fbpx

Заев: Неприфатливо е име без превод, не гледам причина да го менуваме Уставот

-

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за германски „Шпигел“ вели дека очекува да се најде решение со Грција за прашањето за името, но смета оти не е неопходно менување на Уставот и дека евентуалниот договор може да се гарантира со меѓународен договор. Неприфатливо, како што наведува, е менување на името на државата со име кое нема да биде преведено.

Заев вели дека не може да си замисли неуспех на разговорите околу спорот за името.

– Не сакам ни да помислувам на тоа дека нема да има решение во спорот за името. Ние мораме да го решиме овој спор, затоа што само така можеме натаму да се развиваме, да се интегрираме во ЕУ и да станеме напредна држава со владеење на правото. Тоа е добро за целиот регион. Неуспех е незамислив, за Македонија, за целиот регион на Западниот Балкан и на некој начин и за ЕУ – истакнува Заев во интервјуто.

Во однос на грчките барања за промени во Уставот, Заев смета дека тоа не е неопходно.

– Не гледам никаква причина за барањето името да го менуваме во Уставот, тоа не е достоинствено. На Грција и е потребен доверлив партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се промени, но тие промени би можеле повторно да се изменат. Најважната гаранција за Грција е решението за спорот за името да биде одржливо. Тоа се прави со меѓународни договори, кои се ратификуваат и важат и во меѓународните организации – наведува Заев.

Предлозите кои деновиве се слушаат од грчки политичари, за менување на името на државата со име кое нема да биде преведено, за Заев се неприфатливи.

– Не можам да препознам разумни аргументи за такво нешто. Како тоа практично би изгледало, да не се преведува нашето име? Дали треба да ги натераме канцеларката Меркел или претседателот на САД, Доналд Трамп да не нарекуваат, на пример, Severna Makedonija? Таков пример нема никаде во светот – вели Заев.

По промената на името на автопатот и аеродромот во Скопје, македонскиот премиер вели дека не се планираат натамошни слични гестови во таа насока, но најавува дека заеднички комисии од двете земји ќе ги преработуваат историските учебници.

Прашан дали германската влада треба поактивно да учествува во разговорите, Заев вели дека и на македонската и грчката им се потребни поддршка и охрабрување.

– Но да се врши притисок врз било која од страните, не е исправниот пат. Никој не може да ни ја одземе самостојната и суверена одлука во спорот за името – додава македонскиот премиер.

Во однос, пак, на можните територијални претензии на кои предупредува Грција, Заев вели дека единствените претензии од Македонија се насочени кон грчките плажи.

– Да, ние сакаме на лето да ги окупираме убавите грчки плажи и острови. Повеќе од еден милион Македонци секоја година патуваат во Грција, таму ги трошиме нашите пари, ја сакаме Грција, има многу контакти меѓу бизнисмени и туристи. Но искрено: немаме никакви други окупациски намери – истакнува Заев за „Шпигел“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...