„Реквием за мојот пријател“ од Збигњев Прајснер овој четврток во Филхармонија

Фото: Lucas Alexander / Unsplash

Оркестарот на Филхармонија во четврток (24.02.2022), во 20 часот премиерно ќе го изведе „Реквием за мојот пријател“ на еден од водечките композитори на филмска музика, Збигњев Прајснер. „Реквиемот“ е посветен на полскиот режисер Кшиштоф Кишловски кој е негов животен пријател и со кого имаат соработувано на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“.

Делото е напишано во девет ставови. На типичен начин го изразува музичкиот стил на Прајснер, полн е со експресивни вибрата, а во првиот дел употребува и мал машки хор, гудачки квартет, органа и перкусии. Вториот дел е спротивен на првиот, помасовен е во употребата на музичките инструменти, тука Прајснер употребува голем оркестар и голем хор за да ја пренесе својата тонска визија.

Концертот во Филхармонија ќе се изведе под диригентската палка на Емил Табаков, а како солисти ќе настапат вокалистите Билјана Јосифов, Енди Шен Лиу (Кина/Англија), Бојан Булатовиќ (Србија), Ѓорѓи Цуцковски, Александар Стефаноски, Золтан Борбељ (Србија) на оргули, Каролина Бетер (Германија/Србија) на соло блок флејта и мешаниот хор „Про Арс“.