!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тасева: Изјавата на Заев беше неодговорна и избрзана, предистражните постапки се тајни


Скопје, 4 ноември, 2017 - 13:06 (META) 

Во емисијата „360 степени“ што се емитуваше на „Алсат-М“, претседателката на „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, Слаѓана Тасева, за изјавата на премиерот Зоран Заев за двајца членови на власта кои биле под истрага, вчера рече дека е неодговорна и избрзана.

– Мојата прва реакција беше дека можеби дури и неодговорна, непотребна, избрзана изјава за којашто ниту беше време, ниту место, на тој собир… Таа изјава овозможи, за среќа, интерес кај медимите, новинарите, за целосно од сите аспекти да го отворат ова прашање, поставувајќи го прашањето дали била во ред, дали била избрзана, што може да каже премиерот, што не може, што може да знае, што не – рече Тасева.

 


Тасева: Индексот за перцепција на корупцијата е збир од различни меѓународни истражувања


Скопје, 27 јануари, 2017 - 17:23 (META) 

„Слабиот резултат на Македонија укажува на потреба од зајакнување и од заштита на граѓанското општество, а не негово слабеење. Тоа е пораката на индексот за перцепција на корупцијата“, порача д-р Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнел“ – Македонија (ТИМ).

Организацијата што таа ја раководи, како и матичната организација, денеска реагираа на нападите против нив што се појавија во некои медиуми откако во средата беше објавен годишниот извештај за перцепцијата за корупцијата во јавниот сектор на „Транспаренси интернешнел“ (ТИ) и на ТИМ, според кој Македонија само за една година паднала 24 места подолу.

– Индексот за перцепција на корупцијата е збирен индекс, комбинација од различни меѓународни истражувања и оценувања за корупцијата, собрани од различни реномирани институции. Индексот влече податоци од тринаесет истражувања од различни независни институции, специјализирани за анализа на владеење и на бизнис-клима и опфаќаат оценки и видувања на бизнисмени. Ниту едно од овие истражувања не е направено од „Транспаренси интернешнл“ – се вели во реакцијата.

ТИ посочи и линк на кој може да се види листата на нејзините донатори.


Партиите имале 1,4 милиони евра, а потрошиле 3,1 милиони евра за кампањата


Скопје, 12 декември, 2016 - 12:11 (META) 

За време на изборната кампања, политичките партии потрошиле двапати повеќе пари од што имале приходи. Вкупните приходи на сите политички партии изнесувале 88.314.902 денари (1.436.015 евра), а расходите биле 195.501.767 денари (3.178.890 евра).

Ова денеска го соопшти „Транспарентност Македонија“ при презентирање на резултатите добиени од надзорот на трошењата на политичките партии во периодот од 1 до 9 декември и од анализата на вторите финансиски извештаи што политичките партии ги доставија до надлежните институции.

Најголем дел од трошоците политичките партии ги имале за телевизиски рекламни кампањи, митинзи, средби со граѓани и за печатење пропаганден материјал.

Она што останува непознато е сумата потрошена за рекламирање на интернет, кое политичарите го плаќале лично наместо од изборната сметка.

– Голема сума пари останува во сивата зона на рекламирањето на интернет. Не знаеме колку пари се потрошени за кампањи на интернет. Политичарите овие трошоци ги покриваат од лични сметки, а не од изборната сметка. Интересно е што во албанските печатени медиуми, рекламирањето е платено од поединци, односно од министри, а не од партија. ДУИ, а и други албански политички партии, имаат прикажано нула трошоци за реклами во печатени медиуми – изјави првиот човек на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева.

Според неа,  личното спонзорство од страна на политичар кој не настапува како самостоен кандидат, туку е дел од политичка партија и коалиција, е прекршок.

Според финансиските извештаи за периодот од 1 до 9 декември, кои партиите ги доставиле до надлежните институции, а во поглед на бројот на објави на националните телевизии, ВМРО-ДПМНЕ се огласувала најмногу, а СДСМ иако помалку се рекламирал, тоа повеќе го чинело. Тасева вели дека овој феномен треба посебно да се истражува.

Голема е разликата помеѓу вкупните приходи (294.825 евра) и расходи (1.905.898 евра) на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за живот во Македонија и според претседателката на „Транспарентност Македонија“, треба да се види како таа дупка ќе се пополни.

Финансиски извештај до надлежните институции не доставила ПДП.

Проекцијата на „Транспарентност Македонија“ е дека политичките партии повеќе потрошиле од што прикажале, а тоа ќе се утврди по затворањето на изборната сметка, 30 дена по изборите, и по доставувањетo на финалните финансиски извештаи.


Партиите не прикажале расходи за комунални, комуникациски и транспортни услуги


Скопје, 5 декември, 2016 - 14:14 (META) 

Голем дел од политичките партии немаат прикажано расходи за комунални и за комуникациски услуги, како и расходи за превоз и транспортни услуги, покажува извештајот на „Транспарентност Македонија“, која врши надзор на трошењата од буџетите и на политичките партии во предизборниот и изборниот процес.

– Осум политички партии немаат прикажани расходи за комунални услуги и за греење, а исто толку партии (коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, коалиција ВМРО за Македонија, коалиција Алијанса за Албанците, ПДП, ЛП, ДПА) немаат прикажано расходи за комуникациски услуги, кои реално се трошоци. Исто така, голем дел од партиите немаат прикажано расходи за превоз и транспортни услуги, како и за престој во хотелите додека се одржуваат митинзи во другите градови –вели претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева.

Она што паѓа в очи од финансиските извештаи што партиите ги доставиле до надлежните институции  е што расходите на СДСМ до денар се совпаѓаат со донациите што ги имаат од членовите, а за ВМРО-ДПМНЕ треба да се види од каде ќе се покрие дупката, односно тоа што расходите им се шестпати поголеми од приходите.

– Она што не може со сигурност да се утврди е колку пари се потрошени за рекламирање на интернет, бидејќи тоа не се плаќа од изборната сметка, туку од картичка. Притоа се прикажува дека некои од партиите имаат прикажано само 10.000 денари за рекламирање на веб-страниците, што не се совпаѓа со ценовниците на тие медиуми кои веќе ги имаат доставено до ДИК и таа сума, според реалната фактичка состојба, е мала – додава Тасева.

Извештајот на „Транспарентност Македонија“ покажува дека во првите единаесет дена од изборната кампања, СДСМ и Коалицијата за живот во Македонија потрошиле 58.817.400 денари (956.380 евра), а ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија – 55.558.600 денари (903.391 евра).

Овие два партии најголем дел од средствата ги потрошиле за пропагандни материјали и за реклами на телевизија. СДСМ и коалицијата, за печатење пропагандни материјали, потрошиле 21.560.000 денари (350.569 евра), за реклами на телевизија 16.262.400 денари (264.429 евра). ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за пропаганден материјал потрошиле 22.792.000 денари (370.601 евра), за рекалми на телевизија 13.050.000 денари (212.195 евра).

– ДУИ најмногу средства потрошиле за рекламирање 8.544.000 денари (138.296 евра) и за митинзи 1.250.000 денари (20.325 евра), додека за пропаганден материјал средствата се нула. Коалицијата ВМРО за Македонија, вкупно потрошила 13.544 евра за рекламирање на телевизија, а 2.536 евра за митинзи – изјави Тасева.

Според финансиските извештаи на партиите доставени до наделжните институиции, Тасева вели дека ДУИ најголем дел од донациите ги има од компаниите, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од физички лица и финансирањето засега е во дозволените законски рамки.

Според неа, финансирањето на партиите треба да биде одвоено од финансирањето на кампањата бидејќи станува збор за коалиции, а многу често има прелевање на средства од партиите за финансирање на кампањата.

Во случајот со ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подбра Македонија, пари на изборната сметка се влеваат само од ВМРО-ДПМНЕ.


По „бомбите“, граѓаните се песимисти дека нешто можат да сторат против корупцијата


Скопје, 16 ноември, 2016 - 14:46 (META) 

Зголемена апатија и намален број на граѓани кои се подготвени да направат нешто во бората против корупцијата, се главните карактеристики на годинешниот „Барометар на глобалната корупција“, за ситуацијата во Македонија, кој денеска го презентираше претседателката на „Транспаренси интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева.

Имено, за разлика од пред две години, кога 88 отсто од анкетираните граѓани рекле дека се подготвени да направат нешто во борбата против корупцијата, во годинешниот извештај ваква подготвеност искажале 65 отсто од испитаниците, а речиси 40 отсто се изјасниле дека не може ништо да се направи против корупцијата. Ваквите одговори доаѓаат пред и по објавувањето на прислушуваните разговори од СДСМ, кои открија многу скандали за корупција во највисоките државни кругови.

– Намален е бројот на граѓани кои се подготвени да направат нешто во борбата против корупцијата, а зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека не може ништо да се направи од нивна страна во борбата против корупцијата. Зголемен е бројот на тие што сметаат дека е многу силно влијанието на политиката и дека во начинот на кој се водат политиките влијание имаат моќните, влијателните и богатите луѓе, а во тоа е вклучена и политичката корупција – вели Тасева, додавајќи дека е неопходно да се зајакне транспаретноста и заштитата на луѓето што се подготвени да пријават корупција.

Според извештајот, Македонија е на средина од земјите од Европа и од Централна Азија, според личните искуства на граѓаните со случаи на корупција. Една третина или 35 отсто од испитаниците во земјава сметаат дека корупцијата, односно поткупот се една од трите најзначајни проблеми со кои се соочува државата.

Од граѓаните кои имале контакт со некоја од јавните институции, 12 отсто рекле дека платиле поткуп. Најмногу вакви случаи имало во јавниот здравствен систем, потоа со сообраќајната полиција, а на трето место се образованието и институциите за издавање службени документи. Корупција, според анкетите, пријавиле 28 отсто од тие што претходно дале поткуп. Како главна причина за непријавување на случаите на давање мито, 29 отсто од граѓаните го посочиле стравот од тоа дека можат да се соочат со последици. На прашањето, пак, дали премиерот, претседателот на државата и вработените во нивните канцеларии се вклучени во корупција, 31 отсто рекле оти сметаат дека се вклучени.

Во годинешниот извештај најлошо се оценети Украина, Молдавија, Босна и Херцеговина и Шпанија.

На прашањето за политичката корупција за време на изборната кампања, Тасева вели дека таа се јавува, пред сè, затоа што државата нема доволно развиен систем за контрола на финансирањето на политичките партии.

– Политичката корупција е присутна овде постојано, а меѓу формите во кои таа се јавува за време на избори е финансирањето на изборните кампањи преку поединци и компании што по изборите сакаат да имаат влијание и учество во начинот на кој ќе се водат политките. Моќните поединци предвреме инвестираат во изборните кампањи за да бидат сигурни дека по изборите ќе имаат глас. Ова е можно и се случува кај нас пред сè затоа што немаме доволно транспарентен систем за контрола на финансирањето на полтичките кампањи. Не се објавуваат имињата на донаторите на политичките партии ниту, пак, се објавуваат изворите преку кои се финансираат одредени активности во рамки на кампањата, а кои се донации во вид на услуга, односно не се директно давање пари. Исто така, има и ситуации кога некој друг ги плаќа сметките и фактурите, но многу малку за тоа можеме да видиме информација – вели Тасева.

„Транспаренси интернешнл“ дава четири клучни препораки до владите во Европа и во Централна Азија за намалување на политичката корупција и за помагање на луѓето да пријавуваат корупција без страв од одмазда.

„Потребни се транспаретни услови за лобирање и јавен регистар на лобисти, со што ќе се олесни надзорот над политичките одлуки. Потребно е да се обезбеди независност на судството, особено во земјите кандидати за членство во Европската Унија, преку намалување на влијанието на извршната власт врз судството и обвинителството и преку објективни и транспаретни системи за назначување, преместување или разрешување на судии и на обвинители. Покрај тоа, нужно е да се усвои и да спроведе опсежна легислатива за заштита на укажувачите и да се обезбеди соодветно проследување на она што укажувачите го откриваат“, се вели во Глобалниот барометар за корупција за 2016 година.


Партиите кријат од каде ги финансираат кампањите, кои чинат околу 1 милион евра


Скопје, 15 ноември, 2016 - 13:02 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп во изборната кампања потроши 600 милиони долари, додека неговата противкандидатка Хилари Клинтон трката ја чинеше повеќе од 1 милијарда долари. Во Македонија, пак, за изборните кампањи на кандидатите на најголемите политички партии за претседателските избори во 2014 година беа потрошени околу еден милион евра.

За изборната кампања за Ѓорге Иванов, ВМРО-ДПМНЕ потрошиле 878.781 евра, покажува нивниот финансискиот извештај.  СДСМ, пак, изборната кампања за претседател го чинела речиси четирипати помалку или само 282.193 евра.

Претседателски избори 2014 година 

ВМРО – ДПМНЕ        878.781 евра

СДСМ                          282.193 евра

Финансиските извештаи за кампањите за предвремените парламентарни избори во 2014 година покажуваат дека владејачката партија потрошила околу 1,5 милиони евра, а СДСМ близу 200.000 евра.

Парламентарни избори 2014 година (вкупно)

ВМРО – ДПМНЕ       1,5 милиони евра

СДСМ                         200.000 евра

Претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева, за „Мета“ вели дека главен проблем во однос на финансирањето на изборните кампањи од страна на партиите е тоа што извештаите не ја прикажуваат состојбата реално, односно не се прецизирани детално влезот и излезот на парите.

„Трошат многу повеќе пари од што реално прикажуваат, а не се знае како ги покриваат минусите на сметките. Државните институции не утврдуваат докрај дали кредитите што ги зеле партиите се вратени, дали фактурите што им се издадени се платени, бидејќи имаше и такви случаи. Институциите не постапија докрај и не се утврди како е покриен минусот. Исто така, потребно е да се утврди и легалноста на трошењето на парите на партиите кои се наменети за нивно работење, а не само за покривање на минусот“, вели Тасева.

На прашањето дали тој минус се покрива и со исплати од страна на државата врз основа на освоени гласови, таа смета дека тоа не е доволно, бидејќи тој минус на сметките е голем.

Исто така, во финансискиот извештај на владејачката партија за парламентарните избори во 2014 година, наведени се само приходите од членарина. Во ставката расходи, стои дека најмногу пари (1,2 милиони евра) се потрошени за реклами и за пропаганда.

Опозицијата, пак, за ова намена потрошила само 121.045 евра.

Парламентарни избори 2014 година (за реклами)

ВМРО – ДПМНЕ       1,2 милиони евра

СДСМ                         121.045 евра

Според анализата на Центарот за истражувачко новинарство „Скуп“, симптоматичен е и начинот на кој партиите се рекламираат во медиумите. Државниот завод за ревизија утврдил прекршување на изборниот законик за политичко рекламирање во медиумите, бидејќи цената на услугата искажана во фактурата за политичко рекламирање доставена од еден радиодифузер е за 50 проценти пониска од цената утврдена во ценовникот за политичко рекламирање.

Иако со закон е предвидено, нема регистар на донации за да се види кои се луѓето што донираат, колку донираат.

Аналитичарите, исто така, сметаат дека Државната комисија за спречување на корупција по изборите има право да испита дали некој од донаторите на победничката партија имал привилегија за бизнисот поради тоа што донирал и дали некој од донаторите на опозицијата трпи штета поради тоа што донирал.

Изборниот закон сега дозволува рок до три месеци за партиите да ги поднесат финалните финансиски извештаи, што, исто така, остава доволно простор за „штимање“, за разлика од порано кога тој период изнесуваше еден месец.


Тасева: Нема политичка волја за заживување на Законот за заштита на укажувачите


Скопје, 14 ноември, 2016 - 14:13 (META) 

Во ниту една државна институција во земјава не се спроведува Законот за заштита на укажувачите (whistleblowers), иако е донесен пред точно една година, а нема ниту интерес и политичка волја кај надлежните за имплементација на законот.

Ова беше главна тема на денешната завршна тркалезна маса во рамките на проектот на „Транспаренси интернешнл Македонија“, насловен „Законот за заштита на сведоци – искуства и предизвици“, а поддржан од Кралството Холандија.

Претседателката на „ТИ Македонија“, Слаѓана Тасева, истакна дека Законот за заштита на укажувачите, донесен пред една година, е еден од најдобрите во кој се вградени најдобрите меѓународни практики и искуства, но следниот предизвик е борбата тој да заживее и да почне да се применува. За ова, како што истакна Тасева, нема ниту волја, ниту интерес кај државните институции, кои треба да преземат марки за внатрешно и за надворешно пријавување на неетичко и на незаконско дејствување и да ги заштитат пријавувачите.

– Нашите институции, без исклучок, не преземаат никакви чекори за заштита на пријавувачите и немаме никакви активности и интерес за спроведување на Законот, а знаеме дека интересот оди од горе надолу, односно од тие што раководат со институциите. Мораме да бараме одговорност за непримена на законот. Во овие две години, двапати се носеше буџет, но во него не видовме средства наменети за спроведување на овој закон – рече Тасева, додавајќи дека е потребна барем една институција што ќе направи исчекор и ќе покаже дека е возможна примена на ова законско решение, особено во предизборниот период, кога е потреба заштита на луѓето што имаат да пријаваат некакви неправилности.

Таа истакна дека поголема заинтересираност покажале приватните компании, кои, исто така, имаат обврски кон законот. Сепак, според Тасева, ваквот случај е, пред сè, поради стравот на фирмите од санкциите што произлегуваат од законот.

– Иста казна е предвидена и за приватните фирми и за јавните институции, но поради селективната правда која постои, кога инспекторите ќе тропнат на врата, сигурно нема да го казнат, на пример, директорот на Државната комисија за спречување на корупција – посочи Тасева.

Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, истакна дека поддршката на Холандија за овој проект произлегува од нивниот став дека борбата со корупцијата е најважното прашање што земјите од Западен Балкан мора да го решат на својот пат кон интеграцијата во Европската Унија. Според него, покрај владата и невладиниот сектор, чија соработка треба да биде континуирана, одговорност за демократските процеси имаат и граѓаните како поединци, чија волја се изразува на избори, кои се нивна најмоќна алатка.

– Изборите се ден кога поединецот е исто толку моќен како кој било друг политичар. Ако не гласате, дозволувате другите да одлучат за вашата иднина. Демократијата не е само гласањето еднаш на секои четири години или еднаш на предвремени избори. Одлуките на политичарите секој ден влијаат на граѓаните и затоа граѓаните мора да бидат информирани кога и како тие одлуки ќе влијаат врз нив. Демократијата е сопственост на граѓаните, а не на политичарите – заклучи Пломп, додавајќи оти се надева дека колку што е можно повеќе граѓани ќе излезат и ќе гласаат на изборите на 11 декември.

На денешниот настан, присуствуваа и претставници од Министерството за внатрешни работи и од канцеларијата на Народниот правобранител, кои ја истакнаа потребата од поангажиран пристап во спроведувањето на заштитата на укажувачите.

Иако поканети, на тркалзената маса не дојдоа претставници од Јавното обвинителство и од Државната комисија за спречување корупција, институција која, како што рече Тасева, традиционално не соработува и не презема ништо за да се овозможи примената на законот.

На денешната тркалезна маса беа презентирани и резултатите од истражувањето на агенцијата „Рејтинг“, спроведено во рамките на проектот, според кое, 31,7 отсто од вработените во јавниот и во приватниот сектор знаат дека е донесен Закон за заштита на укажувачите и се запознание со нивите права. 63,1 отсто би пријавиле незаконско постапување, но дури 70,3 отсто сметаат дека доколку пријават, би имале последици, што укажува на недоволна заштита од институциите.

Истражувањето е спроведено преку телефонска анкета, врз репрезентативен примерок од 400 вработени во 23 општини во земјава.


Дебата на „Метаморфозис“: Граѓанскиот сектор и медиумите го поттикнувааат доброто владеење


Скопје, 5 април, 2016 - 15:27 (META) 

Граѓанските организации имаат важна улога во поттикнувањето на граѓаните да бараат отчетност од државните институции и да бидат вклучени во креирањето на јавните политики е заклучокот од тркалезна маса на тема „Граѓанскиот сектор и медиумите за доброто владеење“ во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

На тркалезната маса се дискутираше за доброто владеење, медиумите, граѓанското учество, транспарентноста и за отчетноста, како и за борбата против корупцијата.

– Граѓанскиот сектор и медиумите се фактори што го движат општеството кон добро владеење. Доброто владеење се однесува на власта, што подразбира транспарентност, отчетност и одговорност. Граѓанскиот сектор не е многу застапен во медиумите и не е добро разбран. Тој укажува на состојбите кои се спротивни на доброто владеење, па оттука има и засилена кампања против него, односно дека работи против интересите на државата. Но, ако сакаме да се сменат состојбите, работите треба да се кажат со вистинското име. Власта не реагира на пораките на невладиниот сектор и воедно го прогласува за непријател –  вели претседателката на „Транспаренси интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева.

Оливера Војновска, уредник во „Вистиномер“, вели дека медиумите не известуваат доволно за корупцијата бидејќи такви им се уредувачката политика и сопственичката структура.

Медиумите во Македонија се заробени од власта и се соочуваат со проблем на затвореност на институциите, особено кога се работи за парите, вели уредничката на албанскиот интернет-портал „Порталб“, Елида Зилбеари.

– Нарушен е квалитетот на известувањето и не се почитуваат стандардите. Дел од медиумите го занемаруваат јавниот интерес и ги штитат центрите на моќ. Иако живееме во мултиетничко општество, албанските медиуми се концентрираат на сферите каде што надлежност имаат албански функционери – додаде Зилбеари.

Тркалезната маса го означи почетокот на проектот „ACTION SEE – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“, чија цел е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и на медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.

Проектот е и мплементиран од Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со Westminster Foundation for Democracy од Велика Британија, CRTA – Center for Research, Transparency and Accountability од Србија, Citizens Association Why not? од Босна и Херцеговина, Center for Democratic Transition од Црна Гора, Open Data Kosovo (ODK) од Косово, и Levizja Mjaft! од Албанија, а со финансиска поддршка на Европската Унија.


Тасева: Да не се прејудицира туку да се провери дали има Македонци поврзани со „Панама пејперс“


Скопје, 5 април, 2016 - 13:53 (META) 

„Не треба да се прејудицира дека доколку Македонци имаат сметки во Панама, тие се поврзани со нелегални пари. Сепак, тоа треба да се провери. Новинарите и истражувачите ќе ги прават достапни информациите етапно и по фази и тогаш треба да се види дали воопшто македонски државјани имаат сметки, какви се тие, дали се лични, компаниски и зошто настанале“, изјави Слаѓана Тасева од „Транспарентност Интернешнл Македонија“ на прашањето за евентуалната поврзаност на македонски државјани со аферата „Панама пејперс“.

По протекувањето на 11 милиони документи од базата на една од најголемите адвокатски фирми од Панама, „Мосак Фонсека“, кои откриваат како политичари и бизнисмени перат пари, голем број држави побраа пристап до информациите за да можат да ги проучат и да дејствуваат по повод евентуално затајување данок.

На прашањето дали македонските институции можат да поведат ваква истрага, директорот на Финансиска полиција, Александар Тргачевски, за „Мета“ изјави дека и да се поднесе барање за пристап до информации, офшор-компаниите нема да одговорат бидејќи имаат политика на деловна тајна.

– Државите кои важат за т.н даночни раеви не даваат информации. Доколку постојат индиции за одредено име или компанија, тогаш можеме преку државите партнери кои веќе ги имаат документите, да обезбедиме одредени информации – вели Тргачевски и додава дека не е спорно основањето на офшор-компании.

Но, според него, треба да се види од кои побуди се отворени овие сметки бидејќи може да се случи да кријат пари кои се криминални.

Документите од Панама покажуваат дека компанијата со децении им помагала на клиентите да перат пари и да избегнуваат плаќање даноци. Документите ги добил германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и ги споделил со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари од Вашингтон и со други медиуми, вклучувајќи ги „Би-Би-Си“ и „Гардијан“.

 


Партиите потрошиле по 50.000 евра на отворање канцеларии и на митинзи


Скопје, 16 март, 2016 - 13:12 (META) 

Најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, потрошиле околу 50.000 евра на одржани митинзи, средби со граѓани, новоотворени канцеларии, интерни огласувања од почетокот на годината до 7 март. Најголем дел од средствата, владејачката партија ги потрошила на отворање нови канцеларии покрај веќе постојните во 24 градови, додека СДСМ најголем дел од парите ги потрошил на митинзи, средби со граѓани, интерни огласувања. ДУИ за овие намени потрошила 25.000 евра.

Партиите ги трошеле парите од своите партиски сметки бидејќи отворањето посебни финансиски сметки со кои ќе се финансираат изборните кампањи и активности, партиите треба да ги отворат најрано до 27 март, а најдоцна до 17 мај. Финансискиот извештај треба да го поднесат најдоцна до 25 мај.

Ова се заклучоците во извештајот „Мониторинг на трошењата од буџетите и политичките партии во предизборниот и изборниот процес“ на „Транспарентност Македонија“ и на Центарот за економски анализи.

– Иако изборната кампања официјално не е почната, партиите имаат засилени активности на терен. Ги промовираат владините активности во рамките на партиските, па оттука не постои разграничување на едните од другите. Забележлива е платена политичка кампања преку неавтентични профили на социјалните мрежи – изјави претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева.

Политичките партии своите финансии ги прикажуваат како донации и ги објавуваат списоците со имиња и со компании кои донирале, но, според Тасева, дел од тие луѓе се невработени или немаат толкави приходи колку што е прикажано дека донирале.

– Сè додека не се вклучи УЈП да види дали тие средства се легално заработени и се легитмни, сè дотогаш ќе постои сомнеж дека тоа се црни пари – додава Тасева.