!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев за „Н1“: Непријатно е како соседните земји говорат за Македонија


       
Скопје, 17 мај, 2017 - 10:36 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за регионалната телевизија „Н1“ изјави дека е непријатен начинот на кој Србија ги коментира случувањата во Македонија, но додаде дека ќе се труди да има добри односи со официјален Белград.

– Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, говореше за македонско сценарио. Непријатно е како нашите соседи зборуваат за Македонија – рече Заев.

Лидерот на СДСМ додаде дека кризата во Македонија „на сите им е преку глава“ и дека локалните избори би требало да бидат одржани на 15 октомври, а најдоцна во ноември. Тој оцени дека кризата во Македонија не е етничка туку политичка и дека иднината на земјата е во мултикултурализмот.

Прашан за наводите за „голема Албанија“, Заев рече дека малку луѓе зборуваат за таква идеја и дека иднината на Западен Балкан е „отворени граници и мобилност на граѓаните“.

На прашањето што мисли за тоа што на масата на новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, стои знамето на Албанија, Заев рече дека тоа не е по Уставот на Македонија и дека мисли дека знамето не треба да стои на масата на претседателот на Собранието туку дека таму треба стои „фотографија на децата и на сопругата“.

– Верувам дека Џафери ќе ги почитува Уставот и деловникот за работа на Собранието – рече Заев.

Говорејќи за иднината влада, на чие чело треба да биде тој, Заев рече дека тој се залага за единство на земјата, територијален интегритет и суверенитет и за влада што ќе работи во интерес на граѓаните.