fbpx

Јеремиќ: Интензивно размислувам за кандидатура за претседателските избори

-

Претседателот на Центарот за меѓународна соработка и одржлив развој и поранешен министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, денеска изјави дека интензивно размислува и ја разгледува можност да се кандидира на претседателските избори во Србија, кои треба да се одржат следната година.

„Кога би се кандидирал, тоа би била најважната одлука во мојата кариера и поради тоа многу сериозно му приоѓам на тоа прашање, без да се залетувам. Тешко се живее, народот е незадоволен и тоа не може да се реши преку ноќ. Затоа, поважно од прашањето кој ќе се кандидира е тоа кои решенија ќе бидат понудени и во врска со тоа се советувам со умни луѓе“, изјави Јеремиќ за регионалната телевизија „Н1“.

Во врска со поканата за сослушување, односно во својство на граѓанин да даде изјава за случајот со убиството на двајца војници на Топчидер пред 12 години, Јеремиќ рече дека тој настан е „една голема човечка трагедија и дека сите околности со него треба да бидат до крај истражени, пред сè од почит кон семејствата на жртвите, но и поради угледот на државата, војската и на општеството во целина“.

Сепак, тој додаде дека моментот во кој доаѓа поканата за сослушување се совпаѓа со агресивната кампања што против него се води во одредени таблоиди и телевизии и повтори дека тоа го доживува како обид за заплашување и за одвраќање од намерата да се вклучи во политичкиот живот во Србија.

Повеќето српски функционери, вклучувајќи го и премиерот Александар Вучиќ, изминатите денови негираа дека повикот за сослушување е политички притисок врз потенцијалниот претседателски кандидат и го обвинија Вук Јеремиќ дека не ја зборува вистината и дека „прави циркус од трагедијата“. Јеремиќ на тоа возврати дека изјавата на Вучиќ е „наплив на навреди и на омаловажувања“ и го обвини врвот на власта дека проектира „надменост и агресија“.

Името на Јеремиќ првпат беше доведено во врска со случајот со двајцата гардисти пред неколку дена, кога адвокатите на семејствата на настраданите војници соопштија дека Јеремиќ, како советник на претседателот на Србија, дознал за смртта на гардистите пред началникот на Генералштабот на војската на Србија.

Гардистите Драган Јаковљевиќ и Дражен Милановиќ загинаа на 5 октомври 2004 година, во тајниот воен објект „Караш“ на Топчидер, додека беа на стража. Првата, воена истрага тврдеше дека станува збор за убиство и за самоубиство, додека независната државна комисија, која го истражуваше случајот, оцени дека тие се убиени од трето лице.

На почетокот на минатата недела на медиумите во Србија им беше претставена нова тродимензионална форензичка анализа на настаните, според која гардистите биле убиени. По ова српската влада донесе одлука да биде формирана нова комисија што ќе го истражи случајот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ниту едно од поглавјата за преговорите со ЕУ не е отворено

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот...