Китанов: Капиталните инвестиции во патишта 3,5 милиони евра повеќе од лани


Скопје, 6 јули, 2018 - 13:26 (META) 

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов денеска информираше дека во првата половина на 2018 година, реализирани се капитални инвестиции 3,5 милиони евра повеќе од лани.

– ЈП за државни патишта во вториот квартал од 2018 година има остварено инвестиции во вкупен износ од 2.217.070.250 денари или 36 милиони евра, што е зголемување од 37 проценти од лани. Споредбено за првото полугодие од 2018 година во однос на истиот период лани има реализација на инвестиции за 6,82 проценти повеќе, или 3,43 милиони евра – истакна Китанов.

Тој додаде дека овие средства се обезбедени од кредити од меѓународни финансиски институции, како и од сопствени средства на ЈП за државни патишта.

– Со околу 20 милиони евра, буџетски средства и со средства на ЈПДП, веќе се работи на рехабилитација на регионални патишта во должина од 230 километри. Со 86 милиони евра средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој се планира рехабилитација на 26 патни правци во должина од 422 километри. Со 14 милиони евра од Светска банка се работи на рехабилитација на 13 патни правци во должина од околу 150 километри – додаде Китанов.

Инаку, за  оваа година се обезбедени вкупно 270 милиони евра за изградба на нови патишта, за реконструкција, рехабилитација и за обнова на повеќе од 60 патни правци ширум Македонија во должина од околу 800 километри. Дел од овие средства се од државниот и од буџетот на ЈПДП, а дел се обезбедени преку заем од Светска банка, ЕБОР и ИПА2.

Тој информираше и за приходот на патарините, кој во првата половина на годинава е зголемен за 54 милиони денари повеќе од лани, како резултат на како што рече, зголемениот обем на сообраќај и на подобрата организираност.

– Целта на ЈПДП и на Владата е да се реализираат програмските одредници „Македонија без црни точки” и инфраструктурно поврзување кое ќе овозможи пристигнување од еден до друг град за помалку од 90 минути – објасни Китанов.


Сугарески: За автопатот Кичево – Охрид не се проектирале клучки


Кичево, 19 јуни, 2018 - 16:36 (META) 

За еден месец ќе се знае колку ќе чини автопатот Кичево – Охрид, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

Од 374 милиони евра од банката ЕКСИМ наменети за овој автопат, 220 милиони се неискористени, и главната цел на Министерството за транспорт и врски ќе биде во Собранието да се пренаменат овие пари.

„Овие пари би се користеле за други позиции кои можат да се градат, а не за предвидените кои се во застој“, информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Сугарески и Китанов информираа дека поради грешки во проектирање на тунелот од минатото раководство сега цената за негова изведба ќе биде двојно поголема.

„Се трудиме да одиме со цените од подизведувачите, а не со цените од „Синохидро“ кои што биле досега. Но, дополнителните работи се доста на број“, изјави Китанов.

Геотехничките испитувања на земјиштето се правеле на едно место, а трасата за тунелот е на друго место на кое категоријата на земјата е сосема различна. Поради овие проблеми на помош изминатиот период дошол експерт од Австрија, а совети ќе се бараат и од стручни лица од САД.

„Нигде го нема ова да се проектира автопат, а да не се проектираат клучки. Со сегашната состојба не е предвидено нигде исклучување, што значи дека од Кичево до Охрид на ниту едно место граѓаните нема да можат да се исклучат од автопатот или пак да возат по сервисни патишта. Осумте клучки кои се во фаза на проектирање ќе чинат околу 30 милиони евра, но до крајот на месецов ќе имаме конечна сума за сите дополнителни работи“, вели министерот Сугарески.

Рокот за изградба на автопатот е продолжен до 2021 година.

 


Сугарески: За изградба и реконструкција на Коридор 8, инвестираме 500 милиони евра


Тетово, 5 јуни, 2018 - 13:49 (META) 

Aвтопатот Скопје – Тетово во должина од 17 километри се рехабилитира и инвестицијата е во вредност од 1,1 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), информираат од Министерство за транспорт и врски.

Министерот за транспорт и врески, Горан Сугарески истакна дека во западниот дел на државата се инвестираат преку половина милијарда евра за изградба и реконструкција на патната мрежа на Коридор 8.

Покрај реконструкцијата на автопатот од Скопје до Тетово, во втората половина на годината преку ЈПДП ќе се распише тендер за проектирање за реконструкција на патот од Тетово до Гостивар на ниво на стандарден автопат.

„Во меѓувреме се работи на реконструкција на државниот пат од Гостивар до Кичево, со вкупна вредност на инвестицијата од преку 6 милиони евра. Во тек е и проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево и секако продолжуваме со изградба на автопатот од Кичево до Охрид“, изјави Сугарески.

Директорот на ЈПДП, Зоран Китанов истакна дека од вкупната должина до сега се асфалтирани 9 километри и се очекува до крајот на јуни реконструкцијата на делницата на потегот од Скопје кон Тетово да е комплетно завршена.

„Во текот на овој месец ќе започнат и градежните работи за реконструкција на делницата на потегот од Групчин кон Сарај“, изјави Китанов.


Офанзивна изградба: 270 милиони евра за 800 километри на 60 патни правци


Скопје, 28 март, 2018 - 16:07 (META) 

Премиерот Зоран Заев најави дека за оваа година се обезбедени 270 милиони евра за изградба на нови патни правци, за комплетирање на започнатите инфраструктурни проекти и автопати како и за реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на регионални патишта

Тој додаде дека дел од овие средства, наменети за 60 патни правци во должина околу 800 километри, се обезбедени од буџетот и средства на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), а дел се заеми од Светска банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ИПА2.

29541827_1739350552790795_2417357738823505708_n

– Со околу 20 милиони евра, буџетски средства и средства на ЈПДП ќе се работи на рехабилитација на регионални патишта во должина од 230 км. Оваа година ги комплетираме автопатите Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип. Во текот на месец април започнуваме со изградба на два нови експресни патни правци, Градско – Дреново и Штип-Радовиш. Во тек е изградба и на експресен пат Чатал (Страцин) – Длабочица – Крива Паланка. Со 86 милиони евра средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој се планира рехабилитација на 26 патни правци во должина од 422 км. Во текот на месец јуни започнува рехабилитацијата на 7 патни правци. Со 14 милиони евра од Светска банка ќе се работи на рехабилитација на 13 патни правци во должина од околу 150 км. – рече Заев.

29572910_1739350556124128_561639302346533139_n

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов рече дека испитувањата покажале дека нашите патишта се премногу оштетени и итно е потребна санација за да не дојде до уште поголеми оштетувања. Додаде дека работата на патиштата ќе се одвива во две фази и не може да се почне одеднаш, бидејќи немаат доволно механизација.

Тој најави и модернизирање и електронско наплаќање на патарините, како и зголемување на безбедноста на патиштата.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, вели дека „цела држава ќе биде под градежна офанзива“.