Вучиќ сепак беше на Газиводе, но го спречија да влезе во српско село


       
Белград, 10 септември, 2018 - 9:54 (META) 

По напнатоста која се создаде во петокот во Брисел, кога претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не се сретна со претседателот на Косово, Хашим Тачи, српскиот претседател сепак не се откажа од посетата на српските заедници на Косово.

И покрај противењето на Приштина, Вучиќ во саботата беше на акумулационото езеро и браната Газиводе, околу кои спорат Србите и Албанците. Но, во неделата сепак не успеа да го посети селото Бање, со мнозинско српско население, бидејќи неколку стотини Албанци ги блокираа сите патишта до тоа село, поради што косовската полиција ја откажа посетата и ја запре колоната возила на Вучиќ.

Дводневната посета на Србите на Косово, Вучиќ ја заврши во Косовска Митровица, каде од градскиот плоштад на граѓаните им порача дека и Србите и Албанците „сакаат подобар живот“, дека „мораат да живеат едни покрај други заедно“ и дека затоа тој е подготвен да преговата „до изнемоштеност, ако е потребно“.

При дводневната посета, претседателот на Србија повеќе пати нагласи дека постигнувањето на спогодба со Приштина ќе биде тешко и апелираше српските политичари да се држат заедно. На бизнис-форум во Лепосавиќ вети државни субвенции за стопанствениците од Србија што сакаат да инвестираат во Косово и ги повика да вложуваат не само во српските, туку и во албанските средини.