Украинските сили тврдат дека досега елиминирале над 400.000 руски војници

Руските сили вчеравечер го нападнале североисточниот украински град Харкив со ракети С-300, истрелани од околината на рускиот град Белгород. Засега нема информации за штети и настрадани, бидејќи увидот на терен уште трае

Фото: Укринформ

Според украинската државна новинска агенција, Укринформ, од почетокот на воената инвазија на Украина, на 24 февруари 2022 година до утрово, воените загуби на руските сили на украинска територија изнесува 410.700 војници, од кои 880 во изминатите 24 часа.

Повикувајќи се на Генералштабот на вооружените сили на Украина, агенцијата известува дека во другите загуби на руските сили се 6.555 тенкови, 12.478 оклопни борбени возила, 9.993 артилериски системи, 1.000 повеќецевни ракетни лансери, 686 сиистеми за противвоздушна одбрана, 340 авиони, 325 хеликоптери, 7.707 дронови и 1.910 ракети.

Борбите и нападите врз цивилни цели продолжија и во изминатото деноноќие, јавува ukrinform.net.

Според украинскиот Генералштаб, Военото воздухопловство вчера нападнало седум области каде била концентрирана војска и два система за противвоздушна одбрана на Русите. Украинските ракетни единици погодиле три артилериски гнезда на руската армија.

Руските сили вчеравечер го нападнале североисточниот украински град Харкив со ракети С-300, истрелани од околината на рускиот град Белгород. Засега нема информации за штети и настрадани, бидејќи увидот на терен уште трае. Во Харкив се слушнале четири експлозии.

Уште две други ракети С-300 биле истрелани на населено место во околина на Харкив, при што биле погодени два житни силоса.

Но руските сили напаѓале и други населени места во регионот Харкив – 15 населени места биле цел на топовски и минофрлачки напади.

Исто така вчеравечер бил нападнат и градот Днипро, при што штети се нанесени на 10 куќи и неколку коли. Четири лица биле повредени.

Во изминатите 24 часа дошло до вкупно 95 вооружени судири на двете страни. Руските сили истрелале 11 ракети и извршиле 98 воздушни напади, како 129 ракетирања со повеќецевни ракетни лансери врз украински воени и цивилни позиции.