Обид за шверц на два килограми кокаин на скопскиот аеродром


Скопје, 7 декември, 2018 - 13:27 (META) 

Два килограми кокаин, кои биле скриени во багажот на Венецуелец, се откриени на Меѓународниот аеродром „Скопје“, соопшти Царинската управа на Република Македонија. Дрогата при продавање во количества „на мало“ би достигнала цена од околу 570.000 евра, се објаснува во соопштението.

Шверцерот слетал на скопскиот аеродром завчера во 20.30 часот со лет од Цирих и бил издвоен за детален преглед, по што била откриена дрогата за која и анализата од цариниците и втората анализа од вештаци потврдила дека е кокаин.

„Вредноста на запленетата дрогата, на црниот пазар во Република Македонија, изнесува околу 140.000 евра, додека истата при продажбата на мало би била повеќекратно зголемена и би достигнала вредност околу 570.000 евра“, соопшти Царина, нагласувајќи дека е поднесена кривична пријава против Венецуелецот.


Во Казабланка запленети 541 килограми кокаин


Казабланка, 12 февруари, 2018 - 10:34 (META) 

Во Казабланка биле запленети 541 килограм кокаин, сокриени во контејнер со стока од Јужна Америка, соопштија мароканските власти.

При акцијата вчера биле уапсени шест лица, меѓу кои и еден Бразилец, кој се смета за главен организатор на шверцот. Запленети се пет автомобили со кои дрогата требало од пристаништето во Казабланка да се носи кон следните криумчари, како и големо количество пари во различни валути.

Според првичните информации, дрогата била шверцувана од меѓународна мрежа за трговија со дрога поврзана со картелите од Латинска Америка.


Пронајдени 60 килограми марихуана покрај реката Сатеска


Охрид, 24 ноември, 2017 - 13:50 (META) 

Дури 60 килограми марихуана во пакувања од околу еден килограм биле пронајдени вчеравечер крај мостот на реката Сатеска, на стариот пат Охрид – Струга, извести СВР Охрид.

Дрогата била пронајдена околу 21 часот вчера, во 59 пакувања, ставени во пет торби. Покрај нив имало и едно пакување кафена прашката материја, која заедно со марихуаната, е испратена за вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

СВР Охрид и Секторот за недозволена трговија со оружје и со опасни материи преземаат мерки за целосно документирање и за расчистување на случајот.


Роберти: Шверцот на дрога од Албанија во Италија е зголемен тројно


Тирана, 23 февруари, 2017 - 20:24 (META) 

Италијанскиот обвинител за борба против мафијата, Франко Роберти, денеска во Тирана изјави дека шверцот на дрога од Албанија во Италија, во изминатите неколку години е тројно зголемен и дека дел од приходите од овие активности можат да бидат искористени за финансирање на радикални исламистички групи.

Роберти, кој денеска имаше средба со јавниот обвинител на Албанија, Адриатик Љаља, рече дека неговата посета на Тирана била со цел заедно со албанските колеги да ги утврдат причините кои довеле до зголемување на шверцот со дрога од Албанија во Италија и да ги разгледаат можностите за подобрување на заедничката стратегија и соработка во борбата против овој вид криминал.

Италијанскиот обвинител рече дека една од причините за зголемувањето на шверцот на дрога е зголемената побарувачка во Италија и дека за шверцерите „увозот“ на марихуана е полесен и поисплатлив, отколку нејзиното одгледување во Италија.

Тој зборуваше и за врските помеѓу шверцот на дрога и терористичките активности.

– Станува збор за многу повеќе од истражувачка хипотеза. Ние сме убедени дека дел од нелегалните приходи од трговијата со дрога одат за финансирање на радикални исламистички групи, а со тоа и на потенцијални терористички активности – рече Роберти.

Роберти и Љаља разговараа за зајакнување на натамошната билатерална соработка, со заеднички истраги и поголема размена на информации.