Бобан Илиќ не се чувствува виновен за смртта на Алмир, пресуда в четврток


Куманово, 2 април, 2018 - 15:52 (META) 

В четврток во 14 часот во Основен суд Куманово ќе биде соопштена пресудата за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу, кој пред нецели две години беше прегазен во Куманово. На денешното рочиште на кои се кажуваа завршните зборови, обвинетиот Бобан Илиќ, кој по измената на обвинителниот акт, сега одговара за сообраќајка со смртни последици, рече дека не се чувствува виновен, јави „Порталб“.

Асмир Алиспахиќ, адвокатот на семејството Алиу тврди дека се направени низа неправилности и во истражната постапка и во анализата на материјалните докази и порача дека обвинителството направило сериозна грешка со преформулирање на обвинението против Илиќ од убиство во сообраќајна несреќа со смртни последици. Според Алиспахиќ, обвинение требало да има и против братот на Бобан, Бојан Илиќ.

Обвинението беше преформулирано бидејќи, како што рече обвинителката Сузана Кусиѓерска, невропсихијатриско вештачење покажало дека Бобан Илиќ бил во состојба на емоционална растроеност и немало предумисла. Според адвокатот на семејството Алиу, тројца од четиримината вештаци имале истечено лиценца. Алиспахиќ побара и повлекување на обвинението за Седат Алиу, Абдула Алиу и Сами Демири, кои се обвинети за насилство против браќата Илиќ.

Во завршните зборови, Бобан Илиќ рече дека не се чувствува виновен.

Неговиот адвокат Стеван Павлески рече дека вистинските виновници се членовите на семејството на малиот Алмир.

Според Павлески, Бобан Илиќ не е виновен за сообраќајка со смртни последици, бидејќи не ја предизвикал опасната ситуација, туку на тоа бил поттикнат од постапките на роднините на Алмир, кои во болницата пред инцидентот првин усно, а потоа физички го нападнале.


На протестот пред Владата се бараше нова судска постапка за смртта на Алмир


Скопје, 21 март, 2018 - 16:54 (META) 

Со оставање играчки, балони, детска облека на оградата пред Владата мина денешниот протест поради преквалификација на делото од „убиство“ во „сообраќајка“ во случајот со загинувањето на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово.

На четвртиот протест учествуваа голем број граѓани, а двајца од организаторите, актерот Висар Вишка и Дијана Тоска побараа судскиот процес против Бобан Илиќ, кој го возеше автомобилот што го прегази Алмир Алиу, да почне од почеток и со обвинители што не се од Куманово, јави „Порталб“.

Protest za Almir Aliu 4 pred Vlada 21mar18 - Meta– Се собравме денес да протестираме за трулата правда во Република Македонија. Срамно, пред наши очи органите на правдата убиството на 4 годишниот Алмир го преквалификуваа во престап во сообраќајот. Овде сме да кажеме дека нема да го дозволиме тоа. Правда за Алмир мора да има. Бобан Илиќ изврши убиство! Случајот за Алмир ќе биде правично и праведно воден единствено доколку судската постапка започне одново и истата ја водат стручни, непристрасни и некорумпирани обвинители и судии, и тоа надвор од Куманово. Обвинители и судии кои ќе одлучуваат професионално, правично,чесно и непристрасно – рекоа тие.

Protest za Almir Aliu 3 pred Vlada 21mar18 - MetaДемонстрантите, кои носеа фотографии од Алмир, албански знамиња и транспаренти „Нема правда, нема мир“, и „Каде ви е совеста македонско обвинителство“ на албански јазик, како и транспаренти со исправен среден прст побараа разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески и најавија кривични пријави против јавната обвинителка Сузана Кусиѓерска поради, како што рекоа, намерно неизнесување на факти и сведоштва.

Побараа одговорност и од премиерот Зоран Заев поради неизвршување на ветените правосудни реформи.

– Бараме одговорност од Зоран Заев, оти не само што не се спроведоа правосудните реформи туку се дозволи истите судии да делат правда – рече Вишка.

Владата се огласи со соопштение по протестот, велејќи дека „судските одлуки се одлуки на правосудните органи како независни институции“, но дека Владата „со должно внимание ги зема предвид пораките од денешниот протест“.

„Овој став на Владата е во насока на сеопфатните заложби за реформи во правосудниот систем кој треба да ги врати достоинството и довербата во судските институции, и најмногу од сè да ги врати непристрасноста, независноста и владеењето на правото и правдата, во работата и одлуките на сите институции во правосудството“, стои во соопштението.

Истовремено, Владата порача дека ги осудува сите изрази на говор на омраза и на радикални постапки.


Учесниците на протестот за малиот Алмир побараа изземање на обвинителката


Скопје, 2 март, 2018 - 15:05 (META) 

Триесетина учесници на денешниот протест за судскиот процес за смртта на 4-годишниот  Алмир Алиу, кој во јуни 2016 година во Куманово беше прегазен од Бобан Илиќ, при бркотница со членови на семејството Алиу, побараа изземање на обвинителката Сузана Кусигерска, јави „Порталб.мк“.

Протестот се одржа пред Јавното обвинителство на Република Македонија во Скопје, еден месец по првиот.

Актерот Висар Вишка, еден од организаторите на денешниот протест, пак, го обвини Јавниот обвинител Љубомир Јовески дека лажел пред Собранието дека преквалификацијата на делото од убиство во сообраќајка со смртни последици ја потпишал неговиот претходник Зврлевски. Вишка побара Јовески да го објави документот.

Една од организаторките на денешниот протест, Анита Љатифи, побара Кусиѓерска, која е од Основното јавно обвинителство – Куманово, веднаш да биде изземена поради одлуката обвинителниот акт од убиство со умисла да го преквалификува во сообраќајна несреќа со смртни последици.

Истото барање го имаше и адвокатот на семејството Алиу, но тоа беше отфрлено од Основниот суд.

Демонстрантите негодуваа што Основното јавно обвинителство – Куманово наместо да го конфискува „мерцедесот“ со кој е прегазен Алмир, го вратило на семејството на обвинетиот.
„Поради ваквата истражна постaпка; уништување на доказите, односно на оружјето со коешто е извршено делото; пристрастноста на Јавниот обвинител при водењето на постапката; „шетањето“ на квалификацијата на делото од основото кон вишото и републичкото обвинителство, односно ПОРАДИ САБОТАЖА НА ПРАВДАТА во случајот Алмир, бараме изземање на Јавниот Обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово, Сузана Кусигерска“, порачаа демонстрантите.


Возач удрил пешак и избегал со автомобилот


Струмица, 5 ноември, 2017 - 15:49 (META) 

Засега непознат возач со автомобил вчера удрил во пешак во Струмичко и го усмртил, по што избегал, соопшти полицијата.

Според билтенот, сообраќајката се случила вчера, околу 4.30 часот, на регионалниот пат Струмица – село Банско, на излезот од селото Куклиш.

Возилото удрило во А.А. (72) од Куклиш, кој од добиените повреди починал.

Увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи (СВР) – Струмица, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција. По сторителот се трага.


Битолчанец доживеал потрес на мозокот по сообраќајка со бугарски дипломат


Битола, 16 октомври, 2015 - 11:47 (META) 

Политрауми на главата и фрактура на потколеницата, се последиците кај битолчанецот роден 1929 година, кој синоќа бил прегазен од автомобил на бугарскиот конзулат во Битола. Со возилото управувал Бугарин со дипломатски пасош.

Според портпаролката на битолската клиничка болница, Јагода Стојановска, пацинетот е хоспитализиран на одделот на неврохирургија со тешки телесни повреди, но надвор од животна опасност.

– Заради повредите на главата е задржан на неврохирургија, ќе се прават анализи за сите трауми и повреди добиени во сообраќајната несреќа – вели Стојановска.

Сообраќајната несреќа се случила синоќа пред 18 часот, на улицата Партизанска во Битола, спроти болницата, кога „фолксваген пасат“со дипломатски таблички удрил во пешак. Портпаролот на полицијата, Сања Стаматова, потврдува дека возилото е во сопственост на бугарската амбасада во Македонија.

Возачот е вработен во бугарската амбасада со привремен престој во земјава и е со дипломатски пасош, вели Стаматова за „Мета“.


Десетгодишно дете прегазено на Дижонска


Скопје, 28 јуни, 2015 - 12:46 (META) 

Синоќа, во 19 часот, во Скопје, на крстосницата од улиците Џон Кенеди и Дижонска, возило „мазда 2“ со скопски регистарски таблички, управувано од Х.Б. (1994) од Скопје, удрило во пешак Зекирја Д. (2004) од Скопје.

Од ударот пешакот на самото место им подлегнал на повредите. Смртта била констатирана од доктор од Итна медицинска помош, а телото по наредба на јавен обвинител е пратено на обдукција.

По наредба на јавен обвинител, на Х.Б. му се земени примероци од крв и од урина за анализа, а возилото со влечна служба е однесено на вонреден технички преглед.


Воз прегазил 25-годишно момче кај Скопски саем


Скопје, 20 април, 2015 - 14:34 (META) 

Дваесет и петгодишно момче го загубило животот во железничка незгода што вчеравечер, околу 22.45 часoт, се случила спроти Скопски саем.

Како што информираат од полицијата, станува збор за Александар А., во кого удрил воз што сообраќал на релацијата Скопје – Белград. Од повредите Александар А. починал на самото место.

Од полицијата нема информации за околностите во кои се случила несреќата, а по наредба на јавен обвинител, телото на момчето е дадено за обдукција.


76-годишен пешак прегазен на улица во Скопје


Скопје, 6 април, 2015 - 13:14 (META) 

Седумдесет и шестгодишниот Милутин К. вчера попладне го загубил животот во сообраќајна несреќа, кога движејќи се пеш на улицата „Бутелска“, на него налетал автомобил, марка „шкода фаворит“, кој го управувал А.Т. (74), информираат од полицијата.

Сообраќајната несреќа се случила околу 17.40 часот. Пешакот, кој од ударот добил тешки телесни повреди, бил пренесен во Ургентниот центар, каде и покрај настојувањата на лекарите, околу 22.30 часот починал.

Увид на местото на несреќата извршила екипа на СВР Скопје.