Расте бројот на загинати и на повредени во терористичкиот напад во Барселона

Шпанските власти соопштија дека расте бројот на жртвите во терористичкиот напад во Барселона што се случи попладнево на улица во близина на плоштадот „Каталуња“. Според последните информации во нападот загинале најмалку 13 лица, а 50 се повредени.

Нападот се случи кога комби влетало во група пешаци на улицата Ла Рамбла, прегазувајќи дел од нив, а потоа продолжило да се движи кон луѓето додека се обидувале да побегнат од местото.

Шпанската полиција соопшти дека го третира инцидентот како акт на тероризам и дека е приведен маж под сомнение дека е поврзан со нападот.

Шпанските медиуми објавија дека возачот на комбито, кое било изнајмено во градот, избегало пеш од местото на нападот.

Во меѓувреме полицијата објавила фотографија од маж, идентификуван како Дрис Убакир, роден во Мароко, осомничен дека го изнајмил комбито користено во нападот на пешаците.