!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Џолев даде заклетва и стана претседател на Основниот суд во Скопје


Скопје, 10 ноември, 2017 - 11:37 (META) 

Новиозибраниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев денеска даде свечена изјава пред членовите на Судскиот совет, со што и официјално стапи на функцијата.

Судскиот совет пред два дена со 11 гласа „за“ и два „против“, го избра Џолев за претседател на Основниот суд Скопје 1.

Џолев е судијата кој неодамна изјави дека поранешниот претседател на судот, Владимир Панчевски, вршел притисок по изречена судска пресуда. Џолев на Панчевски му поднесе кривична пријава, а за ова негово обвинување расправаа и Советот за утврдување на факти и Судскиот совет.

Џолев доаѓа на местото на доскорашниот в.д. претседател на Кривичен суд Стојанче Рибарев кој, поднесе оставка поради лични причини.


Џон Кели стана новиот шеф на кабинет на Трамп


Вашингтон, 31 јули, 2017 - 19:07 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп го постави пензионираниот генерал на маринскиот корпус, Џон Кели, за нов шеф на својот кабинет.

Трамп на церемонијата на полагањето заклетва во Белата Куќа рече дека Кели „спектакуларно ќе си ја работи работата“.

Претседателот на САД претходно на „Твитер“ порача дека нема хаос во Белата куќа, додавајќи дека ситуацијата е „многу добра“.

„Најголема вредност на берзата досега, најдобри бројки на полето на економијата, најниска невработеност во последните 17 години, зголемени плати, безбедност на границите, значи – нема хаос во Белата куќа“, напиша Трамп.

Американскиот претседател се надева дека Џон Кели, кој 45 години ги поминал во униформа, ќе воведе војничка дисциплина во американската администрација.


Илир Мета положи заклетва како нов претседател на Албанија


Тирана, 24 јули, 2017 - 19:56 (META) 

Новиот претседател на Албанија, Илир Мета, формално стапи на должност положувајќи заклетва за време на вонредното заседавање на парламентот.

Мета денеска свечено вети дека ќе го почитува Уставот и законите на земјата, дека ќе ги почитува правата и слободите на граѓаните, дека ќе ја брани независноста на Албанија и дека ќе служи на општ интерес и просперитет на албанскиот народ.

Поранешниот претседател на парламентот и лидер на Социјалистичкото движење за интеграција, беше избран за фукнцијата претседател на државата од страна на парламентот во април годинава.

Претседателот во Албанија има претежно церемонијална улога и може да има два петгодишни мандати.


Вучиќ положи заклетва, се степаа неговите поддржувачи и противници


Белград, 31 мај, 2017 - 13:16 (META) 

Досегашниот премиер на Србија, Александар Вучиќ, денеска положи заклетва пред пратениците во Собранието на Србија, со што и официјално ја презеде должноста претседател во наредниот петгодишен мандат.

На специјално изработен примерок на српскиот устав и реплика на Мирославовото евангелие, Вучиќ се заколна дека како претседател „сите свои сили ќе ги посвети на зачувување на суверенитетот и на целовитоста на територијата на Република Србија, вклучително и Косово и Метохија, како нејзини составни делови, како и во остварувањето на човековите и на малцинските права и слободи, на почитување и одбрана на уставот и на законите, на зачувување на мирот и благосостојбата на сите граѓани на Србија и на совесно и одговорно исплнување на сите свои должности“.

Во пресрет на свечената сединица на која Вучиќ ја положи заклетвата, во подземен премин на Теразије дојде до вербален судир и кратка тепачка помеѓу поддржувачите и противниците на новиот претседател, по што двете групи тргнаа кон зградата на српското собрание. Во моментот на судирот, кој бргу беше завршен, во подземниот премин беше и лидерот на опозициската Нова странка, Зоран Живковиќ, кој ги смируваше демонстрантите.

Пред собранието на Србија, Вучиќ беше пречекан од неколку илјади поддржувачи на неговата партија – Српската напредна странка (СНС), на кои тој, доаѓајќи на седницата, им вети дека „од ден на ден ќе чувствуваат подобрување“. Вучиќ рече дека како претседател „ќе ги чува мирот и стабилноста, како и иднината на сите деца“, а насобраните му возвратија со извиците „Вучиќ“, „Победа“, „Најдобар си“.

Свеченото стапување на функцијата претседател на државата завршува со формалното преземање на должноста од досегашниот претседател, Томислав Николиќ, во зградата на Андриќевиот венец, со смотра на почесната гарда на војската на Србија и со церемонијално предавање на државничките симболи.


Најавени протести во Белград по повод заклетвата на Вучиќ за нов шеф на државата


Белград, 30 мај, 2017 - 10:45 (META) 

Досегашниот премиер и избран претседател на Србија, Александар Вучиќ, утре ќе положи заклетва пред пратениците во собранието на Србија и ќе ја преземе должноста шеф на државата.

Според пишувањата на српските медиуми, Вучиќ ќе ја положи заклетвата над специјално изработен примерок на уставот на Србија, на кој заклетва ќе полагаат идните претседатели, а под уставот на говорницата ќе се наоѓа и реплика на Мирославовото евангелие. По церемонијата во собранието ќе биде објавено официјалното примопредавање на должноста помеѓу стариот и новиот претседател, со смотра на почесната гарда на српската војска.

По повод стапувањето на Вучиќ на должноста претседател на Србија, повеќе органиизации и здруженија за утре најавија мирни протести во центарот на Белград. На протест повика и Движењето на слободни граѓани, чиј водач е Саша Јанковиќ, кој му беше противкандидат на Вучиќ на претседателските избори. Јанковиќ изјави дека со полагањето на заклетвата на Вучиќ за претседател на Србија, ќе се случи „последниот чин од воведувањето диктатура и киднапирање на државата Србија“.

Вучиќ беше избран за претседател на Србија на изборите на 2 април, во првиот круг, освојувајќи 55,08 отсто од гласовите на излезените гласачи. Инаугуарцијата на Вучиќ, според неговите зборови, би требало да биде одржана на 23 јуни. Вучиќ изјави дека на свеченоста очекува да присуствуваат шефови на држави и на влади од регионот, односно од Унгарија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија, Грција, Словенија и од Црна Гора.


Тилерсон положи заклетва како нов државен секретар на САД


Вашингтон, 2 февруари, 2017 - 10:01 (META) 

Новиот американски државен секретар, Рекс Тилерсон, положи заклетва откако Сенатот го одобри неговото именување и со тоа и официјално стапи на должност.

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на церемонијата во овалната соба, рече дека „дошло време на надворешните работи да се гледа со јасен фокус“.

Тој го пофали искуството на поранешниот извршен директор на „Ексон мобајл“ и рече дека животот го подготвил за нова позиција и оти верува дека ќе постигне мир и стабилност во, како што оцени, бурни времиња.

Сенатот претходно ја одобри номинацијата на Тилерсон гласајќи со 56 спрема 43 за неговото именување, и покрај незадоволството на демократите кои сметаат дека новиот државен секретар не треба да го гледа светот само од перспектива на директор на голема корпорација и дена нема да биде во состојба да му се спротивстави на Трамп, доколку е потребно.


Новата естонска влада положи заклетва


Талин, 23 ноември, 2016 - 18:54 (META) 

Новата естонска коалициска влада денеска положи заклетва на церемонија во парламентот во Талин.

Кабинетот на премиерот Јуриј Ратас, кој го сочинуваат 15 членови, ќе ја замени владата на Тави Роивас, кој поднесе оставка од функцијата премиер бидејќи му беше изгласана недоверба во собранието.

Ратас кој е поранешен градоначалник на Талин, ја предводи тричлената коалиција во која се наоѓаат неговата Естонска партија, Социјалдемократската партија и конзервативната партија ИРЛ.

 


Шпанија доби влада по 10 месеци криза


Мадрид, 31 октомври, 2016 - 19:59 (META) 

Шпанскиот конзервативен лидер Маријано Рахој положи заклетва за местото премиер на Шпанија.

Рахој ја положи заклетвата пред кралот Фелипе, со што се стави крај на десетмесечната политичка криза во земјата.

Маријано Рахој вчера во шпанскиот парламент доби поддршка за состав на новата влада. Се очекува новиот премиер в четврток да го соопшти составот на владата.

Народната партија, на чие чело е Рахој, од 2011 до 2015 година имаше апсолутно мнозинство во парламентот.


Пет лица од Косово осудени за тероризам


Приштина, 18 јули, 2016 - 19:03 (META) 

Косовскиот суд им одреди затворска казна на пет лица поради тероризам. Казните се движат од четири до 13 години затвор, а досудени се поради учество во Исламска држава.

„Нивната цел била да положат заклетва на терористичката организација Исламска држава и да објават на интернет за да се покаже присуство на Исламската држава на Косово“, се наведува во пресудата на судот.

На судењето било истакнато дека автоматска пушка, маска, ракавици и знаме на Исламска држава биле пронајдени при апсење на обвинетите во близина на Приштина, пренесуваат медиумите.

 


Новиот исландски премиер положи заклетва


Рејкјавик, 7 април, 2016 - 20:13 (META) 

Новиот исландски премиер, Сигурдур Инги Јохансон, денеска положи заклетва на функцијата откако неговиот претходник поднесе оставка поради скандалот со „Панама пејперс“, јавуваат светските агенции.

Одлуката Јохансон да биде именуван за премиер ја донесе исландската владејачка коалиција од десниот центар.

Јохансон, кој е поранешен министер за риболовство и за земјоделство, ја презеде владата од Сигмундур Гунлаугсон и треба да ја води земјата до парламентарните избори закажани за есенва.

Гунлаугсон во вторникот оваа недела поднесе оставка откако „Панама пејперс“ покажаа дека заедно со сопругата имал офшор-компанија преку која испрал милиони долари.