Фото: Мета.мк

Струја ќе има за сите во текот на зимата, но граѓаните и институциите ќе мора да вложат максимални напори во нејзиното штедење. Доаѓаат постудени денови, а состојбата во Европа е комплексна, така што треба сите заедно да штедиме и рационално да се однесуваме со струја. Ова на денешната прес-конференција го изјави владиниот соработник за енергетика, Виктор Андонов.

Тој упати апел до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи финансиските средства се обезбедени, ликвидноста на АД ЕСМ е осигурана и струја ќе има за сите во текот на оваа зима.

„Состојбата во цела Европа е комплексна и секоја земја ги бара најоптималните решенија. Нашите позиции се јасни, работиме на зголемување на домашното производство и ги ставаме во погон сите енергетски капацитети во државата. Владата постојано ја следи состојбата на дневно ниво и ќе носи соодветни мерки за ублажување на последиците. Врвен приоритет е да се обезбедат најповолните услови и граѓаните да бидат заштитени“, подвлече Андонов.

Тој информираше дека во октомври покрај добрите временски услови и намалениот конзум, голема улога одигра и штедењето на електрична енергија од граѓаните и институциите и дека во периодот што нѝ следува, имаме само еден избор, а тој е да штедиме и рационално да се однесуваме.

„Сега е време кога мора рационално да ги користиме енергенсите и да бидеме солидарни“, порача Андонов.

Како што истакна Андонов, во рамки на заложбите на Владата за подигнување на јавната свест за тоа колку е важно штедењето на електричната енергија, институциите и компаниите се многу важни во овој процес и секој треба да направи мала промена во домот и на работното место, што ќе значи многу за енергетскиот систем.

На прес-конференцијата, соработникот Андонов ги презентираше податоците за направениот пресек од 15 дена, од 15.10.2022 заклучно со 31.10.2022 година и информираше дека за овој период, произведени се вкупно 199.830 мегават часови.

Во истиот овој период продадени се 600 мегават часови вишоци. Со ова, како што подвлече, со домашно производство на електрична енергија во периодот од 15.10.2022 до 31.10.2022 година, 100 отсто се покриени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.

Соработникот за енергетика информираше дека дополнително, заклучно со крајот на октомври 2022 година, ЕСМ не само што го реализираше својот предвиден план за производство на електрична енергија, туку произведен е и некој гигават час на електрична енергија повеќе од предвиденото.