Шпанската полиција потврди дека го убила 22-годишниот Јунес Абујакуб, главниот осомничен за терористичкиот напад во центарот на Барселона, во кој загинаа 13 лица, а над 100 беа повредени, јавуваат светските агенции.

Абујакуб е осомничен дека го возел белото комби кое влета во маса луѓе на улицата Ла Рамбла.

Претходно, полицијата соопшти дека застрелала едно лице кое носело појас со експлозив, во областа Субиратс, оддалечено околу 40 километри од Барселона.

Шпанските медиуми јавуваат дека Абујакуб пред да биде застрелан, извикал „Алаху Акбар“ (Господ е голем).

Специјалната противдиверзантска едница на полицијата користела робот за да го симне појасот од телото на убиениот.

Јунес Абујакуб по бегството од местото на нападот во четвртокот, убил возач на автомобил, кој го искористил за да побегне, потврди полицијата.

Во нападот во центарот на Барселона во четвртокот загинаа 13 лица, додека 130 беа повредени, кога комби влета во пешаци на улицата Ла Рамбла.

Неколку часа по овој напад, едно лице беше убиено, а шестмина беа ранети во напад со автомобил на шеталиште во Камбрилс, околу 120 километри јужно од Барселона.

Одговорноста за нападите ја презеде терористичката организација Исламска држава.