fbpx

Антикорупциска ќе ги проверува времените вработувања во УЈП и в.д. директорите во здравството

-

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе преиспитува 36 вработувања во Управата за јавни приходи (УЈП) преку агенции за времени вработувања од 2017 година досега, поради сомнеж дека станува збор за партиски вработувања. Меѓу вработените се и сопругата на директорот во оставка на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски, и сестра на пратеничката од СДСМ, Тања Ковачев.

Истовремено, антикорупционерите ќе бараат и УЈП и Владата да ја преиспитаат целата постапка во времените вработувања воопшто, но и за ангажирањето на в.д. директорите во здравствените институции.

Покрај овие одлуки, на денешната, 15-та седница на Антикорупциската комисија, исто така се зборуваше и за дезинформациите за партиски вработувања и вработувања по непотизам, за кои, како што беше кажано, крајно сериозно го нарушуваат угледот на лицата што се невини, односно воопшто не се вработени таму каде што се тврди.

Дополнително, како што кажаа и антикорупционерката Софка Пејовска – Дојчиновска и претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, проверките на лажните наводи доведуваат до непотребно трошење на време и ресурсите на Антикорупциска, која мора по службена должност да ги проверува сите можни злоупотреби. Затоа, антикорупционерите апелираа за посовесно однесување од граѓаните.

Случајот што ја испровоцира оваа реакција беа наводите дека Мики Томев, син на шефот на кабинет на премиерот Зоран Заев, Мирјана Јанева, се вработил во АД за станбен и деловен простор, а  се испоставило дека во ова државно претпријатие нема вработено човек со тоа име.

Во предметот за УЈП што денеска се отвори по службена должност, ќе се проверува ангажманот на Катерина Котевска, сопруга на Ѓоко Котевски, директорот во оставка на затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари. Таа била ангажирана во УЈП првин преку една, а потоа преку друга агенција за привремени вработувања, каде што сè уште работи.

– Треба да интервенираме оваа практика да престане – апелираше антикорупционерот Нури Бајрами, кој работел на случајот и побара Антикорупциска да испитува дали навистина имало потреба од вакви вработувања, 36 на број во УЈП.

Покрај Катерина Котевска, во таа група ангажирани е и Катерина Јакимовска, сестрата на пратеничката Тања Ковачев. Таа била вработена на местото асистент од јуни 2017, а ангажманот и истекува на крајот на месецот. Проблемот со вработувањето на Котевска е и тоа што таа е кинезиолог. Членовите на Антикорупциска шеговито го коментираа тоа, односно дека веројатно имало потреба од таков кадар поради ангажманот на терен на вработените во УЈП.

Антикорупциска ќе ја извести Владата за овој случај, но и за претходни случаи на вакви ангажирања преку агенции за времени вработувања, и порача дека е крајно време да прекине ваквата практика за злоупотреба на влијание а извршната власт да ги преиспита вакви случаи на вработување.

Дополнително, Антикорупционерите го отворија и случајот со Жарко Симески, брат на пратеничката Анета Симеска, кој во три наврати бил назначен назначувал за в.д. директор на Здравствениот дом во Македонски Брод, што како што кажаа антикорупционерите, е против законот, оти в.д. директор може да се назначи само еднаш, а потоа да се распише оглас за пополнување на ова место.

– Оваа појава не е од вчера, има злоупотреби на законот за здравствена заштита. Знаете, дискутиравме и претходно, половина од директорите на клиниките во скопскиот Клинички центар се в.д – рече Софка Пејовска – Дојчиновска.

Потоа антикорупционерите донесоа одлука предметот за ваквите вработувања да се прошири.

Покрај овие случаи, ДКСК не најде проблеми со вработувањата на Сања Лалчевска, ќерка на пратеничката Татијана Лалчевска од СДСМ во детска градинка во Тетово, но и на братот на пратеничката Славица Шуманска – Митева во Царинарница Штип, оти ги исполнувале условите, постапките и во двата случаи биле регуларни, а не може да се утврди влијание од пратеничките.

Се отворија и два предмети за вработување на братот и братучедот на градоначалникот на Општина Василево во основно училиште, исто така како времени вработувања, па антикорупционерите решија да го известат надлежниот инспекторат за да се испита дали имало неодложна потреба за времени вработувања во училиштето, бидејќи бил распишан оглас покрај за споменатите двајца, за уште 15 вработувања.

Поради ненадлежност, односно застареност, беа затворени неколку случаи за вработување на најблиски роднини на поранешниот градоначалник на општина Лозово, Орце Цветковски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...