Владата ќе го раскинува договорот за Казандол оти рудникот не е подготвен за производство


       
Скопје, 14 март, 2018 - 12:33 (META) 

Работната група формирана од Владата за рудникот Казандол, утврдила низа неправилности на терен, а правната основа за раскинување на договорот ќе се знае по седум дена откако Министерството за економија треба да ги потврди овие наоди, информираше денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на редовната прес-конференција.

– Полињата за наводнување, оросување не се оформени, од системот за лужење не е изградено хавариското езеро, производствениот погон е во фаза на градба со целосно завршени бетонски работи, делумно поставена метална конструкција, но во халата нема уреди, машини, постројки инсталации со кои може да се врши производство. Пробиени се речиси сите рокови – рече Бошњаковски.

За рудникот Иловица, тој додаде дека работната група ги прави потребните анализи и кога ќе имаат конкретни информации, прашањето ќе биде ставено на владина седница.

На новинарско прашање за недостатокот на лекови до 15 во месецот, Бошњаковски објасни дека тоа се случува во нeколку аптеки и станува збор за сезонски ефект, односно кога во одреден период од годината, побарувачката за одредени лекови е поголема.

На денешната прес-конференција присуствуваше и заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски кој ги објасни измените на законите за судовите и за судскиот совет, со кои, како што рече, се зајакнува квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и претседателите на судовите во однос на квантитативниот.

На почетокот на прес-конфренцијата, Бошњаковски информираше дека се укинува досегашната практика на сајтот на владата пред седниците да се објавува дневниот ред и сите точки кои би биле разгледувани. Тоа од сега ќе се прави во текот на седницата кога дневниот ред ќе биде усвоен.