!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Мартин Шулц е избран за нов претседател на германските социјалдемократи


Берлин, 19 март, 2017 - 17:53 (META) 

Германската социјалдемократска партија (СПД) денеска одржа конвенција на која за нов претседател на партијата едногласно е избран поранешниот претседател на Европскиот парламент и актуелен кандидат за германски канцелар, Мартин Шулц, пренесува ХРТ.

Новиот претседател на СПД е сè поголема закана за Ангела Меркел, која сè до неодамна имаше отворен пат до нов мандат, но последните анкети покажуваат дека таа и Шулц се изедначени.

Шулц не ги крие своите амбиции да стане канцелар и да ја направи СПД најголема политичка сила во земјата.

Парламентарните избори во Германија се закажани наесен.


Ангела Меркел повторно ќе се кандидира за канцеларка


Берлин, 25 февруари, 2017 - 14:49 (META) 

Конзервативната Христијанско-демократска унија (ХДУ) денеска и официјално ја именуваше својата лидерка, Ангела Меркел, за кандидат на претстојните парламентарни избори во септември.

Меркел добила поддршка од 95 проценти од делегатите на конвенцијата на партијата во сојузната држава Мекленбург-Западна Померанија, која се смета за нејзина политичка база.

Истражувањето на јавното мислење покажува дека Социјалдемократската партија би можела да претставува голем предизвик за актуелната германска канцеларка.

Кандидат од оваа партија е Мартин Шулц, кој ќе ѝ биде противник на Меркел на парламентарните избори.


Штајнмаер: На светот му претстојат немирни времиња


Берлин, 22 јануари, 2017 - 18:12 (META) 

Германскиот министер за надворешни работи и најверојатно иден претседател на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, во својот авторски напис објавен како воведник во неделното издание на весникот „Билд“, изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД го карактеризира како пресек во светската историја, пренесува ХРТ.

„Како и секогаш кога е во прашања примопредавањето на власта, постојат нејаснотии, двојби и непознаници околу насоките на новото водство. Но, во ова време на нов глобален неред, уште многу работи се на коцка. Со изборот на Доналд Трамп, стариот свет на 20 век дефинитивно е зад нас“, пишува Штајнмаер за „Билд“.

Сепак, Штајнмаер укажува и на тоа дека на власт во Вашингтон не стапува само Трамп, туку и неговиот тим.

„Ќе бидеме подготвени за дијалог и на новата администрација на САД ќе ѝ ги појасниме нашите ставови, вредности, но и интереси“, најавува Штајнмаер, изразувајќи оптимизам дека во Вашингтон и понатаму ќе има добар партнер.

„Се надевам дека во Вашингтон ќе наидеме на соговорници кои внимателно ќе слушаат, бидејќи и тие се свесни дека и на големите земји им требаат партнери“, заклучува Штајнмаер.

Изборот на Штајмаер за нов претседател на Германија е сè поизвесен бидејќи ја има поддршката на двете најголеми сили во т.н. Сојузно собрание, тело кое се состанува само за избор на претседател.

Неговото место на министер за надворешни работи, според последните информации, би требало да го преземе доскорешениот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц.


Шулц го напушта Брисел и се враќа во Берлин, пишува „Политико“


Берлин, 24 ноември, 2016 - 10:55 (META) 

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, за „Политико“ изјави дека нема да работи уште еден мандат во Брисел и оти следната година ќе се кандидира за германскиот Бундестаг.

„Политико“ наведува дека Шулц сигурно ќе освои место во федералниот парламент.

Како што се очекува, Мартин Шулц, по овој повод, во текот на денот ќе се обрати до јавноста.

Светските агенции јавуваат дека германската главна партија на левиот центар, Социјадемократската партија (СДП) е под притисок да одлучи кој ќе биде противкандидат на германската канцеларка Ангела Меркел на изборите во 2017 година, откако Меркел објави дека ќе се кандидира за четврти мандат.


Светските лидери му ја честитаа победата на Трамп, ЕУ го покани на самит


Брисел, 9 ноември, 2016 - 11:03 (META) 

По официјалното прогласување на Доналд Трамп за нов претседател на САД, честитки за победата стигнуваат од светските лидери. Дел од нив изразуваат скепса, а дел се радуваат на изборот што го направија Американците.

Претседателот на Еврпскиот парламент, Мартин Шулц, во подолга изјава рече дека на Европската Унија ќе ѝ биде потешко со Доналд Трамп отколку со претходните американски администрации.

– Ќе биде тешко, многу потешко отколку со претходните американски администрации, но тој е слободно избран претседател. Мораме да го почитуваме идниот претседател на САД. Се надевам дека ќе пронајдеме начин да соработуваме. Оваа кампања нема да биде запаметена како една од најдобрите во САД, претседателот Трамп ќе има тешка мисија да обедини една поделена нација. Сè уште треба да се види неговиот став за Сирија, Ирак, Украина, Либија. Улогата на Трамп во демократијата ќе се тестира уште од првиот ден – вели Шулц.

Во заедничка изјава, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, му ја честитаа победата на Доналд Трамп и истакнаа дека е многу важно да се зајакнат трансатлантските релации.

„Европејците веруваат дека Америка, чии идеали секогаш биле светилник на надеж во целиот свет, ќе продолжи да инвестира во партнерство со пријатели и со сојузници, за да им помогне на нашите граѓани и на луѓето од светот да бидат побезбедни и просперитетни“, се вели во заедничката изјава на Туск и на Јункер.

Тие двајца го поканија на самит ЕУ – САД, каде ќе разговараат за односот и за курсот по кој ќе се движат нивните односи во наредните четири години.

Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, на својот твитер-профил напиша дека Европската Унија и САД ќе продолжат да работат заедно и по доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

„Врските помеѓу ЕУ и САД се подлабоки од секоја политичка промена. Ќе продолжиме да работиме заедно за уште еднаш да ја откриеме силата на Европа“, напиша Могерини на „Твитер“.

Рускиот претседател Владимир Путин во порака до новоизбраниот претседател Доналд Трамп ја изрази ја неговата доверба во дијалогот помеѓу Москва и Вашингтон и изрази надеж дека со заеднички напори ќе ги доведат руско-американските односи надвор од нивната сегашна криза.

Твитер-профилот на холандското министерство за надворешни работи ја пренесува изјавата на холандскиот министер за надворешни работи, Берт Кундерс, кој вели „Американците се изјаснија. Соработката со САД е есенцијална и неопходна. Ќе ги оценуваме постапките на Трамп“.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на својот фејсбук-профил утринава напиша дека слушнал одлични вести.

„Честитки. Колку добри вести. Демократијата е сè уште жива“, напиша унгарскиот премиер во контекст на победата на Доналд Трамп.


Турција не ја интересираат „црвените линии“ на ЕУ


Анкара, 1 ноември, 2016 - 14:34 (META) 

Турција не се занимава со европските „црвени линии“ кога станува збор за слобода на медиуми, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим, откако претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, го осуди апсењето на уредникот на опозицискиот весник „Џумхуријет“.

– Браќа, нас не нè интересира вашата црвена линија. Народот е тој кој ја повлекува црвената линија, а вашите линии немаат значење – рече Јилдирим во говорот пред парламентот, обраќајќи им се на членовите на својата владејачка Партија на правдата и развојот.

Тој истакна дека нема проблем со слободата на печатот.

– Тоа е тоа за што не се согласуваме со нашите европски пријатели. Тие секогаш го посичуваат прашањето за слобода на печатот и нашите чекори во борбата против тероризмот – рече турскиот премиер.

Полицијата вчера го уапси главниот уредник и колумнист на „Џумхуријет“ поради наводна поддршка на весникот за неуспешниот пуч против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во јули годинава.

Шулц рече дека апсењето претставува преминување на „уште една црвена линија“ кога станува збор за слободата на печатот и на изразување во Турција.


Брисел порача: Опстанокот на ЕУ не е доведен во прашање


Брисел, 24 јуни, 2016 - 15:31 (META) 

Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент, Марк Рут, претседавач со ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, и Жан Клод Јункер, претседавач со Европската комисија, по состанокот во Брисел, изјавија дека жалат поради одлуката на Британците да ја напуштат Европската Унија.

„Во еден слободен и демократски процес, Британците изразија желба да ја напуштат Европската Унија. Жалиме поради ваквата одлука, но истовремено и ја почитуваме. Станува збор за досега незабележана ситуација, но ние сме единствени во нашиот одговор. Остануваме постојани во одржување на темелните вредности на Европската Унија, на промовирање на мирот и на благосостојбата на нејзините народи“, стои во заедничката изјава.

Тие истакнаа дека опстанокот на Унијата со 27 земји членки не е доведен во прашање и оти членките заеднички ќе ги решаваат понатамошните предизвици.

„Сега очекуваме владата на Велика Британија да ја спроведе на дело одлуката на британскиот народ, што е можно побргу, независно од тоа колку болен може да биде тој процес. Секое доцнење непотребно ќе ја продолжи неизвесноста. Имаме правила кои јасно го уредуваат ова прашање“, наведоа европските дипломати.
Тие изразија надеж дека Велика Британија и во иднина ќе остане близок партнер на Европската Унија.


Тажна вест за Европа, ЕУ се подготвува за иднина без Британија


Брисел, 24 јуни, 2016 - 11:19 (META) 

Одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската Унија предизвика шок и освестување во ЕУ дека се потребни промени во Брисел. Евроскептиците во ЕУ сметаат дека и нивните земји треба да ја напуштат Унијата.

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, рече дека ЕУ ги почитува резултатите, но тоа си носи и свои одговорности.

– Обединетото Кралство одлучи да оди по свој пат. Мислам дека економските показатели говорат дека тоа ќе биде многу тежок тек. Време е да се однесуваме сериозно и одговорно. Камерон има свои одговорности за својата земја, а ние имаме свои одговорности кон иднината на ЕУ. Можете да видите што се случува со фунтата. Не сакам тоа да му се случи на еврото – рече Шулц.

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, очекува дека наскоро ќе почнат преговорите за излез на Велика Британија од Европската Унија.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, рече дека ЕУ е одлучна да го зачува своето единство од 27 членки и оти блокот е подготвен за негативно сценарио.

– Сите процедури за повлекување на Велика Британија од ЕУ се јасни и се утврдени со договор. За се разговара за деталите од понатамошните процедури, им понудив на дваесет и седумте лидери неформална средба на маргините на самитот на Европскиот совет. Исто така, ќе им предложам на лидерите да почнеме пошироки разговори за иднината на нашата Унија – рече Туск.

Шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Шатјмајер, поради одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата, рече дека денеска е „тажен ден за Европа“.

– Веста од Британија е навистина отрезнувачка – напиша Штајмајер на „Твитер“.

Министерот за надворешни работи на Франција, Жан Марк Еро, на „Твитер“ напиша дека е „тажен“ поради Велика Британија. Тој додаде и дека Европа ќе продолжи по својот пат, но и дека е потребно да се реагира и повторно да се открие довербата кај својот народ.

Сепак, за дел од политичарите во ЕУ идејата за реформи е до извесен степен прифатлива.

Полскиот министер за надворешни работи, Витолд Вашиковски, оцени дека отфрлањето на ЕУ е сигнал дека одредени концепти на Унијата треба да се променат.

„Ја почитувам и жалиме за одлуката на британските гласачи. Таа предизвика огромни штети на двете страни. Ова е лоша вест за Европа и за Полска. Ова е голема дилема за еврократите. Сите сакаме да ја зачуваме ЕУ, но прашање е во која форма. Ќе се обидеме да ја искористиме ситуацијата за да ги увериме европските политичари зошто тоа се случи. Се случи поради овој концепт, кој беше создаден одамна, а веќе не е популарен во Европа“, рече Вашиковски за приватната полска телевизија „ТВ Република“.

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, беше поостар во своите критики кон ЕУ, велејќи дека Брексит е најголемата лекција за ЕУ.

– Брисел мора да го чуе гласот на народот. Зошто Унгарија е во ЕУ? Унгарија е во ЕУ затоа што ние веруваме во силна Европа. Но, Европа е силна само ако одговори на големите проблеми, како што е имиграцијата, која ќе ја зајакне Европа, а нема да ја ослаби. ЕУ не успеа да даде одговор на тоа – рече Орбан.
Одлуката на Британија ги поттикна националистичките партии во Европа да размислуваат за слични чекори.

Француската партија Национален фронт повика и Франција на референдум да се изјасни за своето членство во ЕУ.

– Победа за слобода. Сега треба истиот референдум да го спроведеме во Франција и во другите земји на ЕУ – рече Мари ле Пен, лидерот на Национален фронт.

Со ист став излезе и холандскиот десничарки политичар, Герт Вилдерс. Тој соопшти дека ќе организира референдум за членството на Холандија во ЕУ, доколку следната година во март го изберат за премиер.

Вилдер засега води во анкетите, а последната анкета во Холандија покажува дека 54 отсто од Холанѓаните, чија земја е една од основачите, сакаат референдум за иднината во ЕУ.


Шулц: Турција нема да добие безвизен режим до јули


Стразбур, 11 мај, 2016 - 15:43 (META) 

Нема шанси до јули да се постигне договор за безвизни патувања на турските државјани во Европската Унија, оцени денеска претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.

Според Шулц, Европскиот парламент нема да почне консултации сè додека Анкара не ги исполни условите за безвизен режим, поточно додека не се обезбеди заштита на податоци и не се измени антитерористичкиот закон на таа земја.


Турција од ЕУ за мигрантите бара уште три милијарди евра и укинување на визите


Брисел, 7 март, 2016 - 20:19 (META) 

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, изјави дека Турција барала дополнителни три милијарди евра од Европската Унија за згрижување на мигрантите на своја територија.

Шулц најави дека Европскиот парламент е подготвен да ја забрза процедурата за доделување на тие средства.

Во нацрт-договорот на ЕУ и на Турција, во кој агенцијата „Ројтерс“ имала увид, се вели дека ЕУ двојно ќе го зголеми износот на пари што го понудила на Турција за помош и за згрижување на сириските бегалци, а дека бегалците директно ќе бидат префрлани од Турција во ЕУ.

Овој документ предвидува активности што двете страни треба да ги преземат за да се стави крај на мигрантската криза.

Турција, според договорот, треба да ги прими назад сите нелегални мигранти кои од таа земја пристигнале на грчките острови, додека ЕУ потоа би требало да ги преземе директно од Турција.

Турција треба ефикасно да соработува со ЕУ и со УНХЦР и да осигура релокација на Сиријците во земјите членки на ЕУ на основа на формулата „за еден Сириец кој е со реадмисија вратен од грчките острови во Турција, еден Сириец треба да биде релоциран во земјите членки на ЕУ“.

ЕУ ќе понуди уште три милијарди евра до крајот на 2018 година за помош на Турција, што е двојно повеќе од тоа што е првобитно побарано.

Брисел ќе подготови и отварање на нови поглавја за преговори за членство на Турција во ЕУ, која исто така треба да воведе визна либерализација за граѓаните на Турција до крајот на јуни.