!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Експлозија и пожар во стан во Охрид, еден повреден, седум автомобили оштетени


Охрид, 9 август, 2017 - 11:55 (META) 

Едно лице било потешко повредено во експлозија што вчера во 22.24 часот се случила во стан на улицата Сатеска во Охрид, соопшти денеска полицијата.

Како што информираат од СВР Охрид, од експлозијата, која најверојатно била предизвикана од плинска боца, дошло до пожар, кој бргу ја зафатил покуќнината и почнал да се шири низ собите. Сопственикот на станот со тешки повреди бил префрлен на Хируршкото одделение во Општата болница во Охрид.

Од пожарот и експлозијата, покрај штетите на мебелот и на прозорците на станот, оштетени биле и седум возила, паркирани во близина на зградата.


Штипјанец пронајден мртов во својот стан


Штип, 26 јуни, 2017 - 13:24 (META) 

Педесет и петгодишниот К.Г. вчера околу 20.15 часот бил пронајден мртов во неговиот стан на улицата Стојан Гологанов во Штип, информираше денеска полицијата.

Засега нема информации за причините за смртта на штипјанецот, која била констатирана од страна на лекар.

Јавен обвинител, лекар патолог и екипа на СВР Штип извршиле увид на местото, а по наредба на јавниот обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.


Хот: Градежништвото ќе оствари 5,2 проценти пораст, се чувствува притисокот од кризата


Скопје, 24 февруари, 2017 - 14:25 (META) 

Градежништвото годинава се очекува да оствари пораст од 5,2 проценти, како резултат на планираните инфраструктурни проекти, информираше претседателот на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори, Роберт Хот.

Тој истакна дека се очекуваат нови бизнис-контакти и соработка помеѓу претставниците на градежниот сектор, банкарите, градоначалниците на општините и граѓаните.

– Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е обезбедена финансиска конструкција, што влева сигурност. Дополнителен придонес на зголемување на капацитетите на градежниот сектор, имаат и проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“. Сепак, градежниците, како и другите стопанственици, го чувствуваат притисокот од политичката криза. За нив е важно да има стабилност, континуитет и предвидливост, да се реализираат капиталните вложувања, граѓаните да се сигурни при правењето долгорочни инвестиции, како што е купувањето стан или куќа – изјави Хот.


Ограбен стан во Скопје


Скопје, 5 февруари, 2017 - 14:08 (META) 

Непознат сторител украл 410 евра и накит вчера од стан на улицата Козле во Скопје.

– Крадецот влегол во станот, сопственост на Н.Д. (70), со насилно отворање на прозорецот. Одзел 410 евра и накит и го напуштил местото, стекнувајќи противправна имотна корист од околу 60.000 денари – информира денеска Министерството за внатрешни работи.

Се работи на откривање и на пронаоѓање на сторителот, како и на целосно расчистување на кривичното дело.


СДСМ: Чулев не го пријавил луксузниот стан, а Антикорупциска затвора очи


Скопје, 30 јули, 2016 - 15:58 (META) 

Директорот на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев, молчи зошто не го пријавил станот од околу 90.000 евра во луксузниот станбен објект во Аеродром во својот анкетен лист, велат од СДСМ и додаваат дека со тоа самиот признава дека го крие луксузниот стан.

„Зошто директорот на разузнавање, Чулев, има потреба да го крие станот? Дали можеби затоа што треба да објасни како се доаѓа до стан во луксузен комплекс со пазарна вредност од околу 90.000 евра? Дека директорот на Агенцијата за разузнавање има стан на улица Фрањо Клуз, број 2, со површина од 63 квадратни метри во вредност од околу 90.000 евра покажува неговиот имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности“, велат од СДСМ.

Од партијата истакнуваат дека Комисијата за спречување на корупцијата не си ја врши работата со тоа што ги премолчува ваквите случаи.

„Ај што Чулев молчи, незаконски молчи и Антикорупциската комисија чиишто членови се платени од граѓаните за да ги штитат нивните интереси од злоупотреби од функционери. Според законот, директорот на Агенцијата за разузнавање морал да пријави во Антикорупциската комисија какви било промени во имотната состојба коишто ја надминуваат вредноста од 20 просечни плати.
Груевски и соработниците кои трупаат станови и пари до рајските земји можеби се засега поштедени од Антикорупциската комисија под нивна контрола“, велат од СДСМ, додавајќи дека по изборите, сите што ги кршеле Уставот и законите, како и нивните соучесници, ќе бидат повикани на одговорност.


Директорот на Агенцијата за разузнавање крие стан од 90.000 евра, обвинува СДСМ


Скопје, 29 јули, 2016 - 17:23 (META) 

Директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Наќе Чулев, поседува луксузен стан, вреден околу 90.000 евра, кој не го пријавил во својот анкетен лист, обвини денеска СДСМ.

Членката на извршниот одбор на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Рената Јајоска, на денешната прес-конференција, пред зградата каде, како што рече, се наоѓа станот на Чулев, го покажа анкетниот лист на директорот на АР, изваден од интернет-страницата на Државната комисија за спречување на корупција, како и имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности.

„Не ќе бевме овде ако директорот на Агенцијата за разузнавање не се обидел да го скрие станот, ако се земе предвид дека го нема во неговиот анкетен лист. Еве го анкетниот лист на овој висок функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, со денешен датум. Изваден е од веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Станот на оваа адреса, Фрањо Клуз број 2, со површина од 63 квадратни метри во вредност од околу 90.000 евра, во анкетниот лист го нема. Дека директорот на Агенцијата за разузнавање поседува стан во овој луксузен комплекс, со пазарна вредност од околу 90.000 евра, може да се види од овој имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности. Еве, состојбата е со денешен датум, станот е во сопственост лично на Наќе Чулев“, рече Јајоска.

Таа посочи дека Чулев, како директор на АР, е должен да поднесе детален приказ на својата имотна состојба во Антикорупциската комисија.

„Според законот, тој мора да пријави и секакви промени во имотната состојба во Антикорупциската комисија кои ја надминуваат вредноста од 20 просечни плати. Зошто досега високиот функционер од ВМРО-ДПМНЕ не го пријавил својот стан? Како директорот на Агенцијата за разузнавање си купил стан во луксузен комплекс? Груевски и соработниците можеби се поштедени од Антикорупциската комисија под нивна контрола, но ќе бидат казнети на регуларните избори во декември, по што за сите злоупотреби ќе следува и одговорност“, додаде Јајоска.


Од стан во Козле украдени 16.000 евра и злато


Скопје, 2 мај, 2016 - 13:32 (META) 

Вчера во 19 часот Р.Р. пријавила дека на улица Јуриј Гагарин од страна на непознат сторител извршена е тешка кражба.

Крадецот преку балконската врата влегол во станот и одзел мал сеф во кој имало 16.000 евра и златен накит, информираат од МВР.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.


Грујовски во тефтер водел евиденција за следење на обвинителите на СЈО


Скопје, 8 април, 2016 - 9:56 (META) 

Во станот на началникот на петтата управа на УБК, Горан Грујовски, првоосомничен во случајот „Тврдина“, обвинителите на СЈО пронашле тефтер во кој имало податоци дека агенти на УБК или приватно ангажирани лица, професионалци, ги следеле специјалните обвинители, пишува неделникот „Фокус“.

Во тефтерот, покрај имињата и презимињата на обвинителите, имало податоци за местото на живеење, за врските и за контактите со соработници и со други лица, како и податоци за тоа на кои предмети работат обвинителите и како им напредува истрагата.

Податоците во тефтерот, пишува неделникот, посочувале и на сведоци со кои обвинителите на СЈО имале контакти и информации кој од нив се согласил да изнесе информации и докази за истрагите.

Грујовски во моментов издржува куќен притвор, мерка што му ја одреди Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, откако го преиначи решението на судијата на претходна постапка за притвор.

Тој, заедно со уште четворица осомничени, меѓу кои и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, се товари дека минатата година учествувал во уништување на системите од незаконското прислушување во МВР, вредни 10 милиони евра.


Отпечатоци од прсти на Абдеслам најдени во станот во Брисел


Брисел, 18 март, 2016 - 15:45 (META) 

Белгиското федерално обвинителство денеска соопшти дека во станот во Брисел, кој беше цел на полициска операција оваа недела, биле пронајдени отпечатоци од прсти што му припаѓаат на главниот осомничен за париските напади во ноември минатата година, Салах Абдеслам, пренесува „Би-би-си“.

„Можеме да потврдиме дека отпечатоци од прсти на Салах Абдеслам се најдени во станот во бриселската област Форест“, изјавил портпаролот на белгискиот федерален обвинител, Ерик ван дер Сипт.

Тој, во интерес на истрагата, одбил да изнесе повеќе детали за случајот.

Абдеслам, кој е роден во Брисел и има француско државјанство, е цел на опсежна потрага по нападите во Париз во кој загинаа 130 луѓе, а за кои одговоста ја презеде Исламска држава.

Белгиската телевизија РТБФ, повикувајќи се на свои извори, објави дека е можно Абдеслам да е едно од двете лица кои успеале да побегнат при престрелката со полицијата во вторникот.

Други медиуми, пак, известуваат дека во станот биле најдени и траги од ДНК на Абдеслам.

Акцијата во вторникот ја изведоа белгиски и француски полицајци, од кои четворица беа ранети во вооружената престрелка со осомничените.


Експлозија поради запалена свеќа, уништила половина стан во Битола


Битола, 11 март, 2016 - 15:14 (META) 

Запалена свеќа вчера попладне предзвикала експлозија во која бил уништен дел од станот на битолчанецот И.Т. на улицата Васко Карангелевски, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, вчера, околу 14 часот, од запалена свеќа која била поставена на машина за перење алишта, се запалил држач на кој имало спрејови, дезодоранс, пена за бричење и спреј за астма, поради што дошло до експлозија во бањата. Во експлозијата, според полицијата, биле уништени вратата од бањата, влезната врата и биле искршени сите прозорци во дневната соба.

Повредени во случајот нема, а увид во станот извршила екипа на Секторот за внатрешни работи Битола.