Претседателот Стево Пендаровски, денеска го додели признанието „Успешни млади“, во рамки на проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава.
Целта на проектот е креирање на политики кои ќе придонесат да се намали одливот на млади луѓе од нашата земја, како и за создавање на перспективи за младите и успешни кадри. Комисијата која е составена од реномирани домашни и странски професори и експерти од своите области, одлучи оваа година признанието да го добијат шестмина учесници.
Во категоријата најдобар млад научник во природно-математички и технички науки, добитник е Петре Ламески. За афирмација на инклузијата на млади со попреченост комисијата донесе одлука признанието да го додели на двајца кандидати, Андон Дамовски и Марија Савеска. Во категоријата најдобар млад уметник, добитници се Сашо Димоски и Билјана Камчева. Добитник на признанието Млад талент кое се доделува на ученици и ученички од средните училишта е Матеј Милосиевски.
Претседателот Пендаровски им го честита успехот на добитници на признанието и на сите останати кандидати кои се пријавија на јавниот повик, посакувајќи им добро здравје, среќа и понатамоши професионални успеси.
„Пристигнатите трудови и нивниот квалитет потврдуваат дека младите кај нас навистина поседуваат исклучителни таленти. Верувам дека за добитниците, признанието ќе претставува своевидна валоризација на нивниот труд и поттик да продолжат напорно да работат и да се развиваат во своите области“, порача претседателот Пендаровски.
Признанието „Успешни млади“ се доделува по втор пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.