Тевдовски: ЕБОР со грантови ќе ја помогне изградбата на автопатите кон Кичево и Блаце


       
Аман, 9 мај, 2018 - 11:08 (META) 

Автопатите Гостивар – Кичево и Скопје – Блаце и патот Крива Паланка до границата со Бугарија, се идните проекти кои ќе бидат во фокусот на соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на годишните средби на ЕБОР, кои се одржуваат во Јордан.

Грантот за автопатот Гостивар – Кичево би се однесувал за дел од изградбата на делницата Букојчани – Кичево во должина од 12 километри. Се очекуваат и грант средства и за реконструкција на патот Крива Паланка – Деве Баир.

– За автопатот Скопје – Блаце веќе добивме грант од ЕБОР за комплетирање на проектната задача, која треба да биде готова за помалку од три месеци – истакна Тевдовски.

Како што посочи тој, најголем дел од соработката на Македонија со ЕБОР е во транспортниот сектор. Во делот од железничката инфраструктура на средбите се зборуваше за реконструкција на пругата Скопје – Кичево.

– Од железничката инфраструктура, важен е Kоридорот 8. Битен е и проектот за електронски системи долж Kоридорот 10 и проектот за изградба гранична станица на железничкиот Kоридор 10, помеѓу Македонија и Србија – рече Тевдовски.

Тевдовски истакна и дека Годишните средби на Европската банка за обнова и развој се одлична можност да се зборува за крупни капитални проекти, бидејќи на нив присуствуваат клучни луѓе на финансискиот сектор.

– ЕБОР е сериозен партнер на Македонија. Нивното тековно портфолио на проекти изнесува 707 милиони евра. Најголем дел од проектите се од транспортниот сектор, во патната инфраструктура, каде ЕБОР учествуваше во финансиската конструкција на патот Демир Капија-Смоквица, на експресниот пат Штип – Радовиш, ремонтот на пругата на Коридорот 10 и рехабилитација на железничката пруга на Коридор 8 – рече Тевдовски.