Јеремиќ сослушан поради убиството на војниците на Топчидер пред 12 години

Претседателот на Центарот за меѓународна соработка и одржлив развој, поранешниот шеф на дипломатијата на Србија, Вук Јеремиќ, се појави утринава во седиштето на службата за борба против организиран криминал (СБПОК) во Белград да даде изјава во својство на граѓанин за случајот со убиството на двајцата војници во Топчидер пред 12 години, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Јеремиќ, кој беше кандидат за генерален секретар на Обединетите Нации, синоќа изјави дека повикот на полицијата за сослушување го гледа како „обид за заплашување по неговото враќање во Србија“ и нагласи дека „за жалење е тоа што трагедијата со смртта на гардистите се злоупотребува во политички цели“.

„Јас не сум некој кој лесно се плаши. Ќе останам овде и ќе продолжам да се ангажирам во политичкиот живот во Србија,“ додаде тој.

Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, негираше дека повикот на сослушување е притисок врз Јеремиќ, кој во јавноста се споменува и како можен кандидат на претстојните претседателски избори.

Првпат името на Вук Јеремиќ се спомна во врска со смртта на гардистите пред неколку дена, кога адвокатите на семејствата на настраданите војници соопштија дека Јеремиќ како советник на претседателот на Србија, прв дознал за смртта на војниците пред началникот на Генералштабот.

Гардистите Драган Јаковљевиќ и Дражен Миловановиќ беа пронајдени мртви на 5 октомври 2004 година, во тајниот воен објект „Караш“ на Топчидер, каде двајцата беа на стража. Првата воена истрага констатираше дека станува збор за убиство и за самоубиство, а потоа независната државна комисија оцени дека војниците се убиени од трето лице.