!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

СДСМ: Груевски ќе мора да објасни како толку успешно штедел и се богател


Скопје, 1 февруари, 2017 - 17:38 (META) 

Никола Груевски ќе треба да објасни како успеал да заштеди 230.000 евра, колку што официјално пријавил во најновиот aнкетен лист за имотната состојба, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека „додека поранешниот премиер осиромаши повеќе од 500.000 граѓани, штедел и по 10.000 евра месечно“.

„Според последните пријавени податоци лани, заштедил речиси 20.000 евра. Ова може да се види ако се споредат неговите анкетни листови од последните три години. Доколку оваа пријавена заштеда се подели на 12 месеци, тогаш излегува дека обвинетиот Груевски месечно штедел околу 1.500 евра,“ се вели во реакцијата на СДСМ.

Од оваа партија истакнуваат дека „случајно или не, висината на оваа сума е слична на сумата што поранешниот премиер ја добива како апанажа од државата, од пари на граѓаните на Македонија“.

СДСМ прашува „од што живеел тогаш Груевски кога можел да ја штеди целата плата од апанажата?“

„Сумата што за една година Груевски ја ставил на книшки е речиси 60 месечни просечни плати, односно на работник кој зема просечна месечна плата и тоа пресметана според контролираниот Државен завод за статистика (ДЗС), потребни му се цели пет години за да го заработи она што Груевски го заштедил за една година. Граѓаните знаат дека поранешниот премиер и криминалната власт во заминување изнеле и повеќе од 5 милијарди евра нивни пари по странски сметки во земјите кои важат за даночни раеви“, се вели во соопштението на СДСМ.


Народна банка ја намали основната каматна стапка од 3,75 на 3,5 проценти


Скопје, 11 јануари, 2017 - 14:43 (META) 

Народна банка ја намали каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, од 3,75 на 3,5 проценти.

Ова било одлучено на 10 јануари кога се одржала редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на која биле разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето во декември, ова е второ дополнително намалување за 0,25 процентни поени.

– Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на порастот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор – се вели во соопштението на Народна банка.

Каматната стапка на благајничките записи беше зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти на 4 мај минатата година, како реакција на Народна банка на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките.

Народна банка и во текот на декември минатата година интервенира со откуп на девизи, шест месеци последователно, со релативно голем износ.

Според податоците од декември, има зголемување на штедењето на населението во банкарскиот систем.


Протест на грчките пензионери


Атина, 3 ноември, 2016 - 10:41 (META) 

Илјадници грчки пензионери излегоа денеска во центарот на Атина во знак на протест против владината мерка за намалување на пензиите. Лути поради одлуката на владата, пензионерите маршираа до министерството за труд и побараа средба со министерот за да му ги образложат своите барања за враќање на пензиите на претходното ниво.

Илјадниците пензионери пред министерството ги собраа сите информативни листови доставени до нив со кои се најавува одлуката за намалување на пензиите и ги запалија, испраќајќи симболично порака дека не се согласуваат со оваа владина мерка, која дополнително ќе ги скрати нивните финансиски можности во моменти кога голем дел од нив финансиски помагаат и ги издржуваат и своите деца и внуци.

Со новите пензиски реформи, дел од пензиите ќе бидат намалени и за 53 отсто, особено пензиите за новите пензионери, кои се пријавиле за пензија меѓу јули 2015 и март 2016 година. Драстични намалувања има и во пензиите за вдовиците, кои се околу 150 евра.

Според телевизијата „Скај“, државата доцни со исплаќањето на повеќе од 120.000 пензии на грчките пензионери.


Граѓаните во јуни повеќе штеделе во денари


Скопје, 10 август, 2016 - 13:16 (META) 

Забавување на падот на вкупниот депозитен потенцијал и мало зголемување на штедењето на населението е забележано во јуни, информираат од Народна банка. Населението повеќе штедело во денари отколку во странска валута.

– Ваквото однесување покажува значително подобрување на перцепциите на субјектите, а делумно може да е реакција на поместувањата во каматната политика на банките. Имено, во јуни за првпат по подолг временски период, се забележува проширување на распонот помеѓу каматата на депозитите на населението во денари и депозитите во девизи, што е резултат на досега преземените монетарни мерки – велат од Народна банка.


Локвенец: Владата не сака да штеди на своето чоколадо, туку на лебот на грѓаните


Скопје, 6 јули, 2016 - 13:57 (META) 

Завршната сметка на буџетот на Р.Македонија е само уште еден доказ за лошото, недомаќинско планирање и реализирање на фискалните и за лошите економски политики на власта во 2015 година, обвини пратеникот Хари Локвенец, на денешната прес-конференција во Собранието.

Тој рече дека и со овој буџет, како и со сите претходни од 2008 година, Владата ги задолжила граѓаните и стопанството за нови 320 милиони евра само врз основа на дефицити на буџетите.

– Од 2008 година до денес, Владата создала нов долг од неверојатни 1.870.000.000 евра, доведувајќи го јавниот долг во 2015 година на историски највисоко ниво во изминативе 25 години од 46,5 отсто од домашниот бруто-производ (БДП). Ваквото живеење на кредит и во 2015 година се должи на неспособноста на оваа влада дури и во годината кога порастот на БДП е повисок од планираниот, (планиран 3,5 отсто, а остварен 3,7 отсто) да не може да ги реализира планираните приходи. Така, кај вкупните приходи Владата има потфрлување за цели 93 милиони евра, при што најголемо потфрлање има кај данокот на додадена вредност од 46 милиони евра. Данокот на додадена вредност е данок на потрошувачка и кога има вакво потфрлање од 46 милиони евра, тоа е јасен сигнал и индикатор дека и граѓаните и стопанството помалку трошеле затоа што имале помалку пари – рече Локвенец.

Пратеникот на опозицијата додаде дека потфрлање во реализацијата на буџетот за 2015 година има и кај расходите, односно кај тековните расходи има потфрлување за 45 милиони евра.

– Најзагрижувачко е потфрлањето кај капиталните расходи за цели 58 милиони евра. Потфрлување има кај инвестициите клучни за граѓаните и за развојот. Се бележи потфрлање кај инвестициите во железничка инфраструктура од девет милиони евра, кај водоснабдувањето и кај одведувањето на отпадни води за 5,7 милиони евра, кај изградбата на нов клинички центар во Штип од 2,7 милиони евра и кај инвестициите во изградба на основни училишта за 880.000 евра. Особено лошо е потфрлањето во ставката финансиска поддршка на земјоделството и на руралниот развој од 14,7 милиони евра и тоа во година кога земјоделците се соочуваа со проблемите од болеста јазлеста кожа и со ниските откупни цени – изјави Локвенец, додавајќи дека ако Владата во целост ги релизирала субвенциите за земјоделците, дел од нивните проблеми немаше во толкава мера да ескалирааат и да ги доведат до работ на преживување.

Тој рече дека СДСМ не ја поддржува завршната сметка за 2015 година и дека таа е само е уште еден доказ дека „власта во заминување не сака да штеди на своето чоколадо, туку сака да штеди само на лебот на граѓаните“.


Народна банка: Штедењето во денари на долг рок е најисплатливо


Скопје, 29 мај, 2016 - 15:01 (META) 

Штедењето во денари на долг рок е најисплатливо, затоа што овие депозити нудат највисока каматна стапка, пишува на страницата на „Фејсбук“ на Народна банка.

– Така, според последните расположливи податоци со март 2016 година просечната каматна стапка на долгорочните денарски депозити на населението (над 2 години без валутна клаузула) изнесува 3,7 проценти, додека каматната стапка на краткорочните депозити во евра до една година изнесува 0,8%. Со чување на заштедите дома „под перница” не остварувате никаков принос – порачуваат од Народна банка.

Тие нудат и графички приказ кој покажува колку би изнесувале заштедите на граѓаните за пет години доколку ги чуваат дома или ги стават во банка како краткорочен депозит во евра или пак како долгорочен депозит во денари.


Шилегов: Груевски и цела плата да ја штедел немаше да заштеди толку пари


Скопје, 23 мај, 2016 - 17:09 (META) 

Никола Груевски призна дека му успеало тоа што не му успева веројатно на ниту еден граѓанин во Македонија, да штеди по 10.000 евра месечно, со плата од 1.400 евра месечно, обвини денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– На неговите денарски и девизни сметки за само една година да стави 118.629 евра! Никола Груевски по оваа информација од неговите анкетни листови од 2014 и 2015 година, што ги сокри Антикорупциската комисија, единствено што имаше да каже е оправдувањето дека заработувал само плата, а листовите не знае како исчезнале од страницата на комисијата. Никола Груевски излажа. Платата на Груевски му била 88.139 денари, или околу 1.400 евра. Да ја штедел Груевски целата своја плата, сите 1.400 евра да ги ставал во банка, за една година ќе заштедел не цели 17.000 евра. А не 118.629 евра. Еве, во овие анкетни листови самиот Груевски пријавувал уплати на девизни и денарски сметки од 300.000 до 3.000.000 денари и за нив во графата основ на стекнување или не дал податок, или рекол дека ги стекнал „на друг начин“- рече Шилегов.

За обвинувањата на Шилегов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ не може чесно и достоинствено да го победи и затоа измислуваат лаги дека тој манипулирал со анкетните листови.

„Во врска со вчерашната и денешната прес конференција на Шилегов, од она што може да се види е дека Шилегов говори за анкетни листови од 2014 и 2015 година, а заборавил дека во 2015 воопшто немам поднесено анкетен лист бидејќи немаше избори во таа година. Анкетен лист имам поднесено во 2016 година. Значи друг пат кога сака да манипулира, треба барем технички да види кога се поднесуваат анкетни листови. Наместо со анкетни листови од 2014 и 2015, тој мавташе и ги споредуваше анкетните листови од 2008-ма и 2014-та. Најдиректно демантирам дека од 2014-та до 2015-та месечно сум внесувал по 10 илјади евра. Уште еднаш потврдувам дека остварените приходи во последните години се од редовната плата, и камати од депозити од претходните години. Се друго е лага и валкан обид на Шилегов, во немоќ на регуларен начин да ја добие поддршката на народот, да ме девалвира со измислици и лаги“, рече Груевски.


Грчките пратеници вечерва ќе гласаат за нови даночни поскапувања


Атина, 22 мај, 2016 - 13:23 (META) 

Грчкиот парламент вечерва ќе гласа за новите закони од програмата за штедење кои ќе донесат нови даночни поскапувања. Пратениците ќе гласаат и за автоматскиот механизам за стопирање на финансиите во јавната администрација доколу Грција до 2018 не ги исполни договорените реформи и цели.

Законите е извесно дека ќе поминат во парламентот со поддршка на пратениците од владејачката коалиција Сириза и Независни Грци. Со нив се очекува веднаш да се спроведат даночни поскапувања во сите сектори во Грција, како и на храната и услугите, но и на таксите за имот.

Покрај даночните поскапувања кои се очекува во државната каса да внесат 1,8 милијарди евра, се предвидува и создавање на нова независна даночна организација под чија капа ќе биде генералниот секретаријат за јавни трошоци, како и нов независен фонд за приватизација.

Народот и синдикатите реагираат против сите овие мерки поради што вечерва, за време на гласањето на законите пред парламентот се закажани протести на сите работнички синдикати.

Во знак на револт против законите кои предвидуваат и приватизација на јавниот транспорт штрајкуваат вработените во овој сектор, поради што Атина е без метро, автобуси, тролејбуси и трамвај.

Законите мора да поминат во собранието за да може грчката влада подготвена да оди на состанокот на Еврогрупата во вторник на кој ќе се одлучува за исплаќање на нова рата од кредитот за Грција.


Ципрас: До 2017 година Грција ќе се врати на светските берзи


Атина, 15 мај, 2016 - 14:12 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас е оптимист дека грчката економија се враќа во живот по шест години меморандуми и штедење. Во интервју за весникот „Риал њуз“, Ципрас вели дека Грција за две години ќе го напушти и меморандумот за штедење.

– Ако до 24 мај успееме во тоа кон кое целиме, ќе се вратиме на берзите во 2017 година. Можно е и целосно да го напуштиме меморандумот за штедење и пред завршувањето на програмата во август 2018 година – вели Ципрас во интервјуто.

Оваа голема доза оптимизам доаѓа по позитивната средба на еврогрупата за Грција, на која беше одлучено државата да не мора да гласа нов пакет мерки, туку беше прифатен нејзиниот предлог во случај да не се исполнат целите да се активира механизам кој ќе ги запре исплатите во државната администрација. Ципрас е убеден дека овој механизам нема воопшто да се активира бидејќи Грција ќе го исполни договореното.

Грчката влада до 24 мај треба да ги затвори сите отворени прашања и да постигне договор со тројката, со што ќе добие зелено светло за исплаќање на новата рата од нејзиниот кредит. Прогнозите во Грција се дека државата ќе добие повеќе од очекуваното, од 9 до 11 милијарди евра, со што ќе се покријат потребите и за исплаќање на заемот и за трошоците во јавната администрација.

Штом се постигне договорот, во Грција се очекува дека Ципрас ќе направи големо проветрување во владата преку драстична владина реконструкција. Не се исклучува проширување на владиниот состав и со политичари кои припаѓаат на други опции од политичкиот спектар.


Нов генерален штрајк во Грција


Атина, 3 декември, 2015 - 9:57 (META) 

Грчките работнички синдикати денеска излегуваат на 24-часовен штрајк во Грција во знак на незадоволство од владините мерки за штедење. Членовите на двата најголеми работнички синдикати, АДЕДИ и ГСЕЕ, и синдикатот на Комунистичката партија, ќе ја парализираат работата на јавната администрација и ќе ги исполнат улиците на Атина со барање владата да не дозволи да поминат мерките, кои ќе ги влошат работничките права.

Кон штрајкот се приклучува целата јавна администрација, вработените во јавниот транспорт, кој делумно ќе биде во прекин денеска во Атина, адвокатите, професорите, вработените во јавните здравствени установи, кои ќе работат само со обезбедување и за итни случаи. Во целосен прекин ќе бидат железничкиот и водниот сообраќај.

Комунистичкиот синдикат ги повикува сите трговци во Атина да ги затворат продавниците и да се приклучат на протестот во знак на револт кон политиката на владата и непочитувањето на работничките права.
Вчера штрајкуваа сите грчки новинари, поради што во државата владееше апсолутен медиумски мрак во Грција.

Со генералниот штрајк се отвора поглавјето на жестоки декемвриски протести во Атина, кои се очекува да кулминираат за време на протестот во чест на загинатиот Александрос Григоропулос.