Извор на фотографија: Presidenza della Repubblica, Attribution, via Wikimedia Commons

Новата италијанска влада предводена од премиерот Марио Драги денеска положи заклетва пред италијанскиот претседател, Серџо Матерала. Новиот премиер, кој е поранешен шеф на Европската централна банка, вчера вечер изјави дека го прифаќа мандатот од претседателот за формирање на новата влада.

Владата на Марио Драги ќе има 23 министри, од кои осум се жени. Поранешниот шеф на Европската централна банка, по десетдневни консултации со партиите, вчеравечер го прифати мандатот од претседателот Серџо Матарела за составување влада, јавува „Дојче Веле“ сервисот на македонски јазик. 

Марио Драги обезбеди поддршка за неговата кандидатура од речиси сите водечки политички партии во Италија, откако минатиот месец се распадна владата на Џузепе Конте по што тој си поднесе и оставка. Досегашната влада на Италија се распадна пред четири недели, по судирот околу употребата на средствата од ЕУ-помошта за корона-кризата.

Гласањето за доверба на новата влада на Драги ќе се случи наредната недела, чин којшто ќе претставува формалност поради тоа што најголем дел од партиите му ја дадоа довербата, пренесува Би-би-си.

Марио Драги досега не извршувал политичка функција во Италија, а широкиот консензус околу неговото именување доаѓа поради сериозната состојба во која се наоѓа земјата поради ковид-19 пандемијата, но и поради најлошата економска криза што ја има погодено Италија во изминативе децении.