„Вистиномер“: Како Мира „Дизел“ го засени НАТО


Скопје, 13 февруари, 2019 - 17:27 (META) 

Ако се гледа според бројот на наслови по интернет медиумите пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска, дебело ги засени сите настани изминативе неколку дена. Пратеничката позната во јавноста како Мира „Дизел“, целосно ги преклопи исклучително важните случувања за нашата држава , какви што се: официјалното стапување во употреба на новото име на земјата – Република Северна Македонија и свеченото кревање на знамето на НАТО пред Владата, се вели во анализата на „Вистиномер.мк“.

Опозицијата најпрво обвини дека пратеничката на СДСМ, Мира „Дизел“ Стојчевска, викана така поради наплатата на високите патни трошоци, го вработила синот во владината ЕЛЕМ, а потоа излегоа со информација дека нејзиниот брат се вработил во РЕК Битола. Денес пак, беше пласирана нова информација од серијалот „Мира Дизел“ – дека и сопругот на Стојчевска, наводно, пред еден месец е унапреден во командир на Шумската полиција во Делчево!

По социјалните мрежи, неверојатно инспирирани од оваа ситуација, се ширеа шеги со препознатливиот хумор:

  • Во утрешната штампа ќе читате: Кучето на Мира Дизел вработено во гранична полиција.
  • Бонева не знаеше дека синовите купиле станови, пратеничката Стојчевска не знаела дека синот се пријавил на оглас. Гледате што се случува кога не комуницираат родителите и децата?
  • На интервју за работа: – А ти чие дете си?
  • АВРМ: Агенција за Вработување Роднини на Мира.

Заев на свеченоста по повод подигнувањето на знамето на НАТО пред Владата говореше дека сме излегле од судбината, дека нашата татковина успеа, дека е на вистинскиот пат кон прогресот и кон непречен развој, дека не чека тешка работа во следните месеци и години …

Но, Мира „Дизел“ беше погласна од премиерот! Таа ги „надгласа“ сите вести ! Немаа пробив ниту информациите за тоа дека на свеченоста пред Владата не биле поранешниот претседател Бранко Црвенковски и актуелниот шеф на државата Ѓорѓе Иванов.

Деновиве Мира беше Крлеуша!

Ако ова му го смислиле на Заев од вмровската ПР кујна за да му го минимизираат настанот: браво за нив! Заев треба да им понуди работа.

Ако пак, сето ова било случајно (а, старите удбаши велеа дека ништо не е случајно), Заев и СДСМ треба да преиспитаат конечно колку штета им носат сите „дизелаши“, не само во вакви свечени моменти, туку и кај утрешните гласачи.

А избори идат!


Партиските вработувања не можат да се оправдаат


Скопје, 12 февруари, 2019 - 17:13 (META) 

Изјавата на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, со која тој сака да ги оправда вработувањата на личности блиски до функционерите од власта, „Вистиномер“ ја оцени за недоследна.

Да се правда непотизмот на власта при вработувањето на блиските роднини и партиските кадри, со образложение дека „десет години членовите и симпатизерите на СДСМ биле најдискриминирани граѓани во државата со тоа што им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор“, во најмала рака е некоректно. А прашањето „каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата ?(!), кое Манчевски им го упати на новинарите, е целосно нетактично и прозвучува дрско.

На ваквото прашање на Манчевски, само по себе се наметнува едно друго прашање: А каде да одат оние кои немаат никаква партиска книшка? Каде да се вработат децата, сестрите, мајките, на тие кои не припаѓаат на ниту еден партиски табор? Што да прават оние кои 11 години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, исто како и симпатизерите на СДСМ, не можеа да најдат вработување, бидејќи не го исполнуваа најглавниот услов – немаа партиска книшка или некаков директен роднинско-пријателски линк со власта. Или, пак, можеби, не е грев да ја напуштат државата само тие без партиска книшка?!

Целата статија прочитајте ја на „Вистиномер.мк“.


Бејли: Во Советот на јавните обвинители има непотизам и судир на интереси


Скопје, 26 февруари, 2018 - 14:04 (META) 

Амбасадорот на САД, Џес Бјели, на денешната конференција во Собранието за владеење на правото во земјите од Западен Балкан, во присуство на европратениците ја критикуваше работата на Советот на јавните обвинители за седницата на која се гласаше за избор на обвинители.

Говорејќи за реформите во правосудството, Бејли рече дека со спорните одлуки на Советот на јавните обвинители „јавноста изгубила неколку грама доверба во правосудството“. Тој наведе дека неколку новинари се охрабриле да ги објават текстовите за начинот на кој се одлучувало за изборот на обвинители.

– Имаше случај каде што еден јавен обвинител, член на Советот, гласаше за одлука на член на семејството на друг член на Советот и тука ми се чини дека станува збор за судир на интереси. Никој не знаеше што точно се случи. Храбрите медиуми и граѓанското општество исто така имаат важна улога во владеењето на правото. Овие новинари ја бараат приказната, ја наоѓаат и ја обработуваат – рече Бејли.

Тој говореше дека е неопходно сите одлуки да се носат јавно и институциите од правосудството да бидат што потранспарентни и отворени за јавноста.

Советот на јавни обвинители на седницата на 31 јануари ја избра Марија Ѓоргева, внука на претседателот на Советот Коле Штериев, за обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.


ТИ: Македонија на најниското место откако постои Индексот за перцепција на корупцијата


Скопје, 22 февруари, 2018 - 17:55 (META) 

Македонија е рангирана на 107. место на Индексот за перцепција на корупцијата за 2017 година на Транспаренси Интернешенл (ТИ), што е пад за 17 места во однос на рангот во 2016 година и е најлошиот резултат за земјава откога се изработува индексот, посочија од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

За падот на Македонија на листата реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, кое порача дека власта на СДСМ ја одбележуваат многу случаи на корупција и криминал и дека и тие случаи и непотизмот придонесуваат за тој пад во последната година, посебно поради тоа што никој не понесува одговорност.

Од СДСМ одговорија дека падот на индексот за перцепција на корупција „е резултат на 10 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ и дека на граѓаните им е совршено јасно кој работеше криминално коруптивно“. Владејачката партија вели дека работите се менуваат, „а резултатите од тоа очекувано е да се рефлектираат за состојбите во 2018 година“.


Министерство за култура повика да се пријавуваат неправилностите, „доколку ги има“


Скопје, 15 февруари, 2018 - 17:16 (META) 

Министерството за култура, по бројните реакции од опозицијата и од јавноста за наводни злоупотреби и непотизам во Годишната програма, упати јавен повик да му се достават таквите информации.

„Наша недвосмислена определба е процесите на одлучување да бидат целосно транспарентни, да бидат фер и објективни, согласно начелата, критериумите и пропозициите на конкурсните апликации. Цврсто стоиме на ставот, дека доколку има индиции за неправилности во процесот на аплицирање и одлучување, или доколку одредени личности или субјекти учествувале во непотизам, корупција, клиентелизам или други незаконски практики, Министерството е подготвено веднаш да ги преиспита тие случаи, а доколку се утврди одговорност, да спроведе дисциплински и други постапки во согласност со закон“, се вели во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ: Зошто Рашковски молчи и зошто не поднесува оставка


Скопје, 5 октомври, 2017 - 9:40 (META) 

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, молчи и не одговара до кога планира да го крши законот и зошто не поднесува оставка, бидејќи е незаконски да се биде генерален секретар на влада, а во исто време и претседател на собрание на акционери на „Македонски телеком“ за хонорар од 500 евра по одржана седница, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија посочуваат дека Рашковски спротивно на закон се самоназначил на позиција во „Македонски телеком“ за 500 евра хонорар и додаваат дека тој секој месец инкасира повеќе од 1.000 евра плата и по 500 евра од одржана седница во „Македонски телеком“.

– Во согласност со член 18 од Законот за спречување на судир на интереси, службеното лице Драги Рашковски не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавни претпријатија, агенции, фондови и сите други организациони облици со доминантен државен капитал, што значи дека Законот за спречување судир на интереси не дозволува Драги Рашковски, како генерален секретар на Владата, да биде назначен и за владин претставник во собранието на акционери на „Македонски телеком“ – се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваата дека неговата тешта, Елена Начевска, мајка на неговата сопруга Вероника Начевска, беше претседател на Комисијата за жалби.

„Исто така неговиот кум, Дејан Костиќ, беше ангажиран за адвокат на Генералниот секретаријат на Владата и покрај тоа што владата има правна служба. Дрвото на непотизам на Рашковски влечело илјадници евра од државата во приватни џебови и за тоа ќе одговараат. Овие лица треба да ги вратат парите кои ги испумпаа на основа на плати и на хонорари од буџетот“, се додава во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ: Преку именувањето директори на клиники се прават фамилијарни бизнис-шеми


Скопје, 10 август, 2017 - 14:17 (META) 

СДСМ и Таравари создадоа уште еден потенцијален ризик за корупција и за создавање нелојална конкуренција на пазарот помеѓу веледрогериите со именувањето на Софија Пејкова за директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, рече Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција, пред Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

– По назначувањето на митаџиите од типот на Нетковски, Барбов и Докиќ за директори на скопските клиники, СДС се оддолжува и кон белата мафија, именувајќи ги Елена и Христијан Костови и Ирина Пановска за директори на едни од најголемите здрвствени установи во државата. Кога граѓаните помислија дека виделе сè од СДС, СДС е тука да ги демантира. СДС и Таравари ја именуваа Софија Пејкова, снаа за син на сопственикот на веледрогеријата „Адриа мед“, Коле Пејков, за директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Таравари со своите именувања директори на лица осудени криминалци, фатени митаџии и членови на најтесното семејство на сопственици на веледрогерии, ѝ порачува на јавноста дека не сака професионализација на здравството, туку преклопување на здравството со кадри блиски до власта, сврзани во фамилијарни бизнис-шеми со врвот на СДС – рече Андоновска.

Таа вели дека поставување лица за директори во здравствени установи кои се во роднински врски со сопственици на веледрогерии носи потенцијален ризик за корупција и создавање нелојална конкуренција на пазарот помеѓу веледрогериите.


Началникот на СВР Битола си ја вработи сопругата во ресенската полиција и отвoра нови 26 места


Битола, 1 септември, 2016 - 15:56 (META) 

Началникот на СВР Битола, Методија Атанасовски, си ја вработил сопругата Марјана како негова колешка – во службите на полицијата во Ресен.

Вчера СВР Битола отвори нови 26 работни места, кои ќе бидат пополнети без оглас.

– СВР не вработува, обратете се во МВР, тие склучуваат договори за вработување – вели портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, тврдејќи дека нема информации за нововработени во СВР Битола.

Покрај сопругата на Атанасовски, на списокот нововработени во СВР Битола е и претседателот на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Бојан Димовски, кој потврдува дека се вработил во битолската полиција.

Запрашан дали се вработил без оглас, Димовски изјави дека „МВР си има свој протокол за вработување и сè е во рамките на законските прописи“.

Во СВР Битола од неодамна без оглас е вработен и синот на актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Зоран Илиоски.

– И син ми има право да работи – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илиоски, откако се прошири веста дека неговиот син без оглас се вработил во битолската полиција.