На пешачки премин во центарот на Скопје, на булеварот Кочо Рацин, вчера загина велосипедистот Б.Љ. (54) по ударот од страна на патничко возило „опел корса“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.С. (20) од селото Батинци, се наведува во билтенот на МВР. По судирот, велосипедистот бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде што му била констатирана смрт.
Вчерашното прегазување на велосипедистот не е единствено во билтенот на МВР периодов. Пред само два дена, на патот Гостивар-Кичево беше убиен 66-годишен велосипедист од гостиварското село Врапчиште, кога патничко возило удрило во него по што го напуштило местото на судирот. Во полициските билтени речиси секојдневно има сообраќајни несреќи, во кои се вклучени велосипедисти.
Сепак, она што е карактеристично за булеварот Кочо Рацин е дека тој од Градот Скопје беше реконструиран, при што беа стеснети коловозните ленти за возилата за сметка на оспособување на велосипедска патека. Намаленети коловозни ленти во ширина требаше да го смират автомобилскиот сообраќај, но очигледно дека на дивеењето на возачите им нема крај. На оваа, но и на другите реконструирани сообраќајници, се паркираат возила на велосипедските патеки, се кршат и отстрануваат столпчињата од патеките и се вози пребрзо од колите.
Од „На Точак“ по вчерашното прегазување на велосипедистот во центарот на Скопје велат дека сакаат градоначалникот на Град Скопје после секој изгубен живот во сообраќајот да најави нова порадикална мерка што ќе гарантира поголема безбедност. Од МВР бараат порадикална измена на Законот за безбедноста во сообраќајот и порешителна акција од полицијата против прекршителите.