!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Изборите в недела ќе бидат новиот 11 Октомври за Прилеп и за Македонија


       
Прилеп, 11 октомври, 2017 - 23:08 (META) 

Кога секому е јасно дека Никола Груевски е минато, недозволиво е Прилеп да остане неосвестен. Прилеп прв се освестил кога требало, тука пукнала првата пушка, затоа 15 октомври ќе биде новиот 11 Октомври за Прилеп и за Македонија, а јас сум убеден дека Прилеп повторно ќе крене востание и повторно ќе победи. Ова вечерва го порача лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, од партискиот митинг во Прилеп.

Тој истакна дека потребни се чесни политичари на централно и на локално ниво, бидејќи само така Македонија ќе оди напред.

Претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, рече Заев, 11 години ширела лажен патриотизам и давала ветувања кои никогаш не биле исполнети.

– Со сите пет соседи бевме скарани. За четири месеци не само што изградивме пријателства со сите соседи, туку тие ни станаа сојузници. Со пријателство Македонија ќе оди напрад. Македонија ќе биде 30. членка на НАТО и ќе почне преговори со Европската Унија. И со Грција, која има проблем со нашето уставно име, изградивме пријателство. Македонија ќе го реши проблемот и ќе бидеме горди Македонци и ќе покажеме на сите дека Македонија може да решава проблеми со пријателство и со добар дух – рече Заев.

Тој вети целосна поддршка од централната власт и од Собранието за проектите за развој на Прилеп.

– Определба на Владата е да ја продолжиме децентрализацијата. Имаме намера социјалната заштита и здравствените домови да бидат под локалните власти. Прилеп ќе ја добие мојата и поддршката на Владата и на Собранието. Ќе стоиме и јас, и Владата и Собранието зад гасификација на Прилеп, зад нов модерен театар, зад регулирање на депониите, зад водоводи… – рече Заев.