!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ им се закани на Јеремиќ и на медиумите што ја пренеле изјавата за Мијалков


Скопје, 7 декември, 2017 - 17:07 (META) 

Објавувањето дека е отворена предистражна постапка по допрен глас за интервјуто на Вук Јеремиќ е уште еден доказ дека во Македонија нема правен систем и правда која е еднаква за сите, туку партиско-политички прогон нарачан од Заев и од неговата хунта, се вели во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Од партијата велат дека очекуваат што е можно побргу Јавното обвинителство да излезе со информација за оваа предистражна постапка што „политички ја отвора“ и наводите да ги соопшти во јавноста за да може потоа соодветно да се процесуира случајот и против Вук Јеремиќ и против сите медиуми блиски до СДСМ кои, како што наведуваат од партијата, ја злоупотребуваат оваа изјава заради нарушување на честа и на угледот на партиските функционери.

Оттаму наведуваат дека премиерот Зоран Заев пред неколку месеци најави дека функционери од власта се предмет на истрага, но јавноста, велат од партијата, сè уште нема информација кој му ги соопштил тие информации на Заев, а органите на прогон кријат за кои случаи станува збор.

„Странски државјанин излезе со јавно обвинување дека в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, го рекетирал „Јадран филм“, но постапка околу овој случај не беше поведена по јавно допрен глас. По јавно допрен глас не беше поведена ниту постапка за бројните сведочења за изборното насилство и сите закани кои беа упатувани кон гласачите. Не беше поведена постапка кога насилници влегуваа со пиштоли или кога отворено се говореше дека криминалци под команда на СДС делат поткуп низ државата. Не беше јавно соопштено ниту дали се отвора предистражна постапка за криминалот на Заеви со ‘Цареви кули’ или криминалот поврзан со ‘Тритерол’“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.


Обвинителството отвори истрага по изјавите на Јеремиќ дека Мијалков перел пари


Скопје, 7 декември, 2017 - 13:07 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по допрен глас поведе предистражна постапка поради постоење на индиции за перење пари од високи македонски функционери, по изјавата што ја даде поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, информираат од обвинителството.

Јеремиќ минатата недела изјави дека чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври годинава преку белградската фирма СЦМГ ја купила централата на фирмата во Крушевац за четири милиони евра, со директен договор, без јавна лицитација. Тој вели дека според српските закони, директните договори за купопродажба се дозволени само во „специјални случаи“, а „специјално во овој случај е тоа што годинава во Македонија е соборен диктаторскиот и длабоко корумпираниот режим на Никола Груевски, политичкиот брат близнак на српскиот претседател Александар Вучиќ“.

– Тие се луѓе од тој режим, а пред сите е Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање и „десната рака“ на Груевски, кои почнаа панично да извлекуваат пари стекнати со коруптивни активности во Македонија и да ги пласираат во разни шеми, преку даночните оази, Холандија, а во случајот со „14 Октомври“, преку Чешка – нагласува Јеремиќ.

Од обвинителството велат дека предистражната постапка е резултат на објавените написи од повеќе медиуми во Република Македонија во врска со изјавата на поранешниот српски министер за надворешни работи и претседател на Народната партија во Република Србија, Вук Јеремиќ.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејства и координација со институциите надлежни за откривање на овој вид кривични дела. За понатамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана“, информираат од ОЈО.


ВМРО-ДПМНЕ: Груевски и Мијалков не се поврзани со приватизација на фабрики во Србија


Скопје, 3 декември, 2017 - 11:26 (META) 

Ниту претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков има никаква поврзаност со приватизацијата на фабрики во Србија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на поранешниот српски министер за надворешни работи и лидер на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ, во кое тој ги повика истражните органи во Србија да ги испитаат врските меѓу поранешната македонска влада и Војислав Спаравало, директорот на фирмата СЦМГ, која ја купи фабриката „14 Октомври“ од Крушевац.

„Ниту претседателот Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков извлекувале пари од Македонија за да купуваат фирми во Србија, како што пренесуваат медиумите под контрола на СДС. Зоран Заев и СДС имаат потреба да ја дефокусираат јавноста со секакви манипулации за да го сокријат срамот што граѓаните секојдневно го гледаат. Изнесените наводи во интервјуто кое го пренесуваат порталите блиски до СДС се целосно неточни и најостро ги демантираме“, се вели во демантот на ВМРО-ДПМНЕ.


Јеремиќ: Поранешниот македонски режим пере пари преку српската власт


Белград, 1 декември, 2017 - 22:06 (META) 

Поранешниот српски министер за надворешни работи и лидер на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ, денеска ги повика истражните органи во Србија да ги испитаат врските меѓу поранешната македонска влада и Војислав Спаравало, директорот на фирмата СЦМГ, која ја купи фабриката „14 Октомври“ од Крушевац.

Јеремиќ во изјава за белградската „ТВ Наша“ вели дека чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври годинава преку белградската фирма СЦМГ ја купила централата на фирмата во Крушевац за четири милиони евра, со директен договор, без јавна лицитација. Тој вели дека според српските закони, директните договори за купопродажба се дозволени само во „специјални случаи“, а „специјално во овој случај е тоа што годинава во Македонија е соборен диктаторскиот и длабоко корумпираниот режим на Никола Груевски, политичкиот брат близнак на српскиот претседател Александар Вучиќ“.

– Тие се луѓе од тој режим, а пред сите е Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање и „десната рака“ на Груевски, кои почнаа панично да извлекуваат пари стекнати со коруптивни активности во Македонија и да ги пласираат во разни шеми, преку даночните оази, Холандија, а во случајот со „14 Октомври“, преку Чешка – нагласува Јеремиќ.


Јеремиќ за потегот на Србија: Дилетантизам и шарлатанство својствено за банана држава


Белград, 21 август, 2017 - 16:42 (META) 

Поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ потегот на Србија со повлекувањето на целокупниот персонал на амбасадата во Скопје, го оцени како „дипломатски дилентантизам и шарлатанство, својствено за банана држави“.

„Што и да се случило во Скопје, повлекувањето на целокупниот персонал на амбасадата е дипломатски дилетантизам и шарлатанство, својствено за банана држави“, напиша на „Твитер“ Јеремиќ, кој е актуелен претседател на Центарот за меѓународна соработка и одржлив развој и поранешен претседател на Генералното собрание на Обединетите нации.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека персоналот во амбасадата на Србија во Македонија е повлечен на консултации во Белград, откако од страна на српските разузнавачки органи „биле добиени доволно докази за многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија“.

Сите вработени во српската амбасада во Скопје беа повикани на итни консултации во Белград вчера, за македонското МНР за потегот беше известено преку нота од амбасадата. Од Министерството за внатрешни работи беше потврдено дека се зголемени мерките за обезбедување на амбасадата.


Вучиќ победи во првиот круг на претседателските избори во Србија


Белград, 2 април, 2017 - 22:21 (META) 

Претседателскиот кандидат на владејачката коалиција и лидер на Српската народна странка, Александар Вучиќ, победи на претседателските избори во Србија во првиот круг, соопштија вечерва агенцијата „Ипсос“ и Центарот за слободни избори и демократија (ЦСИД), јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Според ЦСИД, на примерок од 72,2 отсто од обработените податоци, Вучиќ освоил 56,1 отсто од гласовите.

На второ место е поранешниот омбудсман Саша Јанковиќ со 15,2 отсто од поддршката, а на трето Лука Максимовиќ (Љубиша Прелетачевиќ – Бели), со 9,5 проценти од гласовите, додека поранешниот шеф на дипломатијата Вук Јеремиќ е четврти со 5,8 проценти од освоените гласови.

И според агенцијата „Ипсос“, врз основа на 73,6 проценти од обработените податоци, Вучиќ победил во првиот круг со 55,2 отсто од освоените гласови.

Според оваа агенција, на второ место е кандидатот Саша Јанковиќ, кој освоил 16,1 отсто од гласовите.

На трето место е Лука Максимовиќ (Љубиша Прелетачевиќ – Бели) со 9,4 отсто, а на четврто Вук Јеремиќ со 5,7 проценти поддршка од избирачите.


Јанковиќ и Јеремиќ веруваат во промени што можат да ги донесат изборите


Белград, 2 април, 2017 - 12:44 (META) 

Претседателските кандидати и главни политички ривали на Александар Вучиќ, поранешниот омбудсман Саша Јанковиќ и поранешниот шеф на дипломатијата Вук Јеремиќ, се надеваат дека денешните избори во Србија можат да донесат важни промени, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Јанковиќ, кој е поддржан од интелектуалната и граѓански ориентирана елита, посака Србија да има „среќни и успешни демократски избори“ и вети дека на граѓаните ќе им ги врати достоинството и насмевката, а на институциите смислата на постоењето.

„По ова, ништо во Србија нема да биде исто. По долго време ќе ги поставиме работите на вистинското место“, изјави Јанковиќ кој на гласањето беше со сопругата и со синот.

Кандидатот Вук Јеремиќ, кој според предизборните анкети има помеѓу 8 и 12 отсто поддршка, се надева дека денешните избори ќе бидат празник на демократијата и важен чекор кон остварувањето на промени во Србија.

„Се надевам дека луѓето ќе излезат во голем број и ќе гласаат за промени. И додека гласаат, ќе размислуваат и за втор круг и кој е тој што најлесно може да им донесе промени“, изјави Јеремиќ, кој гласаше со сопругата.


Утре се одржуваат претседателски избори во Србија


Белград, 1 април, 2017 - 13:48 (META) 

Граѓаните на Србија утре избираат претседател, а најголеми шанси за победа има кандидатот на владејачката коалиција, актуелниот премиер Александар Вучиќ, јави дописничката на „Мета“ од Белград.

Според предизборните анкети, Вучиќ има реални шанси да победи веќе во првиот круг, особено ако излезноста на гласачите не биде голема.

Втор, според најголемиот број истражувања, е поранешниот омбудсман, Саша Јанковиќ, со околу 15 проценти поддршка, а трет е поранешниот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ.

Ако никој од 11-те кандидати не освои повеќе од 50 отсто од гласовите на излезените гласачи, претседателот ќе биде избран во вториот круг на 16 април.

Право на глас имаат околу 6,7 милиони граѓани, а најголемиот број се во Белград, околу 1,6 милиони. На Косово има 106.000 гласачи.


Последен ден за изборната кампања во Србија


Белград, 30 март, 2017 - 11:32 (META) 

Во Србија на полноќ почнува предизборниот молк за претседателските избори на 2 април, на кои фаворит е кандидатот на владејачката коалиција, актуелниот премиер Александар Вучиќ.

Предизборните анкети покажуваат дека Вучиќ со поддршка од околу 50 проценти има реални шанси да победи во првиот круг, ако на изборите излезат помалку од четири милиони избирачи.

Втор, според истражувањата, е поранешниот омбудсман Саша Јанковиќ, со околу 15 проценти поддршка, а трет е поранешниот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ.

Ако во првиот круг никој не освои повеќе од 50 проценти од гласовите, вториот круг ќе биде одржан на 16 април.

Право на глас во Србија имаат околу 6,6 милиони граѓани, а во трката за наследник на Томислав Николиќ учествуваат вкупно 11 кандидати, меѓу кои и лидерот на радикалите, Војислав Шешељ.

На последниот ден од кампањата, шест од вкупно осум белградски дневни весници излегоа со иста насловна страница на која е изборниот слоган на Вучиќ и лого со кое се повикуваат граѓаните в недела да гласаат за него.


Пензионерите во Србија протестираат за поголеми пензии


Белград, 28 март, 2017 - 15:01 (META) 

Во центарот на Белград денеска протестираа пензионерите кои се незадоволни поради намалување на пензиите, а ги поддржаа и двајцата претседателски кандидати, Вук Јеремиќ и Бошко Обрадовиќ, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

На плоштадот Никола Пашиќ, но и на прошетката до Владата на Србија и do Уставниот суд, што се одржа во знак на протест, се собраа околу илјада пензионери.

Пензионерите од Уставен суд бараат да ја оценi уставноста на законот по кој, во ноември 2014 година, се намалени пензиите.

Учесниците на протестот носеа транспаренти на кои пишува „Ограбувањето на пензионерите не е реформа“, „Сакаме да живееме, а не да преживуваме“ и др.

Пензионерите во Србија тврдат дека од нивни пари се финансираат изборите и се плаќаат странските инвеститори, па затоа бараат да им се вратат пензиите на ниво пред намалувањето.