Белгиското федерално обвинителство денеска соопшти дека во станот во Брисел, кој беше цел на полициска операција оваа недела, биле пронајдени отпечатоци од прсти што му припаѓаат на главниот осомничен за париските напади во ноември минатата година, Салах Абдеслам, пренесува „Би-би-си“.

„Можеме да потврдиме дека отпечатоци од прсти на Салах Абдеслам се најдени во станот во бриселската област Форест“, изјавил портпаролот на белгискиот федерален обвинител, Ерик ван дер Сипт.

Тој, во интерес на истрагата, одбил да изнесе повеќе детали за случајот.

Абдеслам, кој е роден во Брисел и има француско државјанство, е цел на опсежна потрага по нападите во Париз во кој загинаа 130 луѓе, а за кои одговоста ја презеде Исламска држава.

Белгиската телевизија РТБФ, повикувајќи се на свои извори, објави дека е можно Абдеслам да е едно од двете лица кои успеале да побегнат при престрелката со полицијата во вторникот.

Други медиуми, пак, известуваат дека во станот биле најдени и траги од ДНК на Абдеслам.

Акцијата во вторникот ја изведоа белгиски и француски полицајци, од кои четворица беа ранети во вооружената престрелка со осомничените.