Претседателот Пендаровски со Мартин Шулц разговарал за образовните и младинските политики

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Мартин Шулц, претседател на фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот Парламент, кој престојува во Скопје заради учеството на вториот Социо-еколошки форум. На средбата се разговарало за севкупните активности на фондацијата во регионот и во Република Северна Македонија, како и за актуелните случувања во поширокиот регион, вклучувајќи ја руската инвазија врз Украина и последиците од неа.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот на државата, Пендаровски го истакнал придонесот и поддршката на фондацијата „Фридрих Еберт“, во повеќе сфери, вклучувајќи ги европските интеграции, унапредувањето на политичкиот дијалог, социјалниот и економскиот развој и поддршката на образовни и младински политики.

Претседателот се заблагодарил за поддршката што фондацијата ја дава на Претседателскиот центар за политичко образование и за реализацијата на Школата за политики, којашто има за цел промоција на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста.