Тела на шестмина мигранти пронајдени во близина на Ланзароте


Мадрид, 15 јануари, 2018 - 19:20 (META) 

Тела на шестмина мигранти се пронајдени во близина на Канарските острови, соопшти шпанската полиција.

Спасувачките служби наведоа дека, телата на петмината мигранти биле пронајдени во голем гумен чамец во близина на островот Ланзароте, додека шестиот починал подоцна откако бил извлечен од водата.

Полицијата подоцна пронашла 18 мигранти кои успеале да допливаат до крајбрежјето. Илјадници мигранти секоја година тргнуваат од Африка со надеж дека ќе стигнат до крајбрежјето на Европа, ризикувајќи ги своите животи.


Засилено полициско обезбедување пред седницата на каталонскиот парламент


Барселона, 10 октомври, 2017 - 13:11 (META) 

Полицијата денеска ги обезбедува јавните објекти и затворениот парк околу каталонскиот парламент во Барселона, каде треба да се одржи дебата и гласање за деклрацијата за независност на Каталонија, јавуваат светските агенции.

Каталонскиот претседател, Карлес Пучдемон, не ја открива содржината на пораката што ќе ја упати на пленарната седница на парламентот, закажана за денеска во 18 часот.

Политичарите кои се за независност на Каталонија изјавиле дека очекуваат деклрација која се заснова на резултатите од спорниот референдум за независност, кој се одржа на 1 октовмри.

Изминатите денови во Каталонија беа одржани масовни протести против бруталната интервенција на полицијата за време на референдумот, но се одржаа и собири на граѓани кои го поддржуваат националното единство на Шпанија и се против отцепувањето на Каталонија.


Шпанската полиција во потрага по референдумските ливчиња во Каталонија


Барселона, 17 септември, 2017 - 15:27 (META) 

Шпанската полиција изминатите неколку дена пребарала повеќе печатници и простории, барајќи ги гласачките ливчиња, кутиите и промотивните материјали за референдумот за независност на Каталонија, кој шпанскиот уставен суд го забрани, пренесува ХРТ.

Со потрагата по гласачкиот материјал, шпанската централна влада се обидува да го спречи одржувањето на референдумот закажан за 1 октомври, а кој каталонската влада планира да го спроведе и покрај одлуката на судот.

Каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон, кој се соочува со судска постапка поради организирање на референдумот, рекол дека има повеќе од 6.000 гласачки кутии, но дека тие се наоѓаат на тајно место.

Државното обвинителство ја повикало каталонската полиција да го спречи одржувањето на гласањето, вклучително и заплена на гласачкиот материјал. Главниот секретар на синдикатот на каталонската полиција, Тони Кастехон, пак, изјавил дека тоа е како да се бара игла во стог сено, додавајќи дека во моментот не знаат ништо околу постоењето на гласичките ливчиња и кутии.

Каде се наоѓаат кутиите и како планираат да ги дистрибуираат на избирачките места, одбил да каже и портпаролот на каталонската влада.

Вчера повеќе од 700 од вкупно 948 градоначалници во Каталонија излегоа на улиците во Барселона да ја искажат својата поддршка за референдумот за незавиност, кој треба да се одржи за две недели.


Убиен главниот осомничен за нападот во Барселона, потврди полицијата


Барселона, 21 август, 2017 - 19:17 (META) 

Шпанската полиција потврди дека го убила 22-годишниот Јунес Абујакуб, главниот осомничен за терористичкиот напад во центарот на Барселона, во кој загинаа 13 лица, а над 100 беа повредени, јавуваат светските агенции.

Абујакуб е осомничен дека го возел белото комби кое влета во маса луѓе на улицата Ла Рамбла.

Претходно, полицијата соопшти дека застрелала едно лице кое носело појас со експлозив, во областа Субиратс, оддалечено околу 40 километри од Барселона.

Шпанските медиуми јавуваат дека Абујакуб пред да биде застрелан, извикал „Алаху Акбар“ (Господ е голем).

Специјалната противдиверзантска едница на полицијата користела робот за да го симне појасот од телото на убиениот.

Јунес Абујакуб по бегството од местото на нападот во четвртокот, убил возач на автомобил, кој го искористил за да побегне, потврди полицијата.

Во нападот во центарот на Барселона во четвртокот загинаа 13 лица, додека 130 беа повредени, кога комби влета во пешаци на улицата Ла Рамбла.

Неколку часа по овој напад, едно лице беше убиено, а шестмина беа ранети во напад со автомобил на шеталиште во Камбрилс, околу 120 километри јужно од Барселона.

Одговорноста за нападите ја презеде терористичката организација Исламска држава.


Полицијата убила едно лице во потрагата по напаѓачот од Барселона


Барселона, 21 август, 2017 - 17:59 (META) 

Во потрагата по главниот осомничен за нападот во Барселона, шпанската полиција денеска убила едно лице во близина на Барселона, кое наводно носело појас со експлозив, пренесува „Би-би-си“, повикувајќи се на шпанските медиуми.

Пукањето се случило на пат во областа Субиратс, оддалечена околу 40 километри од Барселона, каде во четвртокот, минатата недела, во терористички напад беа убиени 13 лица, а 100 беа повредени.

Претходно, полицијата потврди дека трага по 22-годишниот Јунес Абујакуб, осомничен дека го возел комбито кое влета во маса луѓе на улицата Ла Рамбла во центарот на Барселона.

Дел од шпанските медиуми пишуваат дека убиениот маж е Абујакуб, но, од полицијата засега нема потврда на ваквите наводи.

Според весникот „Ел Мондо“, полицијата била алармирана, откако бил забележан маж кој одговарал на описот на Абујакуб, во близина бензинска станица.


Расте бројот на загинати и на повредени во терористичкиот напад во Барселона


Барселона, 17 август, 2017 - 21:26 (META) 

Шпанските власти соопштија дека расте бројот на жртвите во терористичкиот напад во Барселона што се случи попладнево на улица во близина на плоштадот „Каталуња“. Според последните информации во нападот загинале најмалку 13 лица, а 50 се повредени.

Нападот се случи кога комби влетало во група пешаци на улицата Ла Рамбла, прегазувајќи дел од нив, а потоа продолжило да се движи кон луѓето додека се обидувале да побегнат од местото.

Шпанската полиција соопшти дека го третира инцидентот како акт на тероризам и дека е приведен маж под сомнение дека е поврзан со нападот.

Шпанските медиуми објавија дека возачот на комбито, кое било изнајмено во градот, избегало пеш од местото на нападот.

Во меѓувреме полицијата објавила фотографија од маж, идентификуван како Дрис Убакир, роден во Мароко, осомничен дека го изнајмил комбито користено во нападот на пешаците.