!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Евакуирани седум училишта во Русија поради дојави за подматнати бомби


Москва, 12 септември, 2017 - 15:39 (META) 

Повеќе од 5.700 ученици и наставен кадар во седум училишта во уралскиот град Перм во Русија се евакуирани поради дојава и закана со подметната бомба, соопшти локалното министерство за безбедност.

Седум училишта и административни згради во градот, кој е 13. по населеност во Русија, добиле анонимни дојави дека во нив е поставен експлозив.

„Половина час по информацијата, учениците и вработените се евакуирани од овие образовни институции. Евакуирани се 5.706 лица“, наведе министерството.

Припадниците на полицијата и на Националната гарда ги пребаруваат зградите со кучиња трагачи.

Локалните медиуми јавуваат дека поради дојава за бомба се евакуирани и студентите од Националниот универзитет за истражување во Перм, како и минувачи и граѓани на една автобуска станица.


Две струшки училишта добија средства за проекти за меѓуетничка интеграција


Струга, 7 февруари, 2017 - 14:10 (META) 

Основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Гоце Делчев“ од Струга, по доставена програма, добија средства од Министерството за образование и наука за проекти од областа на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата во образованието.

Заради зајакнување и поддршка на активностите што придонесуваат за развој и за унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата во образованието, МОН направи измени во Законот за основно образование и во Законот за средно образование, со кои на сите училишта им овозможува со креативни програми во таа сфера на воспитно-образовниот процес, да аплицираат и да стекнат парични средства за нивна реализација.

Планираните активности треба да вклучуваат интеракција на етнички, односно јазично мешани групи учесници во балансирани групи учесници според етничката припадност, полот и возраста.


Албанија го одложи отворањето на училиштата поради ниската температура


Тирана, 3 јануари, 2017 - 14:44 (META) 

Поради ниската дневна температура и ширењето на грипот, Албанија го одложи отворањето на училиштата по новогодишните празници.

Според прогнозите, температурата до крајот на неделата ќе падне на минус 15 Целзиусови степени, а снег ќе има во цела Албанија.

Министерството за здравство денеска предупреди дека се „создаваат поволни услови за понатамошно ширење на вирусниот грип“ и наложи цела оваа недела да бидат затворени градинките, основните и средните училишта, иако требаше да почнат да работат утре.

Министерството ги повика граѓаните да избегнуваат големи собири, да се држат подалеку од заболените со грип и им препорача да останат дома.


Неколку германски училишта добија заканувачки пораки


Берлин, 17 октомври, 2016 - 12:28 (META) 

Три училишта во Лајпциг, град на истокот на Германија, добиле електронски писма со сериозни закани, јавува телевизиската мрежа МДР, цитирајќи ја полицијата.

Сите пораки имаат слична содржина: им се заканува напад со огнено оружје. Во школото „Ноје Никоаишул“ учениците од страв се забарикадирале во училница и повикале полиција!

Во Магдебург, втор по големина град во областа Саксонија-Анхалт, закани добиле две училишта. Станува збор за електронски писма, кои веднаш се проследени до полицијата. Во двете училишта се испратени полициски екипи кои ги чуваат влезовите на објектот. Гимназијата „Хегел“ е една од двете училишта што ги прекина часовите и ги испрати учениците дома.


Попоски со (не)одговор на прашањето дали има одлука за затворање на турските школи


Скопје, 25 август, 2016 - 16:32 (META) 

Македонија единствено ги поддржува демократски избраните институции на Турција и во тој поглед ќе соработуваме со владата во Анкара во насока на помагање и на остварување на нивните цели, секако во рамките на нашето законодавство и во рамки на нашите интереси. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што одлучила македонската влада пред два дена по барањето на Турција за затворање на школи и на универзитети во Македонија, поврзани со свештеникот Фетулах Ѓулен.

– Во поглед на прашањето за одлука на влада: да, владата има донесено одлуки. Сите одлуки што би ги носеле и ќе го носиме ќе бидат во согласност со нашето законодавство и со нашите национални интереси. Тоа било и ќе биде – рече Попоски, со одговор типичен за пророчицата Питија од Делфи, без да прецизира што точно и дали нешто одлучила Владата.

Официјална Анкара го обвинува Ѓулен дека стои зад неуспешниот обид за воен удар во Турција, извршен на 15 јули. По ударот, турските власти, суспендираа и отпуштија околу 80.000 професори, судии, обвинители, полицајци, војници, дипломати и други државни службеници.


Сиднеј: Евакуација во неколку училишта поради закани за бомби


Сиднеј, 1 февруари, 2016 - 9:39 (META) 

Ученици и кадар во неколку средни училишта во Сиднеј се повторно евакуирани, три дена по масовната евакуација во училишта во Австралија поради лажни закани за поставени бомби, објавија службени извори.

Евакуација или блокирање се спроведени во девет училишта, јавуваат локални медиуми.

– Сите училишта преземаат мерки за да ги осигураат своите ученици и ниту еден ученик не е загрозен – објави министерството за образование на Нов Јужен Велс, наведувајќи дека полицијата е присутна во сите училишта.

Медиумите јавуваат дека станува збор за слични закани како тие што минатата недела предизвикаа масовни евакуации.

Полицијата соопшти дека заканите за бомби биле упатени телефонски и оти ниту една не се покажала како вистинита.


Талибанците најавуваат напади на школи во Пакистан


Исламабад, 22 јануари, 2016 - 12:36 (META) 

Талибанската фракција одговорна за масакрот на Универзитетот „Бача Кан“, на северозападот на Пакистан, денеска објави видеопорака во која се најавува дека ќе ги целат школи во земјата, нарекувајќи ги „расадници“ на лица кои го доведуваат во прашање законот на Алах.

Во видеозаписот, кој брзо се ширеше преку „Фејсбук“, е прикажан Халиф Омер Мансур, чија фракција ја презеде одговорноста за нападот на пакистанскиот универзитет, изведен во средата.

Мансур потврди дека неговата група во средата го нападнала универзитетот затоа што тоа е „место од каде потекнуваат правници, воени офицери, членови на парламентот, а кои се спротовставуваат на суверенитетот на Алах“.

Наместо напади на вооружени војници, Мансур најави „напади на расадници што ги произведуваат овие луѓе“.

Во обраќањето преку видеопораката, Мансур рече дека талибанците ќе продолжат со „напади во школи, факултети и во универзитети во Пакистан затоа што тие произведуваат отпадници“ и најави нивно уривање.


Отворени училиштата во Лос Анџелес


Лос Анџелес, 16 декември, 2015 - 13:09 (META) 

Училиштата во Лос Анџелес денеска повторно се отворени откако е утврдено дека заканите поради кои вчера беа затворени, се лажни.

Во понеделникот вечерта на адреса на одборот за јавно школство во Лос Анџелес пристигнала порака со закана за напади на училиштата. Поради пораката, училиштата беа затворени.

По полициската истрага, ФБИ заклучи дека не станува збор за веродостојна закана, објави градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарцети.


Директорски смени во битолското образование


Битола, 22 август, 2015 - 11:52 (META) 

Пред стартот на новата учебна година започнаа директорските смени во битолското образование. Во наредниот период промени на директорските места ќе има во неколку основни и средни училишта во градот, каде на директорите им истекуваат и вторите мандати. Директорите на училиштата кои покажаа видливи резултати во работата, најверојатно ќе имаат шанса за трет мандат, но во друго училиште, како што дозволува законот.

Смените стартуваа од основните училишта „Стив Наумов“ и „Гоце Делчев“. Директорката на ОУ „Стив Наумов“, Билјана Рахманова- Тасева ,третиот мандат го започна во ОУ „Гоце Делчев“.

Смените во наредниот период ќе продолжат во основните училишта „Св. Кирил и Методи“, „Ѓорги Сугарев“ и „Даме Груев“, како и во средното медицинско училиште „д-р Јован Калаузи“ и гимназијата „Јосип Броз-Тито“, каде на директорите Јасмина Никиќ- Десановска и Кире Пачелев за кусо време им завршуваат вторите мандати. Интересно за битолската јавност е кој од двајцата ќе добие шанса за трет мандат, и дали ќе има директорска рокада.

– Мандатите им истекуваат на директорите во неколку училишта. Станува збор за редовни постапки без разрешување на директорите, и не станува збор за директорски рокади. Значи редовна законска процедура и секој што има лиценца за директор и што ги исполнува условите пропишани во законот може да се јави на огласите. И со добивањето на трет мандат имаме редовна постапка – вели раководителот на секторот за образование во општина Битола, Снежана Петровска.