година. Во тој поглед, определбата на ЕЛЕМ за во иднина е да набави сопствена механизација со која ќе се изврши уште поголема заштеда во овие трошоци. Големи заштеди се бележат и во потрошувачката на мазут во РЕК Битола во однос на претходните години, како во вкупните количини, така и во специфичната потрошувачка на мазут по произведен киловат час електрична енергија, па така намалувањето на трошоците за мазут се движи од 17.800.000 евра во 2015 на само  4.000.000 евра во 2018 година“, се додава во соопштението.