!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Усеин Болт по рекорден шести пат прогласен за најдобар светски атлетичар


Монако, 3 декември, 2016 - 12:54 (META) 

Светскиот рекордер на 100 и на 200 метри, Усеин Болт, по шести пат ја доби наградата за најдобар атлетичар на светот во изборот на Меѓународната атлетска федерација (ИААФ).

Деветократниот олимписки шампион во последните девет години само трипати не го доби ова признание, а до рекордот стигна откако ги доби признанијата за најдобар атлетичар во 2008, 2009, 2011, 2012, 2013 и сега за 2016 година.

„Дефинитивно ова е голема работа. Наградата е признание за напорната работа и ми значи како да ја добивам првпат“, изјавил 30-годишниот Јамајканец, кој следната година, според најавите, ќе се збогува со атлетиката.

Болт на Олимписките игри во Рио де Жанеиро ја потврди својата доминација со три златни медали, во трките на 100, 200 и 4 пати по 100 метри.

Наградата за најдобра атлетичарка ја освои Алмаз Ајана од Етиопија, која на игрите во Рио де Жанеиро триумфираше во трката на 10.000 метри, на која го собори светскиот рекорд.


Десет домашни компании добија признанија за македонски квалитет


Скопје, 2 декември, 2016 - 15:33 (META) 

Компаниите „Кодинг горска“, „Термалифт“, „Специјал продукт“, „Гринагро“, „Мирана“, „Конти хидропласт“, „Компанија Велкоски“, „Голден арт“, „Те-Те пласт“ и „Ансамбл Македонија“ се добитници на признанијата за македонски квалитет за 2016 година кои ги додели претседателот Ѓорге Иванов.

„Оваа манифестација има цел да ги поттикне домашните инвеститори, кои се вистински амбасадори на нашата земја со својот квалитет и со вложување во својата успешна работа. Во Сојузот на стопански комори на Македонија, членовите покажуваат особена динамика во својот развој, имаат претприемачки дух, современи се и ги следат најновите достигнувања во бизнис-светот, инвестираат и се успешни во своето работење“, изјави претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

Претседателот Иванов истакна дека изборот на десетте најуспешни македонски компании за годинава бил тежок, поради тоа што има многу компании со извонредни постигнувања во земјата и надвор од неа.

Оваа традиционална манифестација која е под покровителство на кабинетот на претседателот на Македонија, се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските инвеститори за тековната година.


Стопанска комора одбележа 94 години постоење и ги награди успешните


Скопје, 26 април, 2016 - 14:23 (META) 

Компаниите „ЗК Пелагонија“, АД „Елем“, „Инфобиро“, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и бизнисменот Димитар Маџунков се наградените од Стопанска комора за 2015 година, во рамките на одбележувањето на 94-годишнината од коморското организирање во Македонија.

Наградите и признанијата се доделуваат традиционално, за да се истакне работата на тие што се заслужни за развојот на економијата.

Како што истакна претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, наградените се светол пример за другите бидејќи се успешни во своето работење и во вакви услови на водење бизнис.

– Во бизнисот нема поделба по ниту една основа. Единствен интерес е профитот, кој е бенефит за стопанствениците и за општеството. За овие 94 години, поминавме многу кризи и како никогаш досега сме обединети. Убеден сум дека ќе ги надминеме и сегашните проблеми – истакна Азески.

На одбележувањето на 94-годишнината на Стопанска комора, беше претставена и публикацијата „94-годишен континуитет“, во која, меѓу другото, се порачува дека на бизнисмените им треба акција и да бараат нови пазари.


Почина италијанскиот писател и филозоф Умберто Еко


Рим, 20 февруари, 2016 - 10:54 (META) 

Италијанскиот писател и филозоф со светско реноме, Умберто Еко, починал синоќа на возраст од 84 години, јавуваат италијанските и светските медиуми.

Неговото семејство соопштило дека Еко починал вчера доцна попладне во својот дом, без да изнесат повеќе детали.

Италијанскиот филозоф стекна светска слава со романот „Името на розата“, кој имаше своја екранизација на големото платно во 1989 година, а главната улога во филмот ја толкуваше шкотскиот актер Шон Конери.

Умберто Еко е роден на 5 јануари 1932 година во Александрија, во италијанската провинција Пиемонт. Работеше како професор по семиотика на Универзитетот во Болоња и беше експерт за естетика и за етика на средниот век.

Покрај романи, неговиот литературен опус опфаќа и книги за деца, книжевни критики, есеи за средновековната естетика и етика и други дела.

Еко е познат по неговиот придонес кон семиотиката, како дел од семантичката теорија. Тој еднаш напиша дека „книгите секогаш зборуваат за други книги и секоја приказна зборува за приказна која веќе еднаш е раскажана“.

Умберто Еко беше почесен доктор на повеќе од 30 универзитети во светот и носител на бројни признанија.


Град Скопје им додели признанија на најуспешните спортисти


Скопје, 22 декември, 2015 - 14:07 (META) 

Град Скопје им додели признанија на најдобрите спортисти, тренер и екипа за 2015 година.

Најуспешни 10 спортисти во сениорска категорија се Игор Стефановски-Иџе, Мартин Несторовски, Евгениј Поп-Ацев, Ненад Манојловски, Стојанче Стоилов, Баже Илијоски, Јасин Реџелари, Стефани Тодорова, Бобан Грнчаров и Наташа Стефановска.

Најуспешни пет спортисти во младинска категорија се Петар Заборски, Сара Ристовска, Моника Пендароска,  Елмедин Сејфулау, Бобан Илиоски.

Најуспешен тренер за 2015 е  Мирче Јанушевски од карате клубот „Металург“.

Најуспешна спортска екипа од Скопје е женскиот ракометен клуб „Вардар“.

Најуспешен спортист – странец кој настапува во екипа од Скопје е Арпад Штербик од ракометниот клуб „Вардар“.

Најуспешен спортист во категоријата на лица со посебни потреби е Марио Мицковски.