Со капки поезија и љубов, „Француски бакнеж“ пристигнува во петок во Филхармонија

Бети Жарден, француска џез пејачка, фото: Македонска Филхармонија

На сцената во Македонска филхармонија во петок, на 11 февруари во 20:00 часот со изведба на концертот „Француски бакнеж“ ќе настапи француското трио „Ана Кап“ под диригентската палка на Џијан Емин.

„Француски бакнеж“ е француско пресликување на љубовта пренесено преку композиција, танц, пеење, шоу што ќе го приреди Пјер Миле на труба Мануел Декок на виолина и Жан Мишел Трото на хармоника.

Опишано е и со зборовите „поетско шоу“ поради комбинираната музика, комедија и дадаистички песни преку што се интерпретира ликот на тројцата музичари.

Концертот ќе биде збогатен и со виолистот Оливие Самуилан, композитор и мулти-инструменталист кој пишува музика за филм и телевизија и Бети Жарден, француска џез пејачка.

Диригентот Џијан Емин е познат по своите настапи со рок-групата „Архангел“, тој е првиот македонски хорнист, а веќе неколку години стои зад пултот со Македонска филхармонија во повеќе значајни проекти, во дел од нив и како оркестратор.