!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Законот е само алатка, а не е клуч за слободни и професионални медиуми


Скопје, 4 јануари, 2018 - 10:15 (META) 

Владата влезе во финален процес на менување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Главните забелешки од страна на здруженијата и медиумската фела се однесуваат на предлозите на Владата за МРТ, Агенцијата за медиуми, како и обврските кон приватните радиодифузери. Европскиот експерт Питер Ванхојте за ПИНА вели дека засега делува дека предлог законот ќе резултира со порелаксирана медиумска средина, а времето ќе покаже дали финансирањето кое се предлага за МРТ ќе биде доволно

Кристина Озимец – ПИНА

Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е финализиран и испратен за забелешки и преглед во Европската Комисија, потврдија од Владата. По добивањето на евентуални забелешки од ЕК и нивно вметнување во предлогот, тој потоа ќе оди на владина седница, па во Собрание.

Последната верзија на законот е објавена деновиве откако претходно речиси еден месец претходниот предлог беше достапен на ЕНЕР за предлози и сугестии од страна на здруженија, компании и индивидуалци.

Питер Ванхауте, европскиот експерт кој претходно беше вклучен во изработка на предлозите за медиумски реформи, за ПИНА вели дека целата процедура во однос на законот, вклучувајќи ја и мотивацијата за различни членови, како и индикацијата за финансиското влијание, се голем чекор напред.

– На овој начин за сите кои се заинтересирани да го прочитаат предлогот е јасно како и зошто се предложени промените . Во однос на амандманите, генерално верувам дека ќе доведат до многу порелаксирана средина, каде во повеќето случаи на несогласувања, најпрвин ќе следат консултации и предупредувања. Во однос на јавниот сервис и неговиот Совет, новите предлози, кога ќе бидат имплементирани, без сомнеж ќе резултираат со подобро организиран јавен сервис. Времето ќе покаже дали финансирањето за МРТ кое се предлага со законот е доволно. Во однос на назначувањето на членовите на Советот за радиодифузија од парламентот, јасно е дека има уште многу работа за парламентот да создаде соодветни функционални и професионални процедури на селекција – вели Ванхауте.

Според него и промените во членот 92 се сериозно подобрување, споредено со претходната ситуација.

– Сепак не сум сигурен дека одредбите поврзани со квотите на македонската продукција ќе бидат одржливи на долг рок. Сегашните одредби дозволуваат барем понатаму да се дискутира и да се усогласат начини за да се подобри медиумската сцена, вклучувајќи ги и локалните продукции. Поважно од наметнувањето на квота сепак, е тоа да се подобри квалитетот на продукциите, што ќе дозволи исто така да се продаваат надвор. Новиот Закон ќе биде само алатка за да се поддржи слободната и професионална медиумска сцена, клучот за одење напред ќе биде да се одржи отворен дијалог, вклучувајќи ги сите заинтересирани страни – вели Ванхауте.

Според предлагачите, основна цел на предлог законот е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело-Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Дел од предлозите прифатени, дел одбиени

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) предложи интервенција во повеќе точки од предлогот на Владата, најмногу во делот кој се однесува на МРТ, во предлогот на Владата што се однесува на регулаторот- Агенцијата за медиуми, како и на обврските кон приватните радиодифузери.

Според финалниот предлог кој сега министерството го прати на забелешки во ЕК, дел од предлозите на ЗНМ се прифатени, додека дел се одбиени. ЗНМ предложи компромисно решение според кое во 2018 година издвојувањето од Буџетот за МРТ ќе изнесува 0,8%, во 2019 година ќе изнесува 0,9%, а од 2020 година ќе изнесува 1%.

Тие предложија измена во членот 11 со кој се прави измена на член 48, а се однесува на Посебни забрани со која предлагаат бришење на зборовите „припадност на маргинализирана група“ и замена на истите со „сексуална ориентација“. Освен ова ги предлагаат зборовите „други видови уверувања“ да се избрише и да се замени со зборовите „антисемитизам и ксенофобија“.

Од Министерството не го прифатиле овој предлог и на ова одговараат дека предложената дефиниција е усогласена до член 9 од Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права, којашто во себе ги содржи и предлозите.

Одбиени се и нивните предлози каде тие предлагаат да биде именувано здружението, како на пример кај овластените предлагачи на членови на Програмскиот совет на МРТ, бидејќи според министерството секоја одредба што упатува на конкретно здружение или организација може да може потенцијален основ за дискриминација.

Од ЗНМ засега не го коментираат последниот предлог, бидејќи велат дека тие повеќепати јавно упатиле забелешки за предлог-законот.

Драган Секуловски од ЗНМ, вели дека Македонија е една од ретките земји во Европа која што имаше член 92 кој наметнуваше сериозни обврски на радиодифузерите во однос на содржина.

– Сметаме дека таков тип на провизија на Закон за радиодифузија е погрешен, бидејќи на тој начин самата влада станува условно кажано уредник на програмската содржина во дел од медиумите. Во исто време им се билдаат огромни обврски и тие неможејќи да ги исполнат квотите стануваат сервилни или послушни на државата и на владата се со цел за да избегнат огромни казни. Затоа што во сегашниот закон казните не се во консолидација со препораките на Советот на Европа бидејќи тие не се пропорционални. Имаме казни од 10 илјади евра, 50, 100 илјади евра и замислете ако некој медиум не исполни квота за домашна продукција, без разлика дали е игра тоа на документарна серија ризикува да добие казна од 50 илјади евра – вели Секуловски.

Дел од нивните забелешки се однесува на самата Агенција за медиуми, за чија поставеноста сметаат дека е проблематична.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми вели дека тие имаат забелешки на темпото и сметаат дека досега веќе некои работи требало да бидат направени и усвоени во некаква форма или интегрирани.

– Прво требаше да се направат потребните измени во Програмскиот Совет на МРТ кој е клучен во нашиот медиумски систем и во регулаторниот дел односно и во тамошниот Совет. Евентуално да се даде нови овластувања и задолженија на регулаторното тело за тоа да функционира како вистинско регулаторно тело. Тие две тела потоа, барем според нас, требаше да ја предводат целата работа на усогласување на мапирање на потребите, на мапирање на ситуацијата, на собирање на актерите на јавна расправа за да се види што тоа точно им треба, кои проблеми треба да ги решиме и на крај да се излезе со еден заеднички план. Втората работа е што сега засега, не се допира многу прашањето за структурата на медиумската сопственост и на финансирањето на медиумите кај нас. Освен во делот на владиното рекламирање за кој имаше чекори од новата влада, кое секако не би требало да постои единствено може да има кампањи од јавен интерес и тоа треба да се регулира законски – вели Георгиевски.

МИМ и ИКС не го поддржуваат укинувањето на радиодифузната такса

Македонскиот институт за медиуми и Институтот за комуникациски студии не го поддржуваат укинувањето на радиодифузната такса и сметаат дека финансирањето на Јавниот сервис од Буџетот е погрешно решение.

– Веруваме дека со подобрувањето на програмската понуда и со департизацијата на раководните органи на МРТ, ќе се подобри и гледаноста и наплатата на радиодифузната такса. Впрочем, радиодифузната такса е јавна давачка во сите европски земји (исклучок се само Бугарија, Косово и Црна Гора). Сметаме дека е потребно прво да се утврдат потребите на јавниот сервис од програмски и од финансиски аспект и (евентуално) да се утврди износот на буџетски средства со кои еднократно (или во ограничен период) ќе и се помогне на МРТ да ги зајакне техничките капацитети.Потсетуваме дека со измените на ЗААВМУ од 2017 година е предвиден посебен канал на албански јазик, за што во моментот не постои финансиска конструкција – велат од МИМ и ИКС.

Билјана Петковска од МИМ вели дека во нивните забелешки кон предлогот од Владата предложиле измени кои можат да помогнат управните органи на Агенцијата и на МРТ да се департизираат и деполитизираат, бидејќи тоа е еден од клучните проблеми во нивното досегашно функционирање.

– Сметаме дека финансирањето на јавниот сервис од Буџетот не е добро решение, и кога веќе е усвоено, треба да се користи во ограничен временски период, додека не се консолидира состојбата во куќата и се создадат услови за прибирање на радиодифузната такса од страна на МРТ, а не со посредство на други државни институции, како што беше случај изминатиов период. Имаме впечаток дека оваа Влада сака да покаже резултати преку квалитативни промени во медиумскиот сектор и ги уважува предлозите на сите засегнати и релевантни чинители. Но како што поминува времето, станува јасно дека процесот на усвојување на новите законски решенија нема да се случи толку брзо како што се очекуваше – вели Петковска.

За Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги тие дадоа и други забелешки и предлагаат мандатот на членовите на Советот на АВМУ да биде 6 или 7 години, без право на повторен мандат (член 15 од ЗААМУ).
Според нив, на овој начин ќе се оневозможи „врзување“ за позицијата на долг рок, што беше и се уште е практика во сегашниот совет (со оглед на тоа што со секое донесување на нов закон, дел од членовите на Советот повторно добиваа нов мандат).

Тие упатија препорака и за членовите 62а и 62б во предложениот закон, кои се однесуваат на политичкиот плурализам во вестите, во дебатите, во дневно-информативните и во контактните емисии, за кои сметаат дека се непотребни и треба да се избришат.

Тие сметаат дека Собранискиот канал треба да биде под целосна одговорност на Собранието и јавниот сервис не треба да биде одговорен за уредувачката политика на овој канал, и тој не треба да се користи за емитување на други програми освен содржини кои се поврзани со работата и функционирањето на Собранието.

Јавниот сервис со помалку пари од претходно

ЗНМ во забелешките до Владата за законот исто така констатира дека ако во законот остане предлог решението од 0.7 % од буџетот за МРТ и откако ќе се одземат предвидените средства за финансирање на Јавното претпријатие Македонска радиодифузија (МРД) и Агенцијата за медиуми (АВМУ), тоа практично ќе значи дека јавниот сервис во 2018 година реално ќе располага со помалку пари од минатите години.

– Ако се земе предвид фактот дека МРТ ќе има зголемени обврски во следниот период, како што се големите долгови кои поради ненавременото сервисирање во континуитет растат, понатаму потребата од нови кадровски и технички промени, како и новата законска обврска на МРТ за нов ТВ канал за емитување на 24 часовна програма на албански јазик како и новиот канал за емитување на програма на јазиците на другите етнички заедници, тогаш евидентно е дека планираните средства е нужно да се зголемат со цел да се постигне реална реформа – предлагаат од ЗНМ.

Тие велат дека според проценките на ЕБУ, долната граница на средства што европските земји ги одвојуваат за финансирање на нивните јавни сервиси е околу 12 евра по глава на жител.

– Во македонски услови значи дека за МРТ треба да се обезбедат најмалку 25 милиони евра годишно. И кога би се обезбедиле овие средства, Македонија повторно ќе биде на дното на листата на земјите од регионот што одвојуваат најмалку средства за финансирање на нејзиниот јавен сервис – велат од новинарското здружение.

ЗНМ и Владата се „скараа“ за членовите кои уредуваат професионално известување

Владата во претходниот нацрт на измените кај членовите 61 и 145 од законот предложила казни за медиумите што нема да почитуваат професионално и етичко известување. Од ЗНМ бурно реагираа дека во предлог измените Владата предложила да се промени членот 61, каде што претходно бил наведено дека радиодифузерите „треба“ да почитуваат повеќе начела за објективно и професионално известување со зборовите дека „се должни“ да ги почитуваат.

За оние медиуми кои нема да ги почитуваат овие правила, во предлогот биле пропишани казни. ЗНМ остро реагираше на предлогот, обвинувајќи дека Владата сака да биде главен уредник во медиумите. По реакциите, од Владата на брифинг информираа дека предлогот ќе биде променет во насока на забелешките на ЗНМ и спорниот дел ќе биде тргнат.

– Една од работите кои што на старт беа прифатени, беа и оние провизии нови кои беа вметнати кои се однесуваа на членот 61 каде само поради преку една промена на зборче од „треба“ во „се должни“ медиумите за малку ќе беа ставени во една многу непријатна ситуација каде ќе требаа да бидат изложени на сериозни казни за субјективно или објективно известување – вели Секуловски од ЗНМ.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Успешно изведена вежбата „ВИП 2017“ на специјалните единици на МВР


Скопје, 21 октомври, 2017 - 15:58 (META) 

„Денеска се покажа професионалноста, ефикасноста и подготвеноста на Единицата за специјални задачи и на Одделот за заштита на определени личности и објекти (т.н. шеста управа)“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по заедничката вежба на специјалните единици на МВР, насловена „ВИП 2017“, што се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје.

Целта на вежбата беше да се презентира заедничка реакцијата на Единицата за специјални задачи и на Одделот за заштита на определени личности и објекти во ситуација кога има дирекно загрозување на безбедноста на одредена личност која е под заштита на Министерството за внатрешни работи.

– Можеме да бидеме задоволни од тоа што го презентираа македонските полицајци. Тоа дополнително нè обврзува како раководство на МВР да им создаваме услови за работа, за да имаме безбедни граѓани и безбедна држава – рече Спасовски, кој на учесниците им додели плакети за успешно завршената вежба.


Алаѓозовски ги деградира професионалците во областа на културата, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 26 јули, 2017 - 15:52 (META) 

Бесрамната партизација на институциите што СДС ја применува го достигна дното со именувањето на Сашо Тасевски за директор на Драмски театар, изјави на прес-конференција Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, покажал дека не е заинтересиран за професионалците во областа на културата зашто ги отпуштал или ги деградирал.

– Не е заинтерсиран за културните дејци, нив ги навредува со укинување на признанијата, ама затоа е подготвен да наградува ликови како Сашо Тасевски со позиции, ликови чиј најголем дострел е безобразен статус на „Фејсбук“ или лична навреда упатена кон ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно, во културата, како и општо во секоја друга област, СДС се води од максимата кој повеќе плукал, навредувал и омаловажувал, тој да биде награден со повисока функција. Институциите СДС ги гледа како можност да ги вдоми партиските војници, комичарите, твитер-ликовите и другите шарени револуционери, на сметка на професионалноста – изјави Затуроска.


Шефот на УБК до вработените: Нè чекаат големи реформи во кои ќе нема простор за компромиси


Скопје, 4 јули, 2017 - 15:14 (META) 

Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Николовски, денеска преку писмо до вработените во УБК, ја презентираше мисијата и визијата за Управата, кои, како што вели, ќе бидат водилка на патот кон „создавање нова служба во согласност со европските стандарди“.

Николовски на почетокот на писмото забележува дека на позицијата директор доаѓа во време кога сликата за УБК е нарушена и перцепцијата е негативна, како во јавноста, така и во меѓународната заедница, но вели оти е уверен дека со вработените ќе успее да ја промени досегашната слика и ќе ја врати почитта и професионалноста во службата.

– Случаите на непрофесионалност и на злоупотреба треба да бидат минато, свесен сум дека пред нас е период на големи предизвици и реформи, кои најнапред ќе значат инвестиција во самите себе, а на тој начин ќе создадеме служба на здрави основи, која ќе биде подготвена да одговори на сите современи безбедносни закани и ризици, создавајќи поволен амбиент за просперитет на нашата држава и на нашите граѓани – наведува Николовски.

Тој истакнува дека УБК и вработените ги очекува напорен период, кој ќе бара сериозна посветеност и висок професионализам на сите припадници и период во кој „нема да има простор за компромиси“.

– Поради тоа, ја барам вашата поддршка и ве поттикнувам на професионално и тимско работење, иницијативност и креативност, што е основен услов и гаранција за успех. Заеднички успех ќе биде создавањето на департизирана, модерна, независна, професионална, добро опремена, обучена и ефикасна служба, во согласност со европските стандарди и под демократска контрола. Нашиот приоритет треба да биде создавање безбедна држава за нашите граѓани преку почитување на демократските вредности и на човековите права, а единствено на тој начин ќе го вратиме угледот на службата како респектиран и сериозен партнер во меѓународната безбедносно-разузнавачка заедница, која ќе биде достојна за почит и со која сите ќе се гордееме – порачува Николовски, додавајќи дека е подготвен да ги слушне сите сугестии, забелешки, коментари, проблеми, иницијативи и мислења од вработените, кои би биле во насока на подобрување на работењето на УБК и на наоѓање соодветни решенија.