Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Николовски, денеска преку писмо до вработените во УБК, ја презентираше мисијата и визијата за Управата, кои, како што вели, ќе бидат водилка на патот кон „создавање нова служба во согласност со европските стандарди“.
Николовски на почетокот на писмото забележува дека на позицијата директор доаѓа во време кога сликата за УБК е нарушена и перцепцијата е негативна, како во јавноста, така и во меѓународната заедница, но вели оти е уверен дека со вработените ќе успее да ја промени досегашната слика и ќе ја врати почитта и професионалноста во службата.
– Случаите на непрофесионалност и на злоупотреба треба да бидат минато, свесен сум дека пред нас е период на големи предизвици и реформи, кои најнапред ќе значат инвестиција во самите себе, а на тој начин ќе создадеме служба на здрави основи, која ќе биде подготвена да одговори на сите современи безбедносни закани и ризици, создавајќи поволен амбиент за просперитет на нашата држава и на нашите граѓани – наведува Николовски.
Тој истакнува дека УБК и вработените ги очекува напорен период, кој ќе бара сериозна посветеност и висок професионализам на сите припадници и период во кој „нема да има простор за компромиси“.
– Поради тоа, ја барам вашата поддршка и ве поттикнувам на професионално и тимско работење, иницијативност и креативност, што е основен услов и гаранција за успех. Заеднички успех ќе биде создавањето на департизирана, модерна, независна, професионална, добро опремена, обучена и ефикасна служба, во согласност со европските стандарди и под демократска контрола. Нашиот приоритет треба да биде создавање безбедна држава за нашите граѓани преку почитување на демократските вредности и на човековите права, а единствено на тој начин ќе го вратиме угледот на службата како респектиран и сериозен партнер во меѓународната безбедносно-разузнавачка заедница, која ќе биде достојна за почит и со која сите ќе се гордееме – порачува Николовски, додавајќи дека е подготвен да ги слушне сите сугестии, забелешки, коментари, проблеми, иницијативи и мислења од вработените, кои би биле во насока на подобрување на работењето на УБК и на наоѓање соодветни решенија.