Контраспин: Владите на Груевски дале дозвола за рудникот Иловица во 2012 и 2015 година

Во јуни 2012 година е донесена таква одлука од страна на Владата и таа може да се најде со пребарување во Регистарот на документи издадени од Службен весник во 2012 година под број 2147

Од протестот против Еуромакс Рисорсис. Фото: Митко Ников. Објавено со специјална дозвола за Мета.мк

Поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски се огласи на Фејсбук дека неговата влада никогаш не донела одлука за експлоатација на злато и бакар во Иловица, но со детална проверка на одлуките на Влада што се депонирани и издадени во Службен весник на РM од 2012 до 2022 година се утврдува дека Груевски спинува, зашто донел такви одлуки во 2012 и 2015 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Никола Груевски во својот пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук детално појаснува за што и како издавале одобренија и концесии додека бил премиер, при што во еден момент заклучува:

Спин: Неточно е дека концесијата за рудникот Иловица е издадена во 2012 и 2013 година.
Издадена е во април 2006 година концесија за истражување, комерцијално истражување на многу позната меѓународна компанија, од страна на владата на СДСМ во тоа време. Разбрав дека сега веќе таа компанија не е во проектот, односно го продала на некоја друга.

[Извор: Никола Груевски/ФБ статус;, датум: 16 јули 2023]

 

Контраспин: Проверката на тврдењето што дојде од СДСМ дека Груевски ја издал концесијата, како и проверката на тврдењето на Груевски дека никогаш не донел таква одлука, покажа дека Груевски не ја говори вистината. Имено, во јуни 2012 година е донесена таква одлука од страна на Владата и таа може да се најде со пребарување во Регистарот на документи издадени од Службен весник во 2012 година под број 2147.

Она што е во Регистерот, тоа може да се најде и во примерокот на Службен весник бр.81 од крајот на јуни 2012 година, на стр. 146:

О Д Л У К А ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА КОНЦЕСИЈА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНА СУРОВИНА – РУДИ НА БАКАР И ЗЛАТО НА ДРУШТВО ЗА ПРОИЗВОДСТВО, ПРОМЕТ И УСЛУГИ ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ СКОПЈЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „С. ИЛОВИЦА“, ОПШТИНА БОСИЛОВО.

Во точка 2 од одлуката се наведува дека површината за експлоатација изнесува 1,6 километри квадратни, а во точка 3 дека компанијата има концесија за експлоатација во времетраење од 30 години. Одлуката е од 16 јуни, а е потпишана од тогашниот вицепремиер Зоран Ставревски.

Скриншот од одлуката во Сл. Весник бр. 81 од јуни 2012 година

Како што може да се види, одлуката е донесена за компанијата Фелпс Доџ Вардар ДООЕЛ Скопје.

Груевски вели дека разбрал оти таа компанија не е веќе во проектот, односно дека го продала на некоја друга компaнија. Таа друга компанија се појавува во Регистерот на прописи на Службен весник, за прв пат во 2015 година под број 6483 и гласи:

Одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село…

Со извршната власт и во 2015 сè уште управуваше ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, кој замина од власт дури во јуни 2017 година, откако мораше да ја напушти по неуспехот да создаде коалиција по изборите во 2016 година.

Оваа компанија, Еуромакс Рисорсис потоа повторно се појавува во Регистерот на Службен весник во 2018 година, под број 837:

Одлука за изменување на Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село……… 44/25…

Понатаму, во 2019 година може да се пронајде Одлука за едностран раскин на концесијата, под број 4028:

Одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица“, Општина Босилово….

Оваа од 2019 година е последната одлука за експлоатацијата на злато и бакар во Иловица, до јуни/јули оваа 2023 година, кога е донесена одлука за повторно доделување и спојување на две концесии, откако постои судска одлука за такво нешто.

Приказните за тоа како дошло до сегашното издавање и спојување на две концесии ќе се расплетуваат деновиве, но она што беше предмет на оваа проверка на факти покажа дека Груевски ја извртува вистината (исто и сегашниот лидер Христијан Мицкоски), зашто точно е дека владата на поранешниот премиер во 2006 година, Владо Бучковски, издала концесија за истражување на подрачјето, но првата концесија за експлоатација, односно вадењето на златото и бакарот и тоа на 30 години, ги издала владата/владите на Никола Груевски во 2012 и 2015 година. Прво на компанијата Фелпс, а потоа на Еуромакс Рисорсис.

Оттука, може да се заклучи дека во тврдењето на Никола Груевски станува збор за спин.

 

Пишува: Теофил Блажевски