Шест лица лишени од слобода во вчерашната акција за заплена на марихуана вредна 800.000 евра

-

По повеќемесечна постапка координирана и по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за криминалистичка полиција во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со асистенција на Американската служба за борба против дрога – ДЕА и Основното јавно обвинителство – Кавадарци во текот на вчерашниот ден спроведоа акција, информираат од Јавното обвинителство.

Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донел Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица.

„Лицата се осомничени дека сториле кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик“, информираат од обвинителството.

Осомничените, како повеќе лица неовластено заради продажба, набавиле, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од речиси 200 килограми. На почетокот на овој месец, првоосомничениот струмичанец (34), откако пронашол потенцијални купувачи на наркотичната дрога марихуана, договорил неовластена набавка на дрогата со второосомничениот скопјанец (45) кој дрогата ја држел на засега неутврдена локација. Тој ги ангажирал останатите осомничени и тоа 36-годишниот битолчанец неовластено ја пренесе дрогата од неутврдената локација до паркинг простор во с.Радобил, прилепско, а останатите осомничени – 24-годишен скопјанец, 46-годишен прилепчанец и 24-годишен кумановец со возила што тие ги управувале да го придружуваат движењето на возилото со кое се вршело пренесување на наркотичната дрога – марихуана.

Купопродажбата на наркотична дрога – марихуана била договорена со НН лице од Р.Грција и требало да се реализира во текот на вчерашниот ден на паркинг просторот во с.Радобил, се вели во соопштението на обвинителството.

Полицијата ги сопрела комбето и трите автомобили што биле во придружба на дрогата на магистралниот пат Прилеп-Градско кај селото Раец. Тие биле лишени од слобода, а во исто време во Прилеп е лишен од слобода осомничениот што го управувал ТМВ марка Ивеко, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и првоосомничениот – организатор на криминалната група.

„Во текот на вчерашниот ден по наредба на јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола“, се вели во соопштението на обвинителството.

Осомничените денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот обвинител ќе му предложи на судот на осомничените да им биде изречена мерка притвор.

Американската амбасада во Скопје во изјава за порталот СДК.мк потврди дека работела заедно со МВР и дала техничка поддршка за вчерашната акција.

Од МВР информираат дека запленетата дрога е во вредност од над 800.000 евра. Во нивното соопштение се наведува дека меѓу приведените е и лицето со иницијали К.С.(46) од Прилеп, а за кој медиумите веќе објавија дека бил командир на полициската станица во Прилеп.

При извршените претреси кај осомничените, во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, во стан во Битола се пронајдени 13.600 евра и 50.000 денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели. При претрес во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај полицискиот службеник од Прилеп. При претресот во Струмица, пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства.

Нула толеранција за напади врз новинарите: насилниците мора да одговараат

Сериозни напади врз новинарите, решавање на нерешените случаи на напади врз медиумските работници, заштитата на јавниот интерес преку слободата на говор, транспарентноста на надлежните институции и соработката помеѓу еснафските...