Истражување: На Источна Македонија ѝ недостигаат 190 лекари


Штип, 9 ноември, 2018 - 14:39 (META) 

Голема е разликата на износот што 11-те општини од Источна Македонија го трошат за работи во функција на граѓаните, а за кои се неопходни јавни набавки. Најмногу пари по жител во периодот 2013-2016 година инвестирала Општина Македонска Каменица – 42.000 денари, на второ место е Општината Карбинци со 31.000 денари по жител, додека најмалку Општина Виница, со 5.677 денари. Ова е резултатот од анализата на Здружението на граѓани „ИНИ“ од Виница, што денеска беше презентирана во Штип.

Оваа анализа го опфаќа и текот на легализација на дивоградбите, при што од „ИНИ“, на база на добиените податоци, утврдиле дека секое второ домаќинство пријавило дивоградба, но обработени се помалку од половината барања, односно 43,5 отсто. Постапката за легализација во 11-те општини е завршена за 17.000 дивоградби.

Тодор Цонев, кој го презентира истражувањето направено во рамките на проектот „Партнерство за добро владеење“, констатира дека никој од власта досега не проговорил за ефектите од легализацијата на дивоградбите.

– Исто така, прашање е и зошто општините не реагирале додека во изминатите години се граделе дивоградбите, имајќи предвид дека, само според наша проценка, изгубени се околу 20 милиони евра за комуналии. Овие средства требаше да се слеат во општинските каси – заклучува Цонев.

Со истражувањето е утврдено и дека на Источна Македонија ѝ недостигаат 190 лекари за да се задоволи европскиот просек од 3,4 лекари на 1.000 жители. Во моментов за здравјето на граѓаните во 11-те општини се грижат 443 лекари или 2.5 лекари на 1.000 жители.

Ова истражување го вклучува алармот за скорешен недостаток на специјалисти, по заминувањето на тие што сега се пред пензија. Вознемирува и фактот дека со години наназад се кршел законот, па во Управните одбори на општинските претпријатија се поставувале лица со средно образование, односно со несоодветни квалификации. Тоа ги направило управите неефикасни и неквалификувани за улогата што ја добиле благодарение на партијата, се вели во анализата.


Шилегов: Не значи дека е крај на светот, ако ги сменивме партиските послушници на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 5 март, 2018 - 15:00 (META) 

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пред денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје на новинарско прашање рече дека тоа што во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија за членови се избрани лица кои се партиски кадри на СДСМ, не значи дека е крај на светот.

– Станува збор за тргање на партиските кадри од управните и надзорните одбори кои се именувани од ВМРО-ДПМНЕ.  Апсолутно се познати луѓето за кои се гласа. Дури делови од администрацијата се вклучени. Вклучени се партиски кадри на СДСМ во управните и надзорните одбори. Тоа што ги сменивме партиските послушници на ВМРО ДПМНЕ не е крај на светот – рекол Шилегов.

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ, кое рече дека „јавното признание на скопскиот градоначалник дека управните и надзорни одбори се пополнети со партиски војници на СДСМ е сосема спротивно на неговите изјави од пред изборите, дека ќе изврши професионализација на институциите“.

„Но, главниот проблем не е само во партизирањето на институциите и пополнувањето на одборите на јавните ретпријатија, туку фактот што постои сериозен сомнеж дека нивното назначување е противзаконско, и огромен дел од тие луѓе не ги исполнуваат потребните законски услови.   Токму затоа градот Скопје ги крие информациите од јавноста колку од тие над стотина членови на управни и надзорни одбори ги исполнуваат законските услови да имаат меѓународно признат сертификат, да не се кривично осудувани и да имаат минимум три години искуство од областа? Тоа е информацијата која Шилегов и Јанчева и ја должат на јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Владата ги разреши членовите на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија


Скопје, 11 јули, 2017 - 19:35 (META) 

Владата на денешната седница одлучила да се разрешат членовите на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица, поради тоа што кај дел од нив е регистрирано неодговорно однесување и потпишување договори, кои му нанесуваат штета на буџетот на државата. Исто така, одлучено е да се отповикаат членови на комисии и членовите на секој надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост, а за регулаторните тела да се достави предлог за разрешување на управните одбори до Собранието на Република Македонија. Владата засега нема одлучено кој ќе седне во управните и во надзорните одбори.

mile boshnjakovskiВладата го именува поранешниот новинар Миле Бошњаковски за нов портпарол, соопшти денеска владината прес-служба.

„Беше заклучено дека огромното искуство и професионалниот капацитет што Бошњаковски ги поседува во областа на комуникациите, е цврста гаранција за понатамошното транспарентно, навремено и отчетно информирање на граѓаните за активностите на Владата на Република Македонија“, стои во соопштението.

Бошњаковски како новонар работеше во телевизите „Канал 5“ и во „МТВ“, а од 2005 до 2010 година беше директор за корпоративни комуникации во „Т-мобајл“. Од 2010 година работи како специјалист за комуникации и застапување во Фондот на ОН за население (УНФПА).

Претседателот на Владата и министрите одлучиле министерката за одбрана Радмила Шекеринска да биде назначена за претседател на Организациониот одбор за прославата на државниот празник 2 Август – Ден на Републиката.

Исто така на седницата била разгледана и усвоена информацијата за статусот на спроведување на проектот Национален портал за електронски услуги за граѓаните. Зо овој проект, задолжените министерства и државни институции ќе треба да ги издвојат 50 најважни сервиси кои граѓаните треба да ги добиваат по електронски пат. Министрите и премиерот ја усвоиле и информацијата за тендерската постапка за доделување договори за јавно-приватно партнерство за финансирање, одржување и развивање на дистрибутивен систем на природен гас во регионите 1, 2 и 3, како и информацијата за мулти-индикаторското, кластерско истражување со кое се оценува состојбата на социјалниот статус на жените и на децата.