!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонски Австралиец убиен во ресторан во Мелбурн, напаѓачите избегале


Мелбурн, 9 септември, 2017 - 20:16 (META) 

Дени Димовски (31) е избоден до смрт во тепачка на забава во еден ресторан во западниот дел на Мелбурн, Австралија, јавуваат австралиските медиуми.

Несреќниот настан се случил во ресторанот „Корзо грил“ во Каролин Спрингс, во раните утрински часови во саботата. Полицијата соопшти дека групата избегала од местото на настанот. Групата заминала пеш од македонскиот ресторан откако жртвата била прободена неколкупати, но се верувало дека имало неколку автомобили во близина.

Димовски починал веднаш откако бил пренесен во болница.

Сопствениците на ресторанот, Џим и Јасмина Рибаровски, изјавиле дека Димовски бил редовен гостин во нивниот ресторан.


Маж тешко ранет во ресторан во скопско Батинци


Скопје, 9 септември, 2017 - 14:16 (META) 

Крвава пресметка се случила вчера во скопското село Батинци, при што еден жител на селото е тешко ранет, а полицијата трага по неговите напаѓачи.

Како што соопшти полицијата, рано попладнето дошло до тепачка во ресторан во селото, по што противниците излегле надвор и таму продолжиле да се пресметуваат. Во еден момент било стрелани кон 35-годишниот Р.А. од Батинци, при што добил прострелни рани во нозете. Потоа напаѓачите избегале со автомобил „ауди А8“.

Ранетиот бил префрлен во Градска општа болница „8 Септември“, каде му била направена операција.
По добиената информација, тим од единицата „Алфа“ го пронашол возилото на кое биле забележани оштетувања од огнено оружје. На местото на настанот било пронајдено и патничко возило „пежо“, сопственост на С.А. од селото Батинци.

СВР Скопје известува дека се работи на пронаоѓање на сторителот и на целосно расчистување на случајот.


Пукање во Чарлстон, напаѓачот се затворил во ресторан


Чарлстон, 24 август, 2017 - 20:18 (META) 

Полицијата во Чарлстон соопшти дека во центарот на градот дошло до пукање и апелираше до граѓаните да се тргнат од таа област.

Како што пренесуваат американските медиуми, полицијата упаднала во еден ресторан каде што напаѓачот најверојатно се затворил.

Пукањата биле пријавени на улицата Кинг околу пладне по локално време, изјави портпаролот на полицијата Чарлс Франсис во соопштение во кое не се наведува дали има жртви или повредени.

Полицијата ја опколила целата област но моментално не се знае дали осомничениот е во притвор или е и понатаму на слобода. Според сведоштва објавени на социјалните мрежи, вооружениот напаѓач влегол во ресторанот и побарал од луѓето да си одат, а себеси се прогласил за „новиот крал на Чарлстон“.


Двајца загинати и 55 повредени во експлозија во ресторан во Кина


Пекинг, 21 јули, 2017 - 11:17 (META) 

Најмалку две лица загинаа, а 55 се повредени во експлозија во ресторан во прометна улица во кинескиот град Хангџоу.

Според наводите на градската канцеларија за информации, повредените се хоспитализирани, а од нив 12 лица биле со тешки повреди.

По експлозијата избил пожар во една од соседните продавници, кој набргу бил изгаснат.

Истрагата за инцидентот е во тек, а властите се сомневаат дека до експлозијата дошло поради протекување на гас.

Во Кина често се случуваат експлозии поради непочитување на безбедносните правила.


Германска полиција: Убиени се девет лица, најмалку 16 се ранети


Минхен, 23 јули, 2016 - 10:19 (META) 

Нападот во Минхен е дело на поединец, 18-годишен маж кој вчера во попладневните часови отвори оган пред еден ресторан, а потоа и во трговскиот центар Олимпија во Минхен, смета германската полиција. Убиени се девет лица, најмалку 16 се ранети, а убиецот потоа се самоубил, потврди минхенскиот раководител на полицијата Хубертус Андра.

Првично ситуацијата во баварската престолнина беше нејасна. Се претпоставуваше, врз основа на искази на сведоци, дека се работи за до три напаѓачи. Полицијата зборуваше за „акутна терористичка ситуација“ и прогласи вонредна состојба во градот поради напад. Во акција беа вкупно 2.300 полицајци, вклучувајќи ја и антитерористичката единица ГСГ9, специјалци од повеќе германски покраини, како и специјална единица од Австрија.

Јавниот живот во градот беше целосно блокиран, возовите, трамваите и автобусите не сообраќаа, железничката станица беше евакуирана, рестораните затворени. Полицијата ги повика Минхенчани да останат во домовите и да избегнуваат јавни места. Во првите моменти беше нејасно дали се можни натамошни напади. Од повеќе места беше известено за наводно пукање, како што се покажа подоцна, сосем неточно.

Сосем се нејасни мотивите за делото. Полицијата досега нема информации дали зад него се кријат терористички мотиви. „Моментно поаѓаме од оружен напад“, изјави Хубертус Андра. Повеќе детали ќе бидат веројатно познати по претресот на станот на напаѓачот.

Животот во Минхен во меѓувреме се нормализира, а првите минувачи полагаат цвеќе на местото на крвавиот напад.


Поднесено обвинение за физичкиот напад врз Тодор Петров


Скопје, 4 јули, 2016 - 14:50 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Кривичниот суд поднело обвинителен предлог против три лица кои се товарат за физичкиот напад врз претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК), Тодор Петров. Инцидентот се случи на 27 февруари годинава, по церемонијата на осветување на темелите на 55-метарскиот крст кој треба да биде поставен во општината Бутел.

Како што информираат од Јавното обвинителство, обвинетите Б.Е., Б.А. и Е.А. се товарат за кривичното дело насилство од член 386, став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Кривично-правниот настан се случил во ресторан во близина на Скопскиот саем, на 27 февруари годинава, околу 12.30 часот. Оштетениот Т.П., кој бил гостин во ресторанот во придружба со уште едно лице, бил физички нападнат од обвинетиот Б.Е. и од едно НН-лице, кои со тупаници го удирале во пределот на главата. Сакајќи да се заштити, оштетениот се повлекувал наназад и влегол во блиското сепаре и сместувајќи се во агол со рацете ја покривал главата. На нападот се приклучиле и обвинетите Е.А. и Б.А. со уште едно НН-лице и продолжиле да го удираат оштетениот со тупаници и со клоци во пределот на главата и по телото. Обвинетиот Б.А. го фатил оштетениот за врат и го турнал, при тоа заканувајќи му се“, стои во соопштението на Обвинителството.

Од ударите, се додава во него, Петров добил телесни повреди, односно потрес на мозок, контузии на коски на лицето и површински повреди на лицето.

Поставувањето на крстот во Бутел, кој е донација на Светскиот македонски конгрес, предизвика тензии откако членови на ДУИ и нивни поддржувачи поставија камп и протестираа против изградбата, на што со контрапротести одговори СМК.


Заложничката драма во Дака заврши со убиство на 20 цивили и на шест милитанти


Дака, 2 јули, 2016 - 11:45 (META) 

Заложничката драма во Дака заврши со убиство на 20 цивили и на шест исламски милитанти, кои ги држеа во заложништво гостите во ресторанот „Холи артисан бејкери“.

Безбедносните сили на Бангладеш употребија сила за да ѝ стават крај на десетчасовната заложничка драма.

Во акцијата биле спасени 13 заложници, а еден од напаѓачите бил уапсен.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава.


Кривична пријава за тројца осомничени за напад врз Тодор Петров


Скопје, 3 март, 2016 - 15:36 (META) 

Три лица добија кривична пријава од МВР затоа што на 27 февруари годинава во угостителскиот објект „Казабланка“ физички го нападнале Тодор Петров.

По извршените консултации со јавен обвинител, Единицата за насилен криминал, во текот на денот, ќе поднесе кривична пријава против Е.Б., А.Е. и А.Б. поради основано сомневање дека извршиле насилство, казниво по член 386 од Кривичниот законик.

„На 3 март 2016 година, во Полициската станица Бит-пазар, беа повикани лицата Ќ.М. (64), Е.Б. (55), А.А. (53), И.Г. (52) и Б.А. (41), Е.Б. (32), А.Е. (37), Б.Љ. (28) и Х.А. (34) сите од Скопје. На поканата не се јавија само А.Б. и И.Г. Во извршените разговори со лицата, тие изјавија дека на 27 февруари годинава биле присутни во угостителскиот објект каде се случи кривично-правниот настан. Истиот ден во полициската станица Бит-пазар, во присуство на јавен обвинител, беше извршено соочување помеѓу оштетениот и лицата Е.Б. (32), А.Е. (37), Б.Љ. (28) и Х.А. (34). При тоа, од страна на оштетениот лицата Е.Б. и А.Е. беа посочени како лица кои биле во групата која физички го нападнала на 27 февруари во угостителскиот објект „Казабланка“, заедно со лицето А.Б.. Исто така, по дадена насока од јавен обвинител, Е.Б. и А.Е. се лишени од слобода, па ослободени со обврска во текот на утрешниот ден да се јават кај јавниот обвинител“, стои во соопштението од МВР.


Шестнаесет загинати во експлозија во Каиро


Каиро, 4 декември, 2015 - 11:30 (META) 

Најмалку 16 лица денеска загинаа, а двајца се повредени кога во ресторан во Каиро е фрлен молотов коктел, изјавија египетските претставници.

Напаѓачот бил работник кој бил отпуштен од ресторан во областа Агуза, во центарот на Каиро.

Ресторанот бил сместен во подрум, а работел и како ноќен клуб. Еден претставник претходно рекол дека има 18 жртви.


Кина: 17 загинати во експлозија во ресторан


Вуху, 10 октомври, 2015 - 11:59 (META) 

Седумнаесет лица загинаа во експлозија на гас во ресторан во источниот кинески град Вуху, јавија локалните власти.

Експлозијата, која одекнала денеска, предизвикала пожар во малиот ресторан во квартот Џинџу.

Вуху се наоѓа во источната кинеска провинција Анхуи.