СДСМ и Таравари создадоа уште еден потенцијален ризик за корупција и за создавање нелојална конкуренција на пазарот помеѓу веледрогериите со именувањето на Софија Пејкова за директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, рече Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција, пред Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

– По назначувањето на митаџиите од типот на Нетковски, Барбов и Докиќ за директори на скопските клиники, СДС се оддолжува и кон белата мафија, именувајќи ги Елена и Христијан Костови и Ирина Пановска за директори на едни од најголемите здрвствени установи во државата. Кога граѓаните помислија дека виделе сè од СДС, СДС е тука да ги демантира. СДС и Таравари ја именуваа Софија Пејкова, снаа за син на сопственикот на веледрогеријата „Адриа мед“, Коле Пејков, за директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Таравари со своите именувања директори на лица осудени криминалци, фатени митаџии и членови на најтесното семејство на сопственици на веледрогерии, ѝ порачува на јавноста дека не сака професионализација на здравството, туку преклопување на здравството со кадри блиски до власта, сврзани во фамилијарни бизнис-шеми со врвот на СДС – рече Андоновска.

Таа вели дека поставување лица за директори во здравствени установи кои се во роднински врски со сопственици на веледрогерии носи потенцијален ризик за корупција и создавање нелојална конкуренција на пазарот помеѓу веледрогериите.