Армијата доби 120 нови подофицери и 150 професионални војници

Министерката Славјанка Петровска на новите подофицери им порача дека секој кој што пристапува кон војничката професија, има единствена мисија да ѝ служи на својата татковина и на својот народ

Фото: Министерство за одбрана, 24 август 2023

Во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес, денеска се одржа свечена промоција на 120 подофицери и свечена заклетва на 150 професионални војници. Армиските припадници од редовите на професионалните војници поминаа тримесечна обука за подофицери во Командата за обука и доктрини, а денеска го добија првиот подофицерски чин.

Министерката Славјанка Петровска на новите подофицери им порача дека секој кој што пристапува кон војничката професија, има единствена мисија да ѝ служи на својата татковина и на својот народ затоа што војничката професија претставува голема жртва, но и највисока чест, а да се носи униформа на земја членка на НАТО е дополнителна одговорност.

„Ви благодарам и ви честитам на сите вас, што нè правите горди како нација и како институција, и што сте нашиот поттик и инспирација да продолжиме да се соочуваме со предизвиците на времето во кое живееме и новата безбедносна архитектура. Вистина е дека секоја генерација има своја борба, но вистина е и дека изминатите неколку години се веројатно време на најголеми предизвици со кои се соочил светот во последните седумдесет години“, рече Петровска и порача дека учењето и личното усовршување никогаш не треба да запре.

Министерката истакна дека градењето на отпорност како еден од клучните концепти на НАТО Алијансата секогаш треба да започне со личен пример додавајќи дека подготвеноста брзо, ефикасно и одлучно да реагираме на секоја ситуација всушност ја покажува и нашата подготвеност да ги одбраниме вредностите кои ги споделуваме и да ги заштитиме државата и граѓаните.

Заменик началникот на Генералштабот, генерал – мајор Азим Нуредин посакувајќи им успешен професионален развој на новите подофицери и новопримените професионални војници им порача со беспрекорно извршување на идните задачи и должности, достојно да ја преставуваат Армијата и државата.

На свеченоста им беше оддадено признание на тројцата најдобрo рангирани подофицери, водник Димче Вакадински, водник Филип Анѓеловски и водник Александар Трајковиќ.

На свеченоста присуствуваа и Началникот на штаб на командата за операции бригаден-генерал Мирче Ѓоргоски, претставници од кабинетот на Претседателот, командантите на Единици од Армијата, претставници од Командата за обука и доктрини, роднини и пријатели на професионалните војници и ново произведените подофицери.