И здравствените установи ќе штедат и ќе добијат повластена цена за струјата преку договори со ЕСМ продажба

Здравствените установи ќе штедат струја, но истовремено ќе мора грижата за пациентите да им биде врвен приоритет. Министерството за здравство информираше дека е направен план за рационализирање на трошоците во здравствените установи, а истовремено е донесена одлука тие да склучат договори за електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.

Како што информираат, досега 24 здравствени установи имаат потпишано договор со ЕСМ продажба, три се во фаза на потпишување и тие веќе добиваат електрична енергија по многу поповолна цена. За административната зграда на Министерството за здравство, велат од институцијата, не се користат дополнителни грејни тела туку централното греење од клиничкиот комплекс.

„Во МЗ е назначено и посебно административно лице за проверка на рационалното користење на електричната енергија. Почитувајќи ја сензитивноста на здравствениот сектор, дел од мерките се однесуваат на рационално користење на осветлувањето, редовно менување на филтрите на клима уредите, замена на стари прозорци со енергетско ефикасни, поставување штедливи сијалици и слично“, информираат од Министерството.