Почнува расправата за новата стратегија за национална сајбер-безбедност


Скопје, 12 јуни, 2018 - 11:53 (META) 

Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи заеднички изготвиле работна верзија на Националната стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија. Расправата веќе почна по електронски пат, преку давање предлози, препораки и коментари на електронската адреса cyber_security@mioa.gov.mk, а утре ќе се одржи и првиот јавен настан од овој процес.

Во Клубот на пратениците во Скопје, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата јавна расправа на која ќе биде презентирана стратегијата. На настанот ќе бидат министерот за информатичко општество и  администрација, Дамјан Манчевски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Во нацртот на 38 страници, се посочува дека е голема потребата од нов пристап кон сајбер-безбедноста, бидејќи постои огромна неподготвеност за справување со сајбер-заканите и кај граѓаните и кај фирмите, а заканите се сè побројни. Наспроти тоа, има недостиг на експерти и огромен проток на информации кои излегуваат од граѓаните или фирмите или доаѓаат до нив, и затоа стратегијата предвидува значително зголемување на капацитетите за заштита на податоците од лица и други субјекти со криминални намери со користење државни пари за развивање соодветна одбрана.

Според стратегијата, во првиот квартал на 2017 година, 73,6 отсто од домаќинствата имале пристап до интернет, а кај фирмите со 10 или повеќе вработени таа бројка била 91,2 отсто. Тоа наметнува потреба од подобро запознавање на корисниците со мерките на заштита, посебно во фирмите, од кои дел извршуваат работи за државата, па ризиците што ги имаат тие фирми значат и ризици од загрозување на податоци на државата. Исто така, се позастапен е и Интернет на нештата, односно поврзување на најразлични уреди на интернет, коишто може да бидат нападнати и така да се загрози не само нивното функционирање, туку и безбедноста на нивните сопственици.

Стратегијата за сајбер-безбедност предвидува засилени меѓусекторски мерки за справување со заканите, преку пет мерки. Тоа се зголемување на сајбер отпорноста и зголемување на сајбер-капацитетите, посодветна борба со сајбер-криминалот, потоа засилување на сајбер-одбраната и поголема соработка на институциите.

Исто така, предвидено е формирање на Национален совет за сајбер-безбедност и, како самостоен орган, Тело со оперативни капацитети за  сајбер-безбедност.


Сите наши безбедносни бизниси со Израел


Скопје, 2 април, 2015 - 17:19 (META) 

Каква опрема набавило МВР од Израел во 2011 година, а за која стана збор во аудиоснимките што ги објави лидерот на опозцијата, Зоран Заев? Oсвен тврдењата од едната и од другата страна, за тоа нема никаков официјален документ кој би потврдил за што точно се работи.

Зоран Заев и СДСМ остануваат на тврдењето дека станува збор за набавка на опрема за прислушување и дека за тоа директорот на УБК, Сашо Мијалков, зел провизија од речиси еден милион евра.

Шефот на тајната полиција и МВР, пак, од друга страна, тоа го демантираат и велат дека станува збор за донација од „пријателски служби, во висина од 5.557.377 евра, што била искористена за купување опрема за специјалната единица на полицијата со која е подигната нивната борбена готовност“.

Сепак, ни од МВР нема информација за каква опрема се работи бидејќи зделката била заведена под степен на класификација „државна тајна“.

Македонија и Израел повеќе години наназад имаат партнерски односи и соработка, од кои дел се познати за јавноста, додека за дел постојат само претпоставки и шпекулации.

Соработката во најголем дел од случаите се однесува на набавка на воена опрема, а како субјект од израелска страна најчесто се јавува фирмата „Елбит“.

  • 2003 година – Македонското Министерство за одбрана и „Елбит“ склучија договор за модернизација на неколку хеликоптери од типот „ми-17“ и „ми-24“. Модернизацијата на хеликоптерите почна во 2004 година и се одвиваше во неколку фази, а воздухопловите кои беа модернизирани добија современи системи за ноќно летање, визири, системи за навигација, идентификација и за комуникација, нови електронски системи во кабината, електронско управување со вооружувањето итн.
  • 2008 година – Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и израелскиот министер за одбрана, Ехуд Барак, во Тел Авив потпишаа договор „за продлабочување на соработката меѓу двете министерства во областа на безбедноста, размената на информации и на технологија“.
centar za obkuka na piloti

Груевски, Јанкулоска и Мијалков лани во февруари го посетија Центарот за обука на пилоти

  • 2011 година – Министерството за одбрана и фирмата „Елбит системс“ потпишаа договор за современ Центар за обука на пилоти за потребите на АРМ, МВР и на другите иституции, вреден 43 милиони евра. Како што беше соопштено тогаш, Министерството за одбрана за проектот ќе одвојува 5,3 милиони евра годишно во наредните осум години. Делот, пак, што го покрива израелската фирма, како што наведе тогашниот министер за одбрана, Зоран Коњановски, според договорот бил класифициран како државна тајна. Центарот за обука свечено беше пуштен во употреба лани во март. Според договорот, центарот за обука треба да премине во целосна сопственост на Министерството за одбрана, односно на Република Македонија во 2019 година. За потребите на Центарот, меѓу другото, набавени се неколку школски тренажни хеликоптери и два современи симулатори за хеликоптери.

    ebr so tavor3

    Полициски специјалци со израелските пушки во акција за апсење на првоосомничениот во случајот „Чекан“

  • 2009 – 2010 година – Специјалната полициска единица на МВР (Единицата за брзо распоредување) како дел од својата опрема ја има софистицираната израелска јуришна пушка „тавор ТАР 21“, според познавачите, „бисерот на израелската воена технологија“. Производител на оружјето е „Израели милитари индустрис“(ИМИ). Официјална информација за набавката на пушките, колку парчиња се набавени, која сума е платена за нив, кога е извршена набавката, од МВР нема. Според неофицијални информации, и во набавката на системот „Тавор“ била вклучена израелската фирма „Елбит“. Единствен доказ дека полициските специјалци ја имаат оваа пушка се снимките на акции од апсења, во кои учествуваат припадници на оваа едница. Исто така, и на интернет-страницата на „Википедија“ со резимето и со спецификациите на „ТАР 21“, меѓу земјите кои ја користат јуришната пушка, наведена е и Македонија, односно специјалната полициска единица.
  • 2010 година – Официјална потврда нема, но уште од самиот почеток на проектот „Безбеден град“, односно поставувањето на камерите на скопските сообраќајници, можеа да се слушнат неофицијални информации и шпекулации дека во проектот се вклучени израелска фирма и израелски служби.

Министерството за одбрана ги повика граѓаните да се пријавуваат на огласот за професионални војници


Скопје, 15 јануари, 2015 - 11:11 (META) 

Граѓаните да се пријават на објавениот оглас за професионални војници, повика Министерството за одбрана на Република Македонија.

„Од Министерството уште еднаш се повикуваат сите млади луѓе кои се убедени дека можат да ги исполнат обврските во една од најугледните институции во Република Македонија и кои сакаат да придонесат кон безбедноста на својата татковина во заштита на нејзиниот територијален суверенитет, да се пријават на јавниот оглас за професионални војници, кој е објавен во дневните весници на Република Македонија и на веб-страницата на Министерството за одбрана“, велат од Министерството.


МО објави оглас за прием на 125 војници


Скопје, 13 јануари, 2015 - 11:47 (META) 

Јавен оглас за прием на 125 професионални војници во АРМ денеска објави Министерсвото за одбрана.

Приемот ќе се врши неколку месеци низ неколку елиминациски фази, меѓу кои се здравствени, општо-образовни и за физичката подготвеност, сè до селективниот курс што ќе трае 24 дена.

 


Средба на Јолевски со поранешните министри за одбрана и со началници на ГШ на АРМ


Скопје, 22 декември, 2014 - 16:55 (META) 

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, и началникот на Генерал-штабот на АРМ, генерал потполковник Горанчо Котески, денеска традиционално имаа средба со поранешните министри за обрана, началници на Генерал-штабот на АРМ и со пензионирани генерали на АРМ.

На средбата, како што изјави министерот Јолевски, се зборувало за активностите што се релизирани оваа година и за плановите за идната година.

Според него, ваквите средби се мошне значајни бидејќи искуството што го имаат претходниците е многу битно и е значаен начин за размена на мислења.

– Приоритет на Република Македонија и на МО и на АРМ е интеграцијата во НАТО. Ќе продолжиме во овој правец да работиме со понатамошни реформи, ќе продолжиме и со активностите за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ и во таа насока најавивиме прием на нови 250 професионални војници. Ќе продолжиме и со модернизацијата на опремата на АРМ – изјави министерот Јолевски.

Првиот министер за одбрана во независна Република Македонија, Трајан Гоцевски, смета дека на оваа средба може да се разменат искуства кои се битни за раководството на МО и на ГШ на АРМ. Тој истакна дека има работи кои може да се прочитаат, но, подвлече, и работи коишто искуството ги нуди како исклучително добри решенија.

– МО имаше исклучително добра програма, која во целост е реализирана. Во делот на Армијата имаме доста добри работи, особено во делот на меѓународните мисии, а тоа е придонес не само на АРМ, туку и на РМ. Тоа е, на некој начин, нашиот легитимитет дека ги исполнуваме стандардите што ги имаат земјите-членки на НАТО и на ЕУ. Тоа покажува дека Македонија како држава рамноправно може да ги споделува тие вредности – изјави Гоцевски, додавајќи оти 2015 година ќе биде нов предизвик.

Тој изрази надеж дека луѓето во одбраната се посветени на работата и истакна дека своите задачи тие ќе ги завршат, но нагласи и дека тоа што не зависи од нив, треба да се обработи на повисоко политичко ниво и од дипломатијата.

Генералот во пензија Митре Арсовски, првиот началник на ГШ на АРМ, потсети дека првата ваква средба е одржана 1992 година и оттогаш секоја година на средба поранешните министри за одбрана и началници на ГШ на АРМ се сретнуваат и се запознаваат со новите работи што се случуваат во АРМ.

– Не треба да бидеме ниту слепи ниту глуви за тоа што се случува со Армијата, односно со одбраната. Верувам дека ќе добиеме податоци кои нам ни се потребни за да можеме ние, како ветерани, да работиме – изјави генералот во пензија Арсовски и претседател на Здружението на ветераните во одбраната.