Фото: Robert Anasch, Unsplash

Политичката волја и изјави немаат смисла ако нема конкретни активности. Без намалување на корупцијата и борба против неа, нема да има развој. Исто така, кризата поради пандемијата не треба и не може да се земе како изговор за бавната и неефикасна борба против корупцијата.

Ова е мислењето на експертите за прашања поврзани со корупцијата во Македонија, во врска со последниот Извештај на Транспаренси Интернешнл, каде нашата земја беше рангирана полошо од кога и да е во индексот на корупција, со пад од 5 места, пишува Порталб.мк.

Северна Македонија е рангирана на 111-то место во групата со БиХ, Панама и Монголија. Со ова, земјата е позиционирана за пет места пониско споредено со минатата година. Но, нема промени во индексот, односно и оваа година, како и минатата година индексот е 35.

Врз основа на овие резултати, претседателката на Транспаренси Интернешнл Македонија, Слаѓана Тасева, изјави дека мерките преземени од Владата и другите институции, вклучително и судството и Собранието и независните институции, се недоволни.

„Бројот на индексни поени не е променет, што покажува дека резултатите во областите кои биле предмет на истражувањето, кои биле искористени за анализа на податоците за Република Северна Македонија не се постигнуваат, туку имаме намалувања во клучните области – владеење на правото и на слободите и човековите права. Носителите на власта мора да разберат дека со искажаната политичка волја за борба против корупцијата, а без јасно прикажани активности, резултати и ефекти од таа борба сепак ќе имаме резултати што ќе укажуваат на многу високо ниво на корупција. Треба сериозно да се вклучиме во ефикасна и вистинска борба против корупцијата затоа што политичките изјави не покажаа резултати“, рече Тасева.

Тасева рече дека е потребно да се обезбеди поголема транспарентност во институциите, бидејќи според неа, во однос на ковид-19 тие биле скоро недостапни за граѓаните со образложение дека се намалил капацитетот и бројот на вработени.

Во исто време, рече таа, потребно е дополнително зајакнување на демократијата и вклученост на граѓаните во сите одлуки донесени од Владата и поголем пристап до информации од јавен карактер.

Од друга страна, директорот на Фондацијата за Интернет и општество – Метаморфозис, Бардил Јашари вели дека овој резултат јасно покажува дека Северна Македонија и нејзината Влада, освен изјавите и стратегиите, не презеле никакви сериозни активности за вистинска борба против корупцијата.

Само декларативно, вели тој, не може да има подобрување на ситуацијата. Кризата со пандемијата, додава тој, нема да може да се користи како изговор за забавување на борбата против корупцијата.

„Иако поените на нашата земја во индексот на перцепција за корупцијата во Транспарентност (Transparency) остануваат исти како и минатата година, тоа сепак резултираше во паѓање на нашата земја во рангирањето на овој индекс. Овој пад покажува дека во споредба со нашата земја, други земји презедоа поконкретни и посериозни чекори во борбата против корупцијата. Исто така покажува дека нашата влада, покрај изјави, стратегии и сл., мора посериозно да ја сфати борбата против корупцијата, да ги засука ракавите и да преземе конкретни чекори за да може изјавите и стратегиите да се претворат во конкретни активности и реформи. Мора да се разбере, еднаш и засекогаш, дека без намалување на корупцијата нема развој! Кризата заради пандемијата не треба и не може да се земе како изговор за забавената и неефикасна борба против корупцијата“, изјави Јашари.

Најдобро рангирани во индексот на перцепција на корупцијата се Данска и Нов Зеланд со 88 индексни поени, следат Финска, Сингапур, Шведска и Швајцарија со 85, Норвешка, Холандија, Германија и Луксембург со 84, а најлошо рангирани се повторно Сомалија и Јужен Судан. Меѓу земјите на ЕУ повторно најниско рангирани се Унгарија, Романија и Бугарија со 44 индексни поени.

Ако ги анализираме рангирањата во последните 10 години, може да се забележи дека Данска, Нов Зеланд, Финска и некои други земји, постојано одржуваат најдобри рангирања во однос на перцепцијата на корупцијата.

Овие земји дури и во време на пандемија останаа високо рангирани, со што се покажа дека ако една земја се бори против корупцијата ќе се бори против неа без оглед на глобалната ситуација, за разлика од многу други земји, каде што е прикажано, како што рекоа водачите на Транспаренси Интернешнл, дека состојбата со корупцијата се влошува низ целиот свет, особено во времето на пандемијата.