fbpx

По „бомбите“, граѓаните се песимисти дека нешто можат да сторат против корупцијата

-

Зголемена апатија и намален број на граѓани кои се подготвени да направат нешто во бората против корупцијата, се главните карактеристики на годинешниот „Барометар на глобалната корупција“, за ситуацијата во Македонија, кој денеска го презентираше претседателката на „Транспаренси интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева.

Имено, за разлика од пред две години, кога 88 отсто од анкетираните граѓани рекле дека се подготвени да направат нешто во борбата против корупцијата, во годинешниот извештај ваква подготвеност искажале 65 отсто од испитаниците, а речиси 40 отсто се изјасниле дека не може ништо да се направи против корупцијата. Ваквите одговори доаѓаат пред и по објавувањето на прислушуваните разговори од СДСМ, кои открија многу скандали за корупција во највисоките државни кругови.

– Намален е бројот на граѓани кои се подготвени да направат нешто во борбата против корупцијата, а зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека не може ништо да се направи од нивна страна во борбата против корупцијата. Зголемен е бројот на тие што сметаат дека е многу силно влијанието на политиката и дека во начинот на кој се водат политиките влијание имаат моќните, влијателните и богатите луѓе, а во тоа е вклучена и политичката корупција – вели Тасева, додавајќи дека е неопходно да се зајакне транспаретноста и заштитата на луѓето што се подготвени да пријават корупција.

Според извештајот, Македонија е на средина од земјите од Европа и од Централна Азија, според личните искуства на граѓаните со случаи на корупција. Една третина или 35 отсто од испитаниците во земјава сметаат дека корупцијата, односно поткупот се една од трите најзначајни проблеми со кои се соочува државата.

Од граѓаните кои имале контакт со некоја од јавните институции, 12 отсто рекле дека платиле поткуп. Најмногу вакви случаи имало во јавниот здравствен систем, потоа со сообраќајната полиција, а на трето место се образованието и институциите за издавање службени документи. Корупција, според анкетите, пријавиле 28 отсто од тие што претходно дале поткуп. Како главна причина за непријавување на случаите на давање мито, 29 отсто од граѓаните го посочиле стравот од тоа дека можат да се соочат со последици. На прашањето, пак, дали премиерот, претседателот на државата и вработените во нивните канцеларии се вклучени во корупција, 31 отсто рекле оти сметаат дека се вклучени.

Во годинешниот извештај најлошо се оценети Украина, Молдавија, Босна и Херцеговина и Шпанија.

На прашањето за политичката корупција за време на изборната кампања, Тасева вели дека таа се јавува, пред сè, затоа што државата нема доволно развиен систем за контрола на финансирањето на политичките партии.

– Политичката корупција е присутна овде постојано, а меѓу формите во кои таа се јавува за време на избори е финансирањето на изборните кампањи преку поединци и компании што по изборите сакаат да имаат влијание и учество во начинот на кој ќе се водат политките. Моќните поединци предвреме инвестираат во изборните кампањи за да бидат сигурни дека по изборите ќе имаат глас. Ова е можно и се случува кај нас пред сè затоа што немаме доволно транспарентен систем за контрола на финансирањето на полтичките кампањи. Не се објавуваат имињата на донаторите на политичките партии ниту, пак, се објавуваат изворите преку кои се финансираат одредени активности во рамки на кампањата, а кои се донации во вид на услуга, односно не се директно давање пари. Исто така, има и ситуации кога некој друг ги плаќа сметките и фактурите, но многу малку за тоа можеме да видиме информација – вели Тасева.

„Транспаренси интернешнл“ дава четири клучни препораки до владите во Европа и во Централна Азија за намалување на политичката корупција и за помагање на луѓето да пријавуваат корупција без страв од одмазда.

„Потребни се транспаретни услови за лобирање и јавен регистар на лобисти, со што ќе се олесни надзорот над политичките одлуки. Потребно е да се обезбеди независност на судството, особено во земјите кандидати за членство во Европската Унија, преку намалување на влијанието на извршната власт врз судството и обвинителството и преку објективни и транспаретни системи за назначување, преместување или разрешување на судии и на обвинители. Покрај тоа, нужно е да се усвои и да спроведе опсежна легислатива за заштита на укажувачите и да се обезбеди соодветно проследување на она што укажувачите го откриваат“, се вели во Глобалниот барометар за корупција за 2016 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...