!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонска филхармонија ќе соработува со црногорскиот симфониски оркестар


Скопје, 4 декември, 2017 - 12:34 (META) 

Македонската филхармонија и Симфонискиот оркестар на Црна Гора потпишаа меморандум за зајакнување на соработкaтa на двата национални оркестри.

Со овој меморандум за соработка, оркестрите се обврзуваат на квалитетна соработка и размена во период од две години. Соработката ќе се одвива на полето на размена на солисти и на диригенти, музички материјали, како и преку гостување на оркестрите во Скопје и во Подгорица.

Синоќа, во салата на Македонската филхармонија, концерт одржа црногорскиот симфониски оркестар под диригентство на Григориј Краско, што воедно претставува и прво гостување на симфониски ансамбл во новата концертна сала на Македонската филхармонија.


Разрешена директорката на Филхармонија, Маја Чаначевиќ


Скопје, 28 јули, 2017 - 15:08 (META) 

Министерството за култура на Република Македонија донело решение за разрешување на Маја Чаначевиќ од функцијата директор на Националната установа Македонска филхармонија – Скопје. За вршител на должноста директор во оваа установа е назначен Виктор Илиески, член на ансамблот на филхармонијата.

Во соопштението од Министерството за култура се вели дека според наодите на инспекциските служби, директорката на установата не го усогласила работењето со законските одредби и со статутот на установата. Според соопштението, Чаначевиќ не донела годишна програма за работа на филхармонија во 2016 и 2017 година, делела повеќе гратис билети отколку што ѝ било дозволено со одлука на управниот одбор, односно за отворањето на новата концертна сала директорката поделила дури 636 гратис билети од вкупно 960 билети, без прецизна евиденција кому се доделени билетите. Инспекциите утврдиле, велат од Министерството за култура, дека за двајца вработени музичари, кои според евиденцијата подолг временски период не доаѓале на работа, директорката не презела мерки во согласност со законот и со статутот, а на едниот од нив, за вршење работни задачи што не се во описот на неговото работно место, покрај платата, дополнително му исплатила 550.683 денари.
Во образложенијата за смената се вели и дека директорката Чаначевиќ нема подготвено решенија за распоредување на вработените на работни места во согласност со новите акти за систематизација и за внатрешна организација на работните места, а направила трошок за мобилен телефон над одобрениот максимум и разликата не ја надоместила од својата плата. Како вина ѝ се припишува и тоа што не спровела постапка за реаудиција, а филхармонијата нема воведено електронски систем за евиденција на работното време на вработените.

Министерството вели дека оваа и другите смени на раководни кадри се прават заради „ослободување од партиски кадри“.

„Министерството за култура потсетува дека именувањето на в.д. директори се прави за што поскоро ослободување на клучните институции, кои досега беа заробени од партиски кадри. Ја информираме јавноста дека наскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, за да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори. По исполнување на законските услови, низ целосно отворен и транспарентен процес, Министерството за култура ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и за именување на нови директори на националните установи“, соопштува Министерството за култура.


Манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“ посветена на Дејвид Боуви


Скопје, 22 јуни, 2016 - 15:40 (META) 

Традиционалниот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ ќе се одржи утре во Градски парк, со почеток во 21 часот.

Годинава манифестацијата која се одржува веќе девет години, e посветена на британската музичка легенда Дејвид Боуви, односно Македонска филхармонија ќе изведува дел од многубројните негови хитови.

Македонската филхармонија ќе настапи под диригентство на маестро Емин Џијан и ќе изведе познати композиции на Боуви, кои овојпат ќе добијат поинаков и автентичен израз. Освен Македонската филхармонија, ќе учествува и музичка група, како и Женскиот хор при МКЦ.

Ликовните уметници Ивана Младеновска и Агрон Абдули, додека трае концертот, ќе творат испирирани од големите хитови на оваа музичка ѕвезда.

На присутните во публиката на настанот, ќе им бидат поделени и 20.000 примероци од книгата „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ на Мери Финиган.


Концерт на Македонска филхармонија со ученици-солисти


Скопје, 9 јуни, 2015 - 10:58 (META) 

Македонската филхармонија вечерва во Домот на АРМ ќе го одржи традиционалниот симфониски концерт со ученици од музички училишта во земјава.

Ќе бидат изведени дела од Моцарт, Бара, Менделсон, Видофт, Попер…

Публиката ќе има можност да ги слушне најмладите музички таленти кои ја положија аудицијата за настап со овој професионален музички ансамбл. Тоа се: Ивона Базгалоска – пијано, Димитар Настески – кларинет , Благоја Василевски – хорна, Ева Богоевска – виолина, Наоми Георгиевска – виолина, Стефан Неделковски – саксофон, Тамара Тодоровска – виолончело и Александар Иванов – виолина.

Влезот за концертот е слободен.


Јубилеен концерт на Македонска филхармонија


Скопје, 18 декември, 2014 - 16:54 (META) 

Македонската филхармонија вечерва, во 20 часот, во Македонската опера и балет, ќе има концерт со наслов „Го славиме јубилејот“. Концертот ќе биде по повод прославата на 70 години од основањето на најстарата национална музичка институција во земјава. На концертот како солист ќе настапи Русинот Борис Брезовски на пијано, а диригент ќе биде Дмитри Лис. Програмата се состои од две дела од Петар Илич Чајковски – Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во Бе-мол и Петта симфонија во Е-мол.

Филхармонијата годината ќе заврши со традиционалниот Новогодишен симфониски концерт за најмладите, што ќе се одржи на 21 декември во 12 часот во „Универзална сала“ и со празничниот џез-концерт на 25 декември во Македонскиот народен театар во 20 часот.

Македонската филхармонија 2015 година ќе ја почне на 7 јануари, со пладневен коцерт во духот на најголемиот Христијански празинк, Божик.


„Синедејс“: „Тир“ најдобар филм во официјалната, „Исцелување“ во селекцијата „Синебалкан“


Скопје, 23 ноември, 2014 - 13:12 (META) 

Италијанско-хрватскиот копродукциски филм „Тир“, на режисерот Алберто Фасуло, е прогласен за најдобар во официјалната селекција на 13. „Синедејс“.

Одлуката ја донесоа тројцата членови на жирито, Кристин Долхофер, Едоардо Винспеаре и Лидија Мело, кои вчеравечер во киното „Милениум“ ги соопштија наградените на годинешното издание на фестивалот за европски филм.

За најдобар режисер во официјалната селекција е награден Шавкат Амин Корки за ирачко-германската копродукција „Спомени во камен“, а за најдобро сценарио награда доби грузиско-украинскиот „Состаноци на слепо“ на режисерот Леван Когуашвили.

Српскиот филм „Исцелување“ на режисерот Иван Јовиќ, е прогласен за најдобар во селекцијата „Синебалкан“, а специјални признанија добија „Бота“, кој е копродукција на Албанија, Италија и на Косово и хрватскиот „Вис-а-Вис“.

Жирито за програмата „Синебалкан“ го сочинуваа Нана Ѓорѓадзе, Ник Холдсворт и Паоло Спина. Селектор на десетте филма во официјалната селекција и на петте во „Синебалкан“ беше Бернд Будер.

Наградата за најдобра филмска критика која „Синедејс“ ја доделува од минатата година на конкурс, ја добија двајца: Ана Поп-Стефанија за рецензијата на филмот „Песната на мајка ми“ и Васко Маглешов за рецензија на „Шумите се сè уште зелени“.

Членовите на жирито кое го дедели ова признание, сугерираа во иднина да има прва, втора и трета награда за филмска критика, а поради големиот одѕив на конкурсот и квалитетните критики, да се издава специјално списание за филм.

Годинешното издание на фестивалот беше затворено со концерт на оркестарот на Македонската филхармонија, која на сцената на „Милениум“ изведе музика од познати филмски наслови.

Организаторот на „Синедејс“ го посвети концертот на сликарот Милош Коџоман кој почина во петокот, по кратко боледување.


„Магичен глас“ за најмладите


Скопје, 8 ноември, 2014 - 14:42 (META) 

Во сабота во 12 часот, во Македонска опера и балет, Македонската филхармонија ќе го одржи првиот концерт од циклусот „Детски симфониски концерти“ во новата сезона.

Од филхармонија нагласуваат дека концертот „Магичен глас“’ ќе донесе возбудлива музика, но и интересна приказна, која ќе ги воведе најмладите во светот на фантазијата. Под диригентство на Ле Фи Фи, заедно со Македонската филхармонија ќе настапи младата оперска певица, сопранот Билјана Јосифов, а аниматор и овојпат ќе биде актерот Мартин Јорданоски.

Во приказната, во која најмладите ќе имаат можност да уживаат во убавата музика на Копланд, Бернштајн, Римски-Корсаков, Моцарт, Верди, Штраус и на Росини, се зборува за сонот на едно младо момче во кој тој има голема желба да стане оперски пејач. Во неговиот сон, од една музичка планета доаѓа убавата и добра вештерка, која ќе ги покаже тајните на оперското пеење.