Тасева: Нема политичка волја за заживување на Законот за заштита на укажувачите

Во ниту една државна институција во земјава не се спроведува Законот за заштита на укажувачите (whistleblowers), иако е донесен пред точно една година, а нема ниту интерес и политичка волја кај надлежните за имплементација на законот.

Ова беше главна тема на денешната завршна тркалезна маса во рамките на проектот на „Транспаренси интернешнл Македонија“, насловен „Законот за заштита на сведоци – искуства и предизвици“, а поддржан од Кралството Холандија.

Претседателката на „ТИ Македонија“, Слаѓана Тасева, истакна дека Законот за заштита на укажувачите, донесен пред една година, е еден од најдобрите во кој се вградени најдобрите меѓународни практики и искуства, но следниот предизвик е борбата тој да заживее и да почне да се применува. За ова, како што истакна Тасева, нема ниту волја, ниту интерес кај државните институции, кои треба да преземат марки за внатрешно и за надворешно пријавување на неетичко и на незаконско дејствување и да ги заштитат пријавувачите.

– Нашите институции, без исклучок, не преземаат никакви чекори за заштита на пријавувачите и немаме никакви активности и интерес за спроведување на Законот, а знаеме дека интересот оди од горе надолу, односно од тие што раководат со институциите. Мораме да бараме одговорност за непримена на законот. Во овие две години, двапати се носеше буџет, но во него не видовме средства наменети за спроведување на овој закон – рече Тасева, додавајќи дека е потребна барем една институција што ќе направи исчекор и ќе покаже дека е возможна примена на ова законско решение, особено во предизборниот период, кога е потреба заштита на луѓето што имаат да пријаваат некакви неправилности.

Таа истакна дека поголема заинтересираност покажале приватните компании, кои, исто така, имаат обврски кон законот. Сепак, според Тасева, ваквот случај е, пред сè, поради стравот на фирмите од санкциите што произлегуваат од законот.

– Иста казна е предвидена и за приватните фирми и за јавните институции, но поради селективната правда која постои, кога инспекторите ќе тропнат на врата, сигурно нема да го казнат, на пример, директорот на Државната комисија за спречување на корупција – посочи Тасева.

Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, истакна дека поддршката на Холандија за овој проект произлегува од нивниот став дека борбата со корупцијата е најважното прашање што земјите од Западен Балкан мора да го решат на својот пат кон интеграцијата во Европската Унија. Според него, покрај владата и невладиниот сектор, чија соработка треба да биде континуирана, одговорност за демократските процеси имаат и граѓаните како поединци, чија волја се изразува на избори, кои се нивна најмоќна алатка.

– Изборите се ден кога поединецот е исто толку моќен како кој било друг политичар. Ако не гласате, дозволувате другите да одлучат за вашата иднина. Демократијата не е само гласањето еднаш на секои четири години или еднаш на предвремени избори. Одлуките на политичарите секој ден влијаат на граѓаните и затоа граѓаните мора да бидат информирани кога и како тие одлуки ќе влијаат врз нив. Демократијата е сопственост на граѓаните, а не на политичарите – заклучи Пломп, додавајќи оти се надева дека колку што е можно повеќе граѓани ќе излезат и ќе гласаат на изборите на 11 декември.

На денешниот настан, присуствуваа и претставници од Министерството за внатрешни работи и од канцеларијата на Народниот правобранител, кои ја истакнаа потребата од поангажиран пристап во спроведувањето на заштитата на укажувачите.

Иако поканети, на тркалзената маса не дојдоа претставници од Јавното обвинителство и од Државната комисија за спречување корупција, институција која, како што рече Тасева, традиционално не соработува и не презема ништо за да се овозможи примената на законот.

На денешната тркалезна маса беа презентирани и резултатите од истражувањето на агенцијата „Рејтинг“, спроведено во рамките на проектот, според кое, 31,7 отсто од вработените во јавниот и во приватниот сектор знаат дека е донесен Закон за заштита на укажувачите и се запознание со нивите права. 63,1 отсто би пријавиле незаконско постапување, но дури 70,3 отсто сметаат дека доколку пријават, би имале последици, што укажува на недоволна заштита од институциите.

Истражувањето е спроведено преку телефонска анкета, врз репрезентативен примерок од 400 вработени во 23 општини во земјава.